ДЕНКО МАЛЕСКИ
Западните либерални демократии веруваат дека отвораат ново поглавје во историите на нивните држави,поглавје кое го нарекуваат „Ново општество“ – пост-христијанстко, пост-национално општество
Тие мислат дека ако се измешаат различни заедници, да речеме муслимани со домородното христијанска заедница, нешто добро ќе произлезе од тоа. Јас мислам дека нема да биде добро.Затоа донесовме одлука ние Унгарците да не се мешаме со други народи. Се работи за наша земја, наши семејства, наша нација, наша историја, наш јазик…
Ова се зборови на Виктор Орбан од Унгарија во интервју со Такер Карлсон за „Фокс нјуз“ од пред три години.
Лесно му е на Орбан: Унгарија е етнички хомогена држава, држава-нација во вистинската смисла на зборот. Јазички уникатни, блиски им се само Финците кои живеат на спротивната страна на европскиот континент. Толку се посебни што се сеќавам, кога се обидов еднаш да купам некаков сувенир, не го разбираа значењето овој интернационален збор.
Орбан, исто така, верува во создавање на коалиција на конзервативни национално-христијански демократии која ќе се одбрани од либералната која ги отвораат вратите кон странците и ги промовираат либерално-демократските вредности. Верува во „Америка на прво место“ зашто, како што вели, тогаш и Унгарија е на прво место, како што треба да биде.
Економската поддршка на новата власт во Македонија е дел од јакнење на коалицијата на европската конзервативна национал-христијанската коалиција во создавање.
Но,да нема сомневање: влијанието на таквата политика во мултинационална Македонија ќе произведува само неволји и меѓуетнички конфронтации. Зашто, ние сме сето она што Орбан не сака Унгарија да стане.
Ама нели врвните политичари на ЕУ не така дамна изјавија дека мултикултурализмот е пропадната идеја?
Идеја? Па мултинационалноста и мултикултурализмот се реалност во многу земји на Западна Европа, за Балканот и да не збориме. Како е тогаш можно да се прогласи реалноста за нешто пропаднато? Белким нешто не е во ред со идејата, со концептот кој треба да се усогласи со реалноста, а не обратно.
Едно е сигурно: македонската нација и македонската држава не се бранат според рецептот на Орбан туку со она против што е тој: либералната демократија.
Како што веќе напишав проблемот е што врз тврдата почва на Балканот не расте тоа нежно цвеќе, па без политичко водство кое влече напред кон интеграција „природно“ лизгаме кон нови и нови длабоки поделби.
Да се прогласи мораториум врз се што не е борба против корупцијата и борба за економски паст, мораториум врз етничките теми, значи да се прогласи мораториум врз политичкиот живот. Мораториум врз животот е нешто што никому и никаде не му успеало. Политичарот е како жонглер со повеќе топки. Згора на тоа, од него се бара истовремено да се движи напред.
Ако нема некаков концентриран напор за она што претходната власт го нарече „Едно општество за сите“, без никаков напор ќе имаме две општества: македонско-христијанско и албанско-муслиманско, по рецептот на Виктор Орбан.
Дали ќе ги премостува етничките и религиозните поделби или ќе ги продлабочува, зависи од државното водство на Северна Македонија.
Темата за „газда во куќата“ е дамна апсолвирана. Две нации под ист политички покрив е ѓаволски тешка работа. Немаме „melting pot“ како во Америка па сите да станат Американци. Имаме само рамноправност како темел на стабилноста и меѓуетничкото разбирање во државата. Тоа е и единствениот пат етничките Албанци да станат политички Македонци. Дали гарантирам дека така ќе биде? Не, но имаме шанса.
Можам само да гарантирам дека рецептот на Орбан е отров за Македонија.