Филмот „Една вера, еден јазик“ е добро смислен метод на интеграција на земјава во т.н. православното братство. Ова дело во тој миг беше само обид да се обезбеди долготрајноста на позитивните чувства на македонскиот православен народ кон т.н. Трет Рим во фаза на геополитичките промени на Истокот на Европа. Промените дојдоа по јасното решение на Вториот Рим – цариградското седиште на ортодоксното христијанство во однос на правото на самостојност на МПЦ во рамките на големото црковно семејство
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога пред многу години ја имав во раце книгата на бугарскиот публицист Николај Стојанов „Случајот Ванѓа – еден поинаков поглед“ (https://kupikniga.mk/product/sluchajot-vanga/) се сретнав со сведоштво за еден интересен случај, денес позначаен од претходноа. Имено, станува збор за двете приватни посети на Леонид Брежњев на видовитата петричанка во 70-тите, кога, очекувано, еден вид на домаќин бил првиот човек на бугарската држава и партија Тодор Живков. Татето, како што народот го викаше домаќинот на советскиот партискиот и државен лидер, постојано при тие посети, ослободени од други тековни прашања, според Стојанов, инсистирал само на едно – советската наука да престане да го поддржува македонскиот идентитет (јазикот и нацијата) што без сомнение постоеше во Москва! Факт е дека Брежњев одолеал на тој „пријателски“ притосок, бидејќи, советската а потоа и руската официјална наука никогаш немала проблем со тоа прашање кое и за другиот словенскиот свет и не било проблем, освен за бугарската политика и наука! Молкот на Брежњев го покажувал моделот на кој политиката на Кремљ го искажувала својот став – науката нека си го тера своето а дипломатијата ќе лавира меѓу бугарското незадоволство и реалноста на македонската посебност. Тоа се случуваше и во современите односи, оние по разбивањето на СФРЈ и СССР, кога промената на политичките ветришта бргу донеле промена на односите кои се држеа на пријателството на политичарите на двете земји, зацврстувања низ ловењето дивеч во шумите на Караѓорѓево.
Признавањето на автокефалноста на МПЦ започна од Цариград
Овој вовед е секако значаен токму во деновите кога прашањето на признавањето на МПЦ стана многу извесно, да не речеме практично решено, но дури после судирот меѓу две држави во кои е доминантно населението со православна вереисповед: агресивната Русија и нападната Украина; тој судир настана уште во 2014 година, што не можеше да не го возбурка светот на ортодоксното христијанство. Бидејќи руската црква е силен пропагатор на путинизмот, таа јасно се обиде да се пенетрира по тој почеток на отворена војна во „чување на резултатот“ во сите словенски краеви, освен, се разбира, во Украина.
Нема двојба дека во таа функција беше и појавата на документарниот филм „Една вера, еден јазик“ (https://www.mkd.mk/makedonija/politika/vo-ruski-dokumentaren-film-se-veli-deka-makedonija-e-tatkovina-na-slovenskata?fbclid=IwAR05kX69Kr5D-NWw6rY-T8fonHTw6vuJ5OH5x5B1VesLrd4ARYatU4VEcIM) на авторката Елена Валеревна Мироненко, за кого ние дознавме во декември 2021 година а кој почна да се прикажува во нашите цркви на Бадник 2922 година. Ова предизвика силни реакции во Софија, со оценка дека истиот е направен на „антибугарска основа“. Потоа следуваше одговор на руската амбасада во бугарскиот главен град дека делото го одразува мислење на авторот а не на официјална Москва. Во исто време кај нас, ама и во бугарските медиуми е веќе одомаќено сознанието дека филмот го подржала руската амбасада во Скопје! И неодамнешното интервју на рускиот амбасадор за Нова Македонија (коментирано во Цивил медиа) беше на таа линија.
Една руска приказна во Скопје, втора во Софија
Да не е таа превртливост во рускиот став во однос на историски- лингивистичкиот спор меѓу Македонија и Бугарија би се рекло дека филмот „Еден јазик, една вера“ е дело во кое би нашле и ние недостатоци, но кое е просто понаклонето кон историската вистина за темата – ширење на словенската писменост од наше тло и јазично извориште кон сите други народи кои говореле сличен јазик во Источна Европа. Тој е секако и наменски направен филм за емотивно да не придобие и да ја искаже – така да ја наречеме – длабинската врска меѓу она што би било извориште на словенската цивилизација и она што би било денес „словенското море“. Само да повториме – руската амбасада во Софија побрза да акцентира дека Кремљ продолжува со својот досегашен став за ова прашање (јазичко-национално а потоа и црковно)!
Охрид е изворот, Ладога вливот
Документарецот има три дела, не целосно симетрични. Таквата несинхронизираната приказна започнува со некаков, филмски речено „тотал“ кој ја дава современата слика на православното христијанство каде доминира, рековме веќе последниот Рим преку репортажата за стариот Варлаамски манастир на езерото Ладога. Потоа сликата се „стеснува“ како се оди кон историскиот вруток – Охрид. Да тој е наречен изворот на цивилизацијата на словенските маси, ама секако сме се’ уште под сенката на основниот постулат за моќната црква на баќушките. Македонија и сликите од неа се најприсутни во средишниот дел, откако во еден непотребно долг вовед најнапред треба да се увериме дека ширењето на цивилизацискиот пелцер најбрзо се фатил токму во руските предели, каде и живееле најмногу словенски маси, но и каде сегашната држава е најмоќна и е главниот столб на православното христијанство. Од актуелчната позиција на спорот околу идентитетот и јазикот речиси нема ништо освен што на едно место се признава дека МПЦ има спор со СПЦ, без да се објасни кој е тука главниот отпорник! Ова е само илустрација на вистинските намери на авторот (авторите) на филмот: изворот не е битен, туку вливот во сесловенското двориште каде се знае кој е „новиот“ верски поглавар.
Во првиот дел, снимен во Варлаамскиот манастир сретнуваме и двајца македонски свештеници кои се таму, во тој манастир кои ја признаваат таа хиерархија и кои во една сцена му бацуваат рака на претседателот Путин, на што тој лутито ја тргнува раката, бидејќи, тоа од аспект на религиските обичаи не е својствено за односот меѓу свештеници и оние другите, на каква и да се функција. Ама тој скандал само покажува како реално стојат работите во Руската црква и како белким треба да се одразуваат во подрачјето на словенските маси!
Ветер што стигнал преку пелагониската епархија
Во објаснувањето на тоа како ова дело се нашло кај нас во сајтот – https://religija.mk/makedonskiot-monah-vo-rusija-svedochi-za-vozobnovuvanjeto-na-golemiot-valaamski-manastir/ – стои дека истиот „ветер“ стигнал кај нас преку преспанско-пелагониската епархија а врската бил поглаварот на Варлаамскиот манастир отец Панкратија, односно неговиот прес секретар Михаил Шишков, кој овозможил и превод на делото на македонски. Иако во филмот ја има искривената идолатрија, тој кадар останува (можел да биде исфрлен, секако), токму тука е најслабата точка на отпорот кон она дека се работи за гола руска пропаганда што во една дебата дури и најголемите русофили ја признаа, додуша само како „мека“. Односот кон ова прашање може да се види и на посебен сајт (https://religija.mk/makedonskiot-monah-stana-mediumska-dzvezda-vo-rusija/).
Веројатно во Софија посебно се чувствителни на сегментот од кусото интервју на водителот со еден охридски свештеник, кој на прашањето од каде потекнуваат Климент и Наум се дава одговор – „каде ќе одите ако од секаде во бркаат – дома“!.
Генерално водителот Олег Кухарев не влегува во полемика, тој создава атмосфера која лесно се поврзува македонско и руско поднебје: манастири крај езера – Варлаам е на брегот на Ладога, па многу крстови и таму и ваму и слевање на слични молитви по црквите. Посебно е вешто направено поврзувањето на двата амбиенти со слики на деца кои се во близина на светилиштата – таквите слики од Варлаам се преклопуваат со кадрите на децата кои палат свеќи во обновениот хран на Свети Климент на Плаошник. Па, иднината на панславизмот е токму во преданоста и на идните поколенија кон религијата, кажува филмот. Секако, сликите со децата предизвикуваат нагласен сентимент кај гледачот, што оние кои го смислиле филмот секако го знаеле.
Авторката Мироненко е актерка и за тоа има академско образование. Ова е очевидно нова задача, што можеби не приближува до фактот дека за неа е можно да е ова некаков нов предизвик. Значи ли тоа дека имаме наменско дело кое треба да ги зближи двата народи и тогаш кога имаме многу поводи да се лутиме на Москва? Особено оној за тоа што во мигот Русија е држава која во јува со целиот слободфен свет и чија црква воопшто не е издвоена од таа агресивна позиција на Путин. Напротив.
Русија се чувствува комотно среде Софија и сега
Факт е дека немаме многу прилики да го чуеме официјалчниот став на руската наука, за што сме и самите виновни, со баталувањето на споменатите летни семинари на лингвистите, иако е за верување дека науката не би требало да го менува така лесно својот однос по ова прашање. Само факт е дека официјална Москва се чувствува многу комотно среде Софија, најпрво со цел да не го изгуби својот најсилен сојузник на Балканот, по традиција, промотор на панславизмот во овој дел од светот, надевајќи се дека се уште се ефикасна алатка.
Доказ за ова е фактот дека по силната реакција на бугарската официјална политика по премиерата на филмот, во кој се вели дека „Македонија е татковината на словенската азбука“. Одговорот на руската амбасада во Софија стигна веднаш, беаз да се чека ниту ден. Реакциите на бугарскиот научен крем, се однесуваат на фактот што Бугарија во филмот била целосно исклучена од научните лингвистички процеси, поврзани со Светите Кирил и Методиј, и дека во него е прикажана карта на Југоисточна Европа од IX век, на која Бугарија не е ни означена. Јасно, на таа карта не е означена ниту една државна творба туку само територии, при што е посебно значајна траекторијата преку која христијанството стигнало во просториите населени со племиња на истопчните Словени во областа на сегашната Украина и Русија, што не е назначено, освен дека првите учители стигнале во Херсон, град кој сега е добрто познат од војната во Украина! И целоасно уништен од руската армија!
Тотално заобиколена Бугарија на патот на христијанството
Силвија Недкова, бугарски филолог, која се занимава со литературна критика и новинарство на пример пишува дека „на патувањето, во кое го следат патот на кирилицата, авторите на филмот поминуваат низ Русија, Украина, Македонија, Србија, Црна Гора. Бугарија е толку темелно заобиколена, што нема сомнение дека оваа ‘творба’ има една само цел: да ѝ даде рамо на Македонија во спорот со Бугарија, да ги привлече Македонците и Србите кон каузата на ‘Втората Византија и третиот Рим’ и да создаде словенска алијанса, за која Бугарија, како членка на ЕУ, ќе биде непријател. Истата улога ѝ е одредена и на Украина, на која ѝ е посветен последниот дел од филмот“, пишува Недкова. Токму таа потенцира дека филмот се снимал со помош на руската амбасада во Македонија. И додава дека овој филм „е директен предизвик
…премиерата на филмот во Скопје, пренесена од сите македонски медиуми, исто така е индикативна – пoддршката од Русија ќе биде едно од оружјата кои Македонија ќе ги искористи во спорот со Бугарија“, оцени Недкова..
Ваквото двојство во односот на политиката кон спорот Македонија – Бугарија од страна на Москва секако само ја отсликува хипокризијата од телеграмите на претседартелот Путин кои доаѓаат до израз во честитките по повод празникот посветен на светите Кирил и Методиј и потеклото на словенската писменост! Во 2017 година повод за тоа стана руска честитка за 24-ти мај до македонскиот народ („писменоста е дојдена од македонските земји“ ) што имаше веднаш реакции од Софија, по што официјална Москва објасни дека кога се спомнува „македонските земји“ се мисли на географскиот поим.
Ова се повтори на идентичен начин и лани „Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја“– напишал Владимир Путин. Честитката ја објави на Твитер а ја пренесе руската амбасада во Скопје. Но истиот ден руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, во видео порака снимена пред тамошен споменик на Светите Кирил и Методиј, ја потенцирaше улогата на Бугарија за словенската писменост.
„Несомнено, улогата на Бугарија во формирањето и ширењето на словенската писменост, јазик и култура е непроценлива и неспорна“.
Каква клацкалка!
Јасна е политиката на Москва од Берлинскиот конгрес наваму, таа не се менува и се нарекува – империјална. Ова значи дека интересот на Русија е секогаш стамен и цврст а „наградата“ за ова ја нема или е таа наменета на оние со кусо помнење. Но анкетата на претседателот Пендаровски за тоа кои се нашите пријатели (60 отсто мислат дека се тоа Русите) покажува дека и кога нема ниту еден доказ за ова, јавното мислење се врти кон старите пансаливситчки митови и легенди. Филмовите како „Една вера, еден јазик“ се наменети да ја подржат стратегијата која – успева!
На Балканот не смее да има мир
Фактот дека и по признавањето на МПЦ- Охридска архиепископија, не секаде со изедначено именување, на што се придружи и Руската православна црква, имаме некакви не сосема јасни постапки од Москва (на пример ненадејна посета на Скопје на двајца од руските владици) што јасно покажува како вкупниот пропаганден инструментариум , посебно по 24 февруари 2022 година е во функција. Во таква констелација увозниците и воедно диструбутерите на споменатиот филм, сега зајакнати и со дозвола да отворат телевизија, стануваат посебно интересни за опсервација. Па и со наметнувањето на кавги од страна на истите свештеници во кругот на самата македонска црква, за што бевме сведоци неодамна. На Балканот не смее да има мир, а особено кога е време за отворање или одржување на повеќе од еден фронт, оној во Украина.