Вашингтон: „Се надеваме дека на претстојните избори гласачите ќе бараат транспарентност и одговорност од избраните лица и ќе побараат посилна, подобра и попросперитена земја која ја заслужуваат, изјави портпаролот“
ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Со изјавата на портпаролот на Стејт департментот на САД, Вашингтон јасно укажа на тоа каде треба да се побара одговорноста и патот на Северна Македонија во забрзувањето на евроинтегративниот процес.
На прашањето дали дипломатијата на САД помага во надминување на ќор-сокакот со неможноста да се изгласаат уставните измени како предуслов за напредок во претпристапните преговори со ЕУ, портпаролот на Стејт департментот посочи дека одговорот за тоа треба да се бара на претстојните избори.
„Се надеваме дека на претстојните избори гласачите ќе бараат транспарентност и одговорност од избраните лица и ќе побараат посилна, подобра и попросперитена земја која ја заслужуваат, изјави портпаролот“, потенцираат од Вашингтон.
За да биде појасно, во изјавата од таму потсетуваат дека државниот секретар Ентони Блинкен и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан при неодамнешната посета на земјата укажале на тоа кој е патот за напредок на Северна Македонија и на неопходноста од прифаќањето на уставните измени за да продолжат преговорите со ЕУ.
САД не пропуштаа да укажат и на потребата Владата на Северна Македонија да ги преземе сите можни мерки, односно спроведувањето на реформите, „за да се постигне најдобрата можна иднина на земјата“.
Во изјава за „Фронтлајн“ и новинарот и политички аналитичар Ерол Ризаов се осврнува на ова прашање и нагласува дека „со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија, се вади милитантен арсенал за наводно предавство и распродажба на националните интереси“.
„Сведоци сме како со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија. Притоа се вади милитантен арсенал со кој се алармира јавноста за предавства и распродажба на националните интереси, на македонскиот идентитет, на јазикот, на историјата, се тврди дека никогаш нема да влеземе во ЕУ, што сè заедно предизвикува голема конфузија кај граѓаните. Тоа е сеење на отров што кај голем број граѓани предизвикува слепило да не се видат јасно работите, вели Ризаов.
Во врска со преговорите со ЕУ Ризаов вели дека тие не се „ништо друго освен спроведување во практиката на сè она за што меѓусебно се обвинуваат со децении големите партии“.
„Тука се воспоставување на: правосуден систем како што прилега на демократска држава; независно судство; владеење на правото; сведување на криминалот и корупцијата на едно ниво кое не дозволува јадење на супстанцата на државата; успешни економски реформи; праведен даночен систем; подобро образование и здравство; повисок стандард на населението; слободни медиуми; повисока еколошка свест; ефикасна администрација; современо земјоделство; изградба на комплетна инфраструктура и уште многу реформи предвидени во над 30 поглавја кои треба да се реализираат за 5, 10, 15 години, зависи од нас“, истакнува аналитичарот Ризаов.
Со оглед на успешниот скрининг и на првата фаза од поглавјата за преговори, Ризаов вели дека „за Македонија објективно е можно за шест до седум години ако има меѓупартиски консензус да се мери успешноста на секоја влада според тоа колку од овие реформи остварила“, нагласува тој со што неговото мислење се совпаѓа со прогнозите и заложбите преговорите со ЕУ да се заокружат до 2030 година.
Според него, како што вели во изјавата за „Фронтлајн“, пред изборите треба да се излезе на чистина кој за што е.
„Има сериозни сили во Македонија и во партиите и во деловниот свет и во науката кои се против членството на Македонија во ЕУ, или попрецизно кажано – против европеизација на Македонија. Тие јавноста треба да ги препознае и на изборите да ги казни. Само така може да се отвори патот кон европските вредности. Победата на тие кои се на погрешната страна на историјата води кон распад на државата“, подвлекува Ризаов во изјавата за „Фронтлајн“.