Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

САМО ЛАЖНИ ВЕТУВАЊА НА МАКЕДОНСКАТА НАДЕЖ (2)

August 29, 2023 Filed Under: Фељтон

По Берлинскиот конгрес, кога сите други православни народи на Балканот добиле со слобода и призната државност, а повеќето од нив: Романија, Србија и Црна Гора, се здобиле со државна независност, единствено македонскиот народ остана во иста положба под власта на Османлиската држава

КУЌАТА НА РОБЕВЦИ ВО ОХРИД Тука е роден познатиот преговарач за независност на Македонија во периодот пред Берлинскиот конгрес

ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Четвртото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија се случило во пресрет на Берлинскиот конгрес во мај 1878 година. Димитар Робев, најавторитетната македонска политичка личност во овој период, пратеник во парламентот на Османлиската држава, превзел акција да ја заинтересира руската дипломатија да го покрене решавањето на македонското прашање на претстојниот конгрес на големите сили во Берлин. Неговата намера била Русија на претстојниот меѓународен конгрес да се застапи за разрешување и на македонското прашање со создавање македонска државност.

Со такво барање Робев се обрати до рускиот амбасадор во Цариград грофот Игнатиев, творецот на Санстефанската конструкција за голема бугарска држава. На средбата на прашањето за рускиот став за идниот статус на Македонија, при битно изменетите околности непосредно пред започнувањето со работа на Конгресот во Берлин, одговорот на рускиот амбасадор (кој во тоа време практично ја определувал руската балканска политика) бил дека Македонија во никој случај немало да биде дадена на било која од соседните држави. Но, не и дека нема да остане под власта на Османлиската држава. На поставеното барање Русија да се застапи за македонска државност, Игнатиев едноставно не одговорил.

По Берлинскиот конгрес, кога сите други православни народи на Балканот добиле со слобода и призната државност, а повеќето од нив: Романија, Србија и Црна Гора, се здобиле со државна независност, единствено македонскиот народ остана во иста положба под власта на Османлиската држава.

Петтото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија следувало како епилог на новото македонско востание, познато и како Кресненско, што започнало непосредно по Берлинскиот Конгрес во почетокот на октомври 1878 година, во источниот дел од Македонија.

Таму за тоа постоеле најповолни услови за континуирани востанички акции уште од пролетта 1876 година. Населението било подготвено за организирана оружена борба за ослободување и во постојните крајно неповолни внатрешни услови и надворешнополитички околности. За тоа не без влијание било чувството за исвесна сигурност од присуството на руските единици на територијата на Бугарија.

По успешниот развиток на востанието, есента 1878 година, во источниот дел од Македонија била создадена слободна територија со организирана македонска востаничка власт, со сите основни елементи на самостојна македонска државност. Македонското востаничкото раководство сметало и очекувало помош во оружје од руските единици стационирани на демаркационата линија на македонската граница со Бугарија за пренесување на востанието и во внатрешноста на Македонија. Меѓутоа, таква помош не била добиена.

ДИКТАТ Грог Игнатјев им ги диктира условите за мир на претставниците на Портата

Шестото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија се случило на крајот на 19 век, во 1898 година со познатата Виничка афера, кога била разоткрина мрежата на тајната Македонска Револуционерна Организација односно постоењето масовно тајно национално-ослободително движење.

Откривањето постоење на едно такво движење во Македонија било примено со големо изненадување од Русија и другите сили. За сите нив постоењето на организирано револуционерно-ослободително движење во Македонија претставувало директна закана за мирот и постојниот поредок во регионот. Особено загрижени биле двете големи сили, непосредно заинтересирани за Балканот, Русија и Австро-Унгарија кои во 1897 година склучиле посебен договор за зачувување на постојното статус-кво на Балканот. Нивните дипломатски претставници во Македонија постапувајќи по инструкциите од своите влади ја подржувале владата на Османлиската држава за брзо воспоставување редот во Македонија, иако тероризирано македонско население очекувало нивна заштита.

Во 1899 година следувало ново обраќање од Македонија до рускиот император со кое се барало Русија да се ангажира за ослободување на Македонија. Меѓутоа, Русија останала доследна на превземената обврска од договорот со Австро-Унгарија од 1897.

Со тоа уште еднаш се потврди дека Русија, во својата политика спрема Македонија и македонското прашање не се раководела според принципите за право и правичност туку, исклучиво, од потребите за на нејзините стратегиски интереси на Балканот и во поширокиот регион, во контекстот на глобалните односи со другите големи сили.

Останува запишано дека Русија во 19 век своите интереси на Балканот ги врзала за Бугарите и Србите и не ја признавала посебноста на македонскиот народ, а нејзината дипломатска и воена активност сведочи дека била против создавањето нова словенска држава Македонија на полуостровот.

КРЕСНЕНСКО ВОСТАНИЕ Обидот за самостојност руската војска не ја поддржа

Залагањето на Советска Русија после војната во коминтерната и со поддршката на Комунистичката партија на Југославија да не го попречи создавањето на македонската држава во 1944 година, е друга приказна, но повторно не отстапува од фактот дека тоа е само заради интересите на СССР која што и понатаму единствено што ја интересира е да го обезбеди влијанието на Балканскиот полуостров. Единствена разлика што сега оваа политика за влијание и за обезбедување на своите сфери од интерес ја спроведувала КП на Русија, е не царскиот империјалистички двор.

(racin.mk)

Filed Under: Фељтон

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet