Масовно апсење на осомничени за незаконско уривање на автентичниот објект хотел ,,Шар Ан“, кој како дел од скопската Стара чаршија, што со закон е прогласен за културно наследство
Поранешниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор Скопје (ПУИГ) Мујо Љ. е осомничен за дивјачко уништување на културно наследство во скопската Стара чаршија, заедно со уште 10 соучесници во злосторничко здружение. Обвинителството за нив ќе бара мерки притвор. Меѓу осомничените се и актуелниот и поранешниот директор на Конзерваторски центар Скопје, како и поранешниот директор на Управа за заштита на културно наследство и ексзаменик-генералниот диретор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Осомничени се за незаконско уривање на автентичниот објект хотел ,,Шар Ан“, кој како дел од скопската Стара чаршија со закон е прогласен за културно наследство. „Шар“ е првата јавна куќа во Скопје.
Обвинителството за организиран криминал и корупција, по поднесена кривична пријава и апсење на поголема група лица, издаде наредба за истрага против 9 осомничени, а двајца се засега недостапни.
Денеска, Одделот за организиран криминал во МВР во голема акција за претреси на повеќе локации, сузби 11-члена организирана криминална група составена од лица од Скопје и едно лице од Тетово, кои подолг временски период биле вмешани во вршење кривични дела од областа на економски криминал и кривични дела против културно наследство.
Во тек се претреси и во девет фирми во Скопје. Најдена е и одземена документација, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ уреди, растителна материја, два пиштола, муниција, пари во различни валути.
Лицата кои се под истрага се на возраст од 31 до 64 години. Тие се осомничени за кривични дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.
Првоосомничениот Мујо Љ., во својство на службено лице – претседател на Одбор на директори во АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, или ПУИГ, во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година, со неизвршување на својата службена должност за заштита на деловниот простор од значење за Републиката и со намера да прибави за себе и за членовите на злосторничкото здружување противправна имотна корист, извршил незаконско уривање, односно уништување на автентичниот објект хотел ,,Шар Ан“.
Директорот на ПУИГ Мујо Љ., иако знаел дека автентичниот објект е културно наследство во сопственост на државата, со право на стопанисување на акционерското друштво, заедно со С. Љ., вработен во правно лице и Константин. Д., директор и советник на НУ Конзерваторски центар Скопје, формирал злосторничко здружување и заедно со неговите членови: Б. М., управител во правно лице и сопственик на правен субјект од Скопје, Н. И., како и Б. Е., сопственик и управител на правно лице и И. Е., вработен во истото правно лице, преземале низа незаконски дејства за незаконско рушење, односно уништување на автентичниот објект хотел ,,Шар Ан“.
Во периодот од месец октомври и ноември 2022, четворица припадници на групата како градежни работници без да поседуваат документација за дозволеност за преземање на дејствија за рушење, употребувајќи механизација извршиле противправно уништување на автентичниот објект хотел „Шар Ан“. Во исто време, двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица чија службена должност е преземање на мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект хотел „Шар Ан“, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејствие со кое ќе го запрат или спречат незаконското рушење на објектот од културно наследство.
Потоа, тие заедно со останатите членови на злосторничкото здружување: Коле Ч., поранешен директор на НУ Конзерваторски центар Скопје, Аријан А., поранешен в. д директор на Управа за заштита на културно наследство и А. У., поранешен заменик на генералниот директор во Агенција за катастар на недвижности, иако знаеле дека не постои правен основ за упис на промена во Агенцијата, подготвиле документација која ја искористиле со помош на С. С., вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, да извршат противправен упис на промена на имотниот лист од градежно изградено, во градежно неизградено земјиште и да го променат односно избришат објектот и правото на стопанисување на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор.
Второосомничениот како еден од организаторите на групата во текот на целиот период на рушење бил запознаен и се согласил со преземањето на противзаконските дејствија, од кои требало да оствари директна корист. Тој, до Агенцијата за катастар на недвижности поднел пријава за запишување на промена од т.19 – бришење на срушен објект, па кон пријавата приложил Изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и Геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од правно лице сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик директор на Агенцијата за катастар на недвижности на кој му биле познати законските постапки за вршење на упис и промени во катастарската евиденција и кој презел низа дејствија давајќи конкретни насоки и обезбедувајќи услови за извршување на промената во катастарската евиденција.
Припадникот на групата во својство на службено лице пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања презел службено дејствие и спровел постапка за упис на промена на културата на КП од градежно изградено во градежно неизградено земјиште, без постоење на правен основ за вршење на промена и без да обезбеди стручен наод од правната служба на АКН. Воедно, ги избришал податоците од графата за право на стопанисување со недвижноста во корист на АДССДП овозможувајќи му на второосомничениот да го искористи наводниот правен интерес за купопродажба на предметната парцела на која се наоѓал уништениот објект – културно наследство од непроценлива вредност за РСМ и со чие насилно уништување е предизвикана штета на државата во износ од значителна вредност од 180.000.000,00 денари (околу 3 милиони евра).
Обвинителството потсетува дека споменичката целина Стара скопска чаршија е настаната во периодот од XV до XX век врз урбана структура што потекнува од XI век. Како културно наследство од особено големо значење е добро од општ интерес за Македонија и ужива посебна заштита со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, Законот за заштита на културното наследство и други закони.
Прогласувањето на споменичката целина Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење подразбира трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, социолошките и другите научни и културни вредности, како и автентичноста, единственоста, разновидноста, интегралноста, староста и други својства, содржини и функции и спречување на дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање. За објектите во рамките на чаршијата кои припаѓаат на целината прогласена за културно наследство може да се овозможи само реставрација со обезбедени заштитно конзерваторски услови, но не и рушење и уништување.