Обвинителството ќе докаже дека нападот не бил резултат на зовриени емоции кои еруптирале, туку е организиран и спроведен напад од страна на обвинетите, рече во воведното образложение на обвинението, ТВРДИ обвинителката Вилма Русковска
Обвинетите за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок, на денешното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
Судскиот процес продолжува на 31 август со сослушување на сведоци предложени од обвинителството. Како сведоци повикани се Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.
Обвинетиот Горанче Ангеловски, на последното рочиште одби да даде воведен збор и не го прифати бранителот, што судот му го именува по службена должност, откако на минатото рочиште тој се откажа од својот адвокат.
Претседател на судечки совет е Добрила Кацарска. Обвинителка е Вилма Рускоска.
Следното ќе биде четврто рочиште од почеток на судењето. Претходните три расправи траеја повеќе од шест часа. Во судницата беа присутни сите 33 обвинети, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.
Судскиот процес започна минатата недела со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на обвинетите.
Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Оввинителниот акт се базира на констатацијата дека на 27 април лани обвинетите извршиле насилен напад врз една од најважните институции – Собранието. Обвинителството ќе докаже дека нападот не бил резултат на зовриени емоции кои еруптирале, туку е организиран и спроведен напад од страна на обвинетите, рече во воведното образложение на обвинението, обвинителката Вилма Русковска.
Русковска кажа дека имало повеќе групи и секоја имала своја улога за спроведување на сценариото.
-Од доказите кои ќе ги презентираме ќе докажеме дека групата била предводена од Александар Василевски – Нинџа и Никола Митревски Кољо, кои заедно го планирале насилниот упад и го координирале, знаејќи дека можат да сметаат на другите обвинети, кажа обвинителката.
Во другата група, според неа, се оние кои требале да го спроведат законот, но наместо тоа се ставиле на станата на напаѓачите.
-Судот ќе се увери дека некои од нив намерно го одолговлекувале ангажирањето на дополнителни полицајци и со умисла ги тргнале професионалците. Посебна група биле пратениците кои ги отворија вратите од Собранието иако биле свесни дека напаѓачите се таму да создадат хаос, и организаторите на „Заедничка Македонија“ кои со своите потпалувачки зборови ја повеле масата кон Собранието, рече Русковска.
Се започнало во 14.39 часот
Според обвинителниот акт, се започнало во 14.39 часот, кога Благоја Василевски кој тогаш, а и сега му е телохранител на Никола Груевски од телефонски број во сопственост на владината Служба за општи и заеднички работа, му се јавува на брат му Александар Василевски Нинџа наводно да го праша за здравјето на мајка им. По ова започнуваат телефонските јавувања од Нинџа и Никола Митревски Кољо кои собираат 68 лица, припадници на патриотски здруженија во кафе барот „Дион“ во ГТЦ.
По наредба на Нинџа, Кољо со обвинетиот Младеновски заминуваат во продавницата „Камуфлажа“ од каде прво купуваат 30 фантомки,а потоа набавуваат уште 30.
Во 17 часот почнуваат протестите пред Владата од каде насобраните демонстранти се упатуваат кон Собранието. Во тоа време, во Собранието Зеќирија Ибрахими од собраниската говорница ја пее албанската химна.
– И што прават тогаш пратениците кои со месеци ја бранеа државата од т.н тиранска платформа?, праша обвинителката и одговори: ,,Ништо, тие молчат а претседавачот Трајко Вељаноски не ги исклучува микрофоните“, рече Русковска.
Кога пратениците ги отвораат вратите во Собранието влегуваат и лицата со фантомки на главата. Дел од нив одат кон прес салата каде што беа пратениците на СДСМ, ги води началникот на личното обезбедување на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, кој според обвинението бил во постојана комуникација со Чавков. Но, Чавков е недостапен за тогашниот министер за внатрешни работи Нухиу, кој му звони и му пишува пораки но тој не му одговора.
За време на насилството во Собранието, полицијата имала „наредба за пасивна употреба на сила – ова значи дека полицијата не требала да презема ништо“ рече Русковска.
Во ваква ситуација, Нухиу дава усна наредба да интервенираат специјалните полициски сили, но наредбата на министерот за внатрешни работи не се спроведува. Според Обвинителката од доказите ќе се утврди дека Чавков од почеток е информиран за сите случувања.
Целта на групата била да создадат чувство на несигурност и страв кај граѓаните и да го загрозат уставниот поредок на РМ, додаде Русковска.
Дел од адвокатите на обвинетите во своите воведни зборови рекоа дека обвинетите не го сториле делото кое им се става на товар. Нема ниту „Т“ од делото за кое ги обвинувате рече адвокатот на пратеникот Крсто Мукоски. И тој и адвокатот на пратеникот Сашо Василевски рекоа дека пратениците со ниту едно свое дејствие не го загрозиле уставниот поредок и не го спречиле изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Тие кажаа дека во текот на постапката ќе докажат дека „ не постоела умисла ниту намера за уривање на уставниот поредок“, туку дека нивните клиенти на 27 април биле на своите работни места – во Собранието .
Претходно, дел од адвокатите приговараа дека Обвинителството не ги доставило сите докази до нив, по што обвинителката Вилма Русковска ги повика да дојдат во Обвинителство и да ги земат записниците од сослушување на сведоци кои им недостигаат.
По завршувањето на денешното рочиште, обвинителката Русковска изјави дека Обвинителството делото ќе го докажува со 36 сведоци и со други материјални докази и видео снимки од телевизите и од камерите во Собранието. Истрагата продолжува и за други лица, но Русковска не сакаше да прецизира дали новата истрага ќе ги опфати и нарачателите на делото.
Од обвинетите 11 лица се во притвор, 13 се во куќен притвор, а осуммина имаат мерки за претпазливост и гаранции. Нивната намера, според обвинителството, била да го загрозат уставниот поредок и да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.
Според обвинението, Чавков како носител на „златна команда“, иако постојано добивал известувања дека во Собранието е загрозен животот на новинарите и на пратениците, со уште двајца носители на „сребрена команда“ не издале наредби за распоредување на дополнителни и специјални полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието, не издале наредба за евакуација и им овозможиле на насилниците да влезат внатре. Чавков беше притворен, но со гаранција во вредност од 600.000 евра во недвижен имот тој беше пуштен да се брани од слобода.