Главна цел на Русија во БиХ и во регионот е да спречи проширување на НАТО. Поради тоа Москва спроти општите избори во БиХ ги поддржува оние политички сили, кои работат во нејзин интерес
ЗОРИЦА ИЛИЌ
Трката за Големата награда на Русија годинава му припадна на Луис Хамилтон кој се подготвува по петти пат да стане светски првак во Формула 1. За победа во Сочи, во истовреме со Хамилтон, додуша од трибините се бореше и Милорад Додик, кандидат на СНДС како српски член на претседателството на БиХ. Во неговата предизборна кампања имено секогаш на распоредот има средба со рускиот претседател Владимир Путин. Овојпат средбата со Путин е организирана за време на трката Формула 1 во руското летовалиште. Тајмингот беше седум дена пред општите избори во БиХ. Во оваа прилика Путин на Додик му посака „успех на изборите”, а гостинот пак му подари значка од босанско-херцеговачкиот ентитет на Република Српска, чиј претседател е Додик, која Путин веднаш си ја закачи на реверот што беше забележано од камерите. Тој одамна не крие дека се залага за независност на Република Српска, односно како што вели самиот, работи на „создавање на политичко опкружување“, поради што не верува во опстојувањето на БиХ како држава, исто како што не крие дека тој е човек на Путин на Балканот.
Тоа дека средбата меѓу Додик и Путин во Сочи не беше само протоколарно фотографирање во низата термини на рускиот претседател говори и фактот дека само две недели пред изборите во БиХ во посета беше шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Освен со членовите на претседателството на БиХ во Сарево, Лавров се сретна и со Додик во Бања Лука со тоа, според впечатокот во јавноста, давајќи му недвосмислена руска поддршка воочи изборите.
Самиот Лавров пак за време на посетата на БиХ го критикуваше „настојувањето на некои надворешни играчи на народите на Балканит да им наметнат вештачки избори кој гласи или сте со нас или сте со Руската федерација.” Лавров ја оцени како „високодржавничка“ изјавата на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини која рече дека „Балканот е територијално во ЕУ и дека тука никој друг не треба да се меша.” „Тој став е во спротивност со природното право на балканските држави да не тежнеат само кон членство во ЕУ туку истовремено да развиваат и врски со оние држави со кои сметаат дека тоа им е неопходно,” гласеше пораката на шефот на руската дипломатија која ја испрати од БиХ – земја која многу аналитичари ја сметаат дека е „најзападната точка на руско влијание во Европа.”
ИГРАЊЕ СО ОГАН Кога станува збор за БиХ и нејзината државност, Лавров нагласи дека Русија го поддржува „суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ”. Ова е изјава која е дијаметрално спротивна на сепаратистичките тенденции на еден од неговите босанско-херцеговски домаќини, Милорад Додик. „Кремљ постојано го нагласува територијалниот интегритет на земјата, но во исто време ги поддржува политичарите кои отворено се изјаснуваат против единството на земјата. Тоа е веќе играње со оган,” вели Соња Шиферс од Берлинската фондација за наука и политика. За Јасмин Мујановиќ тоа е ефтина реторика која нема поддршка во реалноста. „Руската федерација велеше дека го поддржува територијалниот интегритет на Црна Гора, па видовме што направија во 2016 година. Тие официјално го поддржуваат и територијалниот интегритет на Македонија, а точно знаеме што вушност правеа и таму. Русија вели дека се залага и за територијалниот интегритет на Украина и тоа го кажа во време кога изврши анексија на Крим,” констатира Мујановиќ, политички аналитичар од „Институтот Исток – Запад” во Њујорк.
Соговорниците на ДВ сметата дека постои јасна разлика меѓу официјалната руска политика и она што Москва го прави во пракса. А во пракса без никаков сомнеж се гледа директното влијание на официјалната руска политика на изборниот процес во БиХ вели Авдо Авдиќ, новинар на порталот Журнал. Тој вели дека ова влијание се гледа не само во редовните средби меѓу Додик и Путин пред избори и во очигледната поддршка на Путин за политичарот кој ја поткопува државноста на БиХ туку и во низа други конкретни примери: од руското влијание на Централната изборна комисија во БиХ која е задолжена од спроведување на изборите до прилив на руски капитал.
Во овој контекст Авдиќ, потсетува на врските на Додик со рускиот олигарх Константин Малофеев кој минатата година повеќепати беше во посета на БиХ се додека во мај годинава граничната полиција на земјата не му забрани влез во земјата со образложение дека претставува „закана за БиХ, јавниот поредок, јавниот ред и мир, јавното здравство во БиХ и меѓународните односи на БиХ.” Малофеев, кој се смета за човек близок до рускиот претседател Путин, како што вели Авдиќ повикувајќи се на добро информирани извори, бил вклучен во операцијата чија цел била да се осигура финансиска помош за властите во Република Српска. „Постојат сомневања дека било планирано Малофејев да купи државни обврзници од РС, за да може тамошните власти да го пополнат негативното салдо во буџетот и со тие пари да ги зголемат платите и пензиите пред избори,” тврди Авдиќ. Малофејев се наоѓа на листата лица на кои ЕУ и САД им воведоа санкции поради дејствија поврзани со дестабилизација на Украина.
Авдиќ исто така зборува и за обид за мешање во изборите во БиХ преку Хрватска. Тој тврди дека има сознанија дека со посредство на Русија во Хрватска е договорена кражба на изборите во БиХ во корист на ХДЗ во Босна и СНДС. „Хрватска речиси се наоѓа во заложничка криза поради случајот Агрокор и сите кредити кои влегле во земјата од Русија,” вели Авдиќ.
Крајната цел на тоа, според Авдиќ е на изборите за хрватски член на Претседателството на БиХ да победи Драган Човиќ, кандидат на ХДЗ од Босна и актуелен член на Претседателството кој е многу близок со Милорад Додик. Тоа дека Русија преку Хрватска остварува влијание врз изборите во БиХ го констатира и Јасмин Мујановиќ. „Некои ја сметаа за контроверзна тезата дека постои големо ниво на соработка меѓу руски елементи, ХДЗ и владата во Загреб. Но, секоја недела добиваме нови докази за тоа дека постои таква коалиција. Апсолутно сметам дека е во интерес на Русија во Претседателството на БиХ да бидат Додик и Човиќ и ним апсолутно не ги интересира кој ќе биде третиот член во таков случај,” вели Мујановиќ.
ДА НЕМА ШИРЕЊЕ НА НАТО Крајната цел на сите настојувања на Москва е јасна: да се спречи прием на БиХ во НАТО. И за ова нема разлика во официјалните ставови на Москва. „НАТО за Москва е провокација”, вели Соња Шиферс. „Москва воопшто нема сеопфатна стратегија кога станува збор за БиХ и има ограничени интереси кои се однесуват на одредена инфраструктура и во делот на енергијата. БиХ е мала земја и Русија тука нема големи економски интереси. Оттука пред се станува збор за спречување на ширењето на НАТО,” вели Шиферс.
Јасмин Мујановиќ смета дека БиХ за Руската федерација е многу важна од „една стратешка точка, а не затоа што е голема држава која има големо економско или политичко влијание, туку поради нејзината стратешка геополитичка позиција”. Мујановиќ смета дека БиХ во таа смисла е поважна и од Србија, односно дека Москва ја доживува БиХ како стратешки центар на Западниот Балкан. “Русија смета дека постојат поединци во политичкиот систем на БиХ како што е Додик и Човиќ кои ќе продолжат да ја прават БиХ нефункционална држава, а се додека земјата е нефункционална таа не може да биде членка ниту на ЕУ ниту на НАТО. Спречување на стратешко ширење на Алијансата е примарна стратешка цел на Русија не само во БиХ туку и во целиот регион.” Додава дека поради тоа од Русија се „увезува“ насилство, криминал, корупција и се останато што ја прави земјата нефункционална.
„Пред 10 години за Русија беше прифатливо земјите во регионот да влезат во ЕУ, но не и во НАТО. За жал во последните десет години се случи тоа НАТО да стане политички поважно од ЕУ. Сега влез во ЕУ автоматски се смета како влез во НАТО. Секако дека Русија не се радува на вакво нешто,” вели Игор Пеличиари, експерт за надворешна политика на Русија и професор на Дипломатската академија МГИМО во Москва како и професор на италијанскиот универзитет Урбино. Но, тој ги отфрла наводите дека Русија се меша во изборниот процес на БиХ: „Тоа стана како мантра дека Русија се меша во сите избори во Европа, дека се мешала од Брегзит, па на италијанскиот референдум и секако до Трамп. Тоа стана генерално оправдување со кои се обидуваат да го надокндат недостатокот на легитимитет кој очигледно постои на Западот. Западот всушност нема проблеми со лажнбите вести, туку има проблеми со лажни лидери и поради тоа вината сите ја бараат во Москва,” вели Пеличиари.
Како добар познавач на приликите во Русија и на Балканот, се наведува дека му се придава преголемо значење на присуството на Русија во овој регион: „Ние како да не сакаме да ја согледаме историјата на Балканот во изминативе 25 години. Русија беше најмалку вклучена во сето она што се случуваше на овие простори, ” вели тој. Додава дека е вистина дека Русија сега се обидува да го врати своето влијание на меѓународен план. „Да, таа како империја сигурно има свои интереси и на Балканот, како што ги има и во Италија, Грузија или на некое друго место во светот. Но, Балканот не и е приоритет на Русија,” смета Пеличиари. „Денес на меѓународен план повторно имаме големи игри и тука актерите повторно се Кина, Русија, Америка а и Балканот е само мала коцка на меѓународен план, ” додава тој. Со Пеличиари и неговата оценка дека влијанието на Русија на Балканот често се преценува, се согласува и Соња Шиферс: „Имам впечаток дека Русија помалку следи кохерентна и сеопфатна стратегија, туку дека реагира спонтано кога за тоа ќе и се укаже можност. Овде пред се гледам одговорност на локалните политичаи кои сметаат дека добрите односи со Москва може да им донесат успех на изборите и поради тоа и се обраќаат на Русија,” заклучува Шиферс.
БЛОКИРАЊЕ Мујановиќ и Авдиќ имаа сосем поинаков став во однос на влијанието на Русија. Мујановиќ во настојувањето на Русија да го спречи приемот на БиХ во НАТО гледа голема опасност бидејќи сметаат дека приемот во НАТО е стратешки приоритет на БиХ: „Држава која е членка на НАТО не може туку така да се распадне, како што без членство во БиХ теоретски би можела да се распадне, што би било катастрофално за целиот регион.” „Влијанието на Русија често не се преценува туку се потценува,” смета новинарот Авдиќ и тоа се однесува не само на претстојните избори. Кога станува збор за самите избори нивниот исход, според Соња Шиферс би можел целосно да го блокира патот на БиХ во евро-атлатнските интеграции. Авдиќ пак смета дека доколку победат проруските сили тогаш сигурно ќе има блокада на евро-атлантските интеграции на БиХ: “Сосем е извесна нова политичка криза и тоа не само криза туку тоа е и отворање на пат во несигурна зона.”