Никој не сака ни да мисли на поранешната нуклеарна централа каде влезот е одамна забранет. Ама за рускиот агресор тоа бил најлесен начин да стигнат од точка А до точка Б. Војниците секако ќе отидат од таму силно озрачени…
Руската армија ја зазеде нуклеарната централа Чернобил во четвртокот, на 24 февруари а еден ден подоцна нивото на радијација се зголеми, соопштија украинските власти. Окупацијата на електраната може да има „страшни последици“, објави во петокот украинското Министерство за заштита на животната средина. Се додава дека ја известиле Меѓународната агенција за атомска енергија дека изгубиле контрола над цевководите за гориво во електраната, кои се многу радиоактивни.
„Во ужасните раце на агресорите, оваа значајно количество на плутониум-239 може да се претвори во нуклеарна бомба, која би експлодирала и би претворила илјадници хектари во областа во безживотна пустина“, се вели во соопштението на АФП. „Хуманитарните последици и влијанието врз животната средина од ваква катастрофа би имале незамисливи размери – страшно би ги погодила луѓето“, додаваат тие.
Да се потсетиме дека експлозијата во Чернобил во 1986 година доведе до најлошата нуклеарна катастрофа во историјата на човештвото.
Што велат украинските власти?
Автоматските инструменти за мерење на радијацијата во Чернобил покажуваат резултати повисоки од вообичаените, соопштија украинските власти. Нивото на гама зрачење „значително ги надмина нормите“ – додадаваат изворите. Поради окупацијата засега е невозможно да се утврди зошто се случило тоа, се тврди во соопштението. Зголеменото количество на радијација е забележано во 3.20 часот по локално време, изјави Александар Григорас, претставник на Националниот инспекторат за нуклеарна енергија на Украина за агенцијата АФП.
По заземањето на електраната, вработените се евакуирани и нема повеќе информации за состојбата во црвената зона, додаде Григорас, кој ја врши функцијата заменик-началник на секторот за безбедност во нуклеарните централи.
Од Русија пристигнуваат различни информации – Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана вели дека нивото на радијација во Чернобил е „нормално“. Микаило Подолијак, советник на украинскиот претседател, претходно изјави дека тоа е „целосно бесмислен напад“ на „една од најсериозните закани за Европа денес“.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски предупреди дека таква катастрофа може да се повтори доколку Русија продолжи да напаѓа.
Нашите бранители ги дадоа своите животи за да не се повтори трагедијата од 1986 година“, напиша Зеленски на Твитер.
„Ова е објава на војна на цела Европа “ – предупреди Министерството за надворешни работи на Украина заради можноста од „нова еколошка катастрофа“.
Што може да се случи во Чернобил?
И денес главно нема живот во исклучената зона во Чернобил, појас долг 32 километри околу електраната, иако поминаа 36 години од експлозијата на реакторот. Преостанатите три реактори на нуклеарната централа беа затворени до 2000 година и оттогаш централата е деактивирана.
Нивото на радијација се уште е опасно високо, а светската јавност се потсети на оваа катастрофа пред две години благодарение на серијата одиграна на платформата HBO. Во последните две години оваа област стана популарна и за туристите.
Белата куќа соопшти дека добила извештаи во кои се наведува дека руски војници држат како заложници персонал од Чернобил. Овие сили се дел од „специјалната воена операција“ што ја започна Владимир Путин, претседателот на Русија.
Чернобил се наоѓа на 130 километри северно од Киев и може да му овозможи на освојувачот полесен пристап до главниот град.
Саманта Тарнер од проектот за национална безбедност вели дека контролата на областа не е „одлучувачка за борбите“, туку на руската војска и обезбедува коридор до реката Днепар.
„Тоа е важна операција за отворање на различни коридори за трансфер на војници и преземање контрола врз клучните точки. Тарнер предупреди дека иако никој не живее во областа на затворената централа, секоја борба може да доведе до губење на радиоактивен отпад.
Но, Русите имаат некои од најискусните луѓе за управување со нуклеарни централи во светот, забележува Клер Корхил, професорка на Универзитетот Шефилд. Таа работеше на меѓународни проекти за чистење на Чернобил во изминатите шест години, а дури трипати го посети местото. Најзначајниот успех на овие проекти беше неодамнешната изградба на купола тешка 32.000 тони околу радиоактивниот реактор. Проектот беше финансиран од повеќе од 30 земји и чинеше 1,5 милијарди долари. Корхил е загрижена дека инвазијата на Украина практично ќе ги запре овие операции. „Поминаа 30 години од несреќата, а сè уште не сме исчистиле се“, изјави таа за Би-Би-Си. „Тоа е проект кој ќе трае 50 години. Ќе биде сериозен проблем доколку луѓето не работат правилно на таа централа и не постигнат напредок со демонтажата.
Тарас Кузио, научен соработник во друштвото Хенри Џексон, вели дека окупацијата на Чернобил најдобро се гледа како симболична победа за претседателот Путин. „Путин има начин на размислување за некој кој не може да го преболи фактот дека СССР се распадна пред 30 години, а се започна по Чернобил“, вели Кузио, кој има украинско потекло. Тој стравува дека, иако Путин можеби користи нуклеарно оружје само за да го исплаши Западот, тој се однесува како „социопат“ и дека неговите потези треба внимателно да се следат.
„Она што тој го прави во Украина е без преседан. Зошто би претпоставиле дека не би направил ништо друго?“, се прашуваше тој.
Но, зошто некој би сакал нефункционална нуклеарна централа опкружена со километри радиоактивна земја?
Одговорот е географски: Чернобил е на најкратката рута од Белорусија до Киев и затоа е логичната линија на напад на руските сили. Со заземањето на Чернобил, велат западните аналитичари, Русија едноставно го користи најкраткиот пат за да стигне до главниот град на Украина. „Тоа е најкраткиот пат од точката А до точката Б“, рече аналитичарот Џејмс Актон.
„Чернобил нема воено значење“, но е на најкратката рута од Белорусија до Киев, потврди и поранешниот началник на Здружениот Генералштаб на САД Џек Кин.