САД најавија дека еден од приоритетите на новата аминистрација ќе биде Западен Балкан, а со тоа се очекува и поголем фокус и помош во евроинтеграциите на Северна Македонија и проблемот со Бугарија. САД, според најавите, се враќаат и на старите „сојузи“
МАРИЈА МИТЕВСКА
Бугарија на состанокот на министрите за европски работи на земјите членки на ЕУ, кој се одржа на 8-ми декември, минатата година го блокираше усвојувањето заклучоци за билатералниот спор со Северна Македонија, а првата меѓувладина конференција меѓу Скопје и ЕУ не се одржа, како што беше претходно планирано. Бугарија всушност ја блокираше преговарачката рамка за земјава со барања во неа да ги има темите важни за Софија, што досега другите земји членки на унијата не го прифаќаат.
Сега се случува враќање на позициите кои ги имаше администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама и тоа се гледа и од тимот кој ќе го предводи Стејт Департментот, сочинет од искусни дипломати, запознаени со состојбите на Западен Балкан, вклучувајќи го и Бајден, вели поранешниот амбасадор Огнен Малески.
Тој, согласно најавите очекува Западен Балкан да биде еден од приоритетите на САД кои имаат незавршена работа и затворањето на целото прашање ќе биде интегрирањето на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија во ЕУ.
„Не треба да го потцениме во никој случај влијанието на САД; сепак тие се лидер во меѓународните односи и длабоко инволвирани овие последниве скоро три декади во состојбите на Балканот и разрешување на кризите. Се очекува подобрување на односите меѓу САД и ЕУ што ќе биде дополнителен импулс на побрзи интеграции на Западен Балкан. Очекуваме како во минатото да имаат редовен дијалог и координиран настап. Нешто што изминатите четири години отсуствуваше“, вели Малески.
И претседателот на Евроатланскиот совет и надворешен советник на премиерот, Исмет Рамадани вели дека Бајден и неговите блиски соработници добро ги познава приликите во регионот и во земјава, како Викторија Нуланд и се враќа соработката на САД и ЕУ, а тоа автоматски значи и влијание во регионот.
„Ако се приклучат САД, а верувам дека така ќе биде во односите на ЕУ, односно таа нивна стратегија за Западен Балкан и САД бидат од испомош, тоа секако ќе биде нешто што ќе покаже резултати. Одредени функционери кои ги познаваат кај нас приликите, веројатно ќе најдат начин, а ние знаеме што значи американска администрација, посредно или непосредно ќе влијаат да се забрза интеграцијата, односно членството на нашата земја во ЕУ. Така и треба и логично е затоа што ние сме во НАТО сојузници со САД и со земјите од регионот, како што е и Бугарија“, вели Рамадани.
На иста линија е и претседателот Стево Пендаровски кој посочи дека по победата на Џо Бајден се очекува да се засили присуството на САД на Западен Балкан.
Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мари Брнз изјави дека САД се ангажирани во регионот и во Северна Македонија со децении. Во интервју за Гласот на Америка таа истакна дека тие се интензивно вклучени во поддршката на земјата во НАТО и за приклучувањето во ЕУ.
„Јас верувам дека таквиот вид на соработка ќе продолжи, и се разбира пред се ќе биде фокусирана на нашата поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Тоа е основа на нашата политика овде, и има многу работа да се заврши, во смисла на поддршка на реформската агенда, како и да осигураме дека пристапниот процес во ЕУ оди напред“, рече Брнз.
Северна Македонија привремено ги стопираше официјалните преговори со Софија, кои треба да продолжат по изборите во Бугарија во април. Во меѓувреме заедничката комисија за историски прашања продолжува со работа.
„Дали ќе има потреба од повеќе, мислам дека ќе го знаеме тоа после изборите во Бугарија со новата Влада и колку таа ќе покаже слух за пораките од Вашингтон, но и од Брисел; очекувам и од таму ќе има одреден притисок. Во секој случај исклучително е важно координираното делување на Америка и ЕУ во поглед на Западниот Балкан и конечно и ова најгорливо прашање за нас почнување на преговори и водење членство кон ЕУ. Координираниот настап дава еден таков импулс, кој го гледаме во минатото низ примерите од централна и источна Европа кои влегоа, колку е тоа важно и колку тоа го забрзува процесот на интегрирање“, додава Малески.
Американската администрација ќе го искористи сојузот во НАТО како влијание за поефикасна во интеграцијата на нашата земја во ЕУ, а сега ни треба и помош со Бугарија, чиј однос не кореспондира со стандардите на овие сојузи и тука е нашата предност, вели Рамадани.
„Очекуваме дека и американската администрација и ЕУ ќе мора да го почитуваат тоа што е минимум стандард и критериум посебно кога се во прашање идентитет и јазик и културни особености, кои на еден начин се мото на развојот на униите и во ЕУ и во САД.
Според него, САД и ЕУ треба да го почитуваат пред се идентитетот и јазикот на земјата, а ние треба да се однесуваме мудро, паметно и достоинствено околу проблемот.
„Ние ќе мора да се однесуваме како атлантисти за да можеме и проблемот на крајот со Бугарија да го решиме на најдобар начин со сето тоа што е идентитетот, јазик и достоинство. Пред се на македонскиот народ и сите ние кои припаѓаме на државата. Тука мислам дека добро се носиме со проблемот иако од некои структури, понекогаш се манифестира повеќе нервоза и настапи кои не одат во прилог на тоа да ги сочуваме и негуваме односите, прво со сојузниците, значи со САД и со ЕУ кои рефлектираат и во односите со соседите и во случајов и Бугарија“, смета Рамадани.
(линк до целиот текст https://www.slobodnaevropa.mk/a/31085879.html)