(Оливера Николова: „Песот со тажен поглед“, Матица македонска, Скопје 2019 – Роман на годината)
ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОВСКА
Размислувам… да почнам не од филџанот на книжевното писмо на Оливера Николова, туку од неговата тацна. Историјата за оваа авторка отсекогаш била токму тоа – тацна за нејзиниот раскажувачки филџан. Помала, поголема, кршлива-нескршлива,.. ама сепак неизоставна гаранција дека чаршафот на вечноста нема да се уништи со тврдокорните дамки на нашето време. Зашто помеѓу вечноста и нашето време, Николова секогаш (ни) ја подметнува историјата.
ЗЛАТНА ЛАВА Најновиот роман на Оливера Николова – „Песот со тажeн поглед“ е величествено верен на нејзиниот модел романи со „подготовка“, со истражување, со подметнување божем обичен тенок лист хартија во фактите кој потоа, внатре, во самите факти, се отвора како цел фиктивен книжевен град. Како оние сликовници чиишто страници се претвораат во замоци и други чуда во три димензии, изникнувајќи од обична книга. Само навидум како секоја друга. „Песот со тажен поглед“ е токму таков фиктивен книжевен град изникнат на листот мушнат во „Мојот балкански дневник“ од Џ. Џонстон Абрахам/. Oваа мемоаристичка книга Николова не ја крие, напротив, со неа го започнува својот роман, заблагодарувајќи му се на Џ. Џ. Абрахам и целиот свој роман именувајќи го само како ехо на неговите спомени. На неа нѐ упатува и во единствената фуснота во романот (стр. 110), нагласувајќи дека Некои карактеристични елементи од овој дијалог се директно преземени од спомените на д-р Џ. Џонстон Абрахам. Токму таа (мемоаристичката книга на д-р Абрахам) е фактот врз кој се гради фикцијата, односно книжевното дело. Историографските фикции или псевдоисториските романи се прават со истражување, калемење, спојување, надоврзување и допишување, но… овој псевдоисториски роман се разликува од сите други од тој жанр, зашто директно комуницира со јасно наведен извор. Тој не понира во морето историски факти, туку во сведоштво на конкретно име и презиме, во дневник, мемоаристика за точно определеното време, до ден опфатено во романот. Оваа релација помеѓу романот на Николова и мемоарите на д-р Абрахам е крајно возбудлива за растајнување на жанрот, за кодирање и декодирање на книжевниот текст, за реконструкција на раскошните книжевни постапки на Николова. Сме немале олку експлицитен и очигледен пример за природата на врските помеѓу фактот и фикцијата; помеѓу туѓиот глас на сеќавање и неговото книжевно ехо. Доколку го прочитаме и дневникот на Абрахам, пред или по „Песот со тажен поглед“, сеедно, сѐ ни се подава на тацна. Обединувањето на фактите и фикцијата се служи како врвен специјалитет за вљубениците во ваков тип книжевни писма и тоа сосе рецептот.
Ова во никој случај не треба да се протолкува дека романите на Оливера Николова што влегуваат или излегуваат од историјата како хартиени градови се над нејзините романи со современа тематика. „Тесна врата“, „Домашни задачи“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Белиот чад“, „Куќичка“] и „Пешаци по црни полиња“, освен што се помногубројни, најверојатно на ниво на опус се и потипични за Николова. Но, неколкуте нејзини книги влезени во сериозни врски со историјата, се толку вешти, посебни и различни во однос на тој актуелен и малку помоден жанр последнава деценија (историографската фикција или псевдоисторијата) што, едноставно во нив многу брзо испливува Другоста, Автентичноста, Посебноста и Различноста во жанрот, а кога нешто ќе исплива на површината на „водата“, очите (дури и на критиката!) втренчено го гледаат тоа, а не „водата“ во која можат да се брцнат, да се фрлат; водата во која можат да се нурнат и да запливаат…
Џ. Џонстон Абрахам е еден од докторите кои престојувале во Скопје од ноември 1914 до март 1915 во болницата на Бритaнскиот црвен крст. Првата светска војна е во ек, ранетите од околните фронтови ги носат во Скопје, наместо во планираниот Ниш. Д-р Абрахам во детали, дури и со раскажувачка дарба, го забележал својот престој во нашиот град. Од неговите сеќавања, Николова на исклучително суптилен и творечки ингениозен начин книжевно вдомила многу нешта во својот роман:
- Атмосферата – таа е буквално пресликана и врамена во книжевен формат. Со една беспрекорна книжевна огледалност, впиена е атмосферата од мемоаристиката на д-р Абрахам и тоа некако збогатена, здушена со вешти реченици од сите страни, и озгора и оздола на мислата (помислата, замислата, умислата и смислата); таа е нагласена со впечатлив наративен акцент, извлечена и осилена од поштурите или поштедрите реченици во „(…) дневник(от)…“. Д-р Абрахам е суптилен и прецизен (за)пишувач, со вродена објективност и широк лак на согледби, ама Оливера Николова е врвен прозен мајстор. Тоа станува толку очигледно и при најбегло паралелно читање само на по една страница од „Мојот балкански дневник“ и „Песот со тажен поглед“ каде што се опишува тегобноста во самите болнички згради, во дворот или во импровизираните операциски сали;
- Калта – како метафорична опшивка на заглибеноста на ликовите во војната, болката или смртта. Таа е буквално насекаде во романот, на едно натуралистичко ниво додека ликовите газат низ неа одејќи одовде донде, од мртовец – до едвај жив, од тукушто освестен – до тукушто паднат во бессознание,.. но и на едно повисоко рефлексивно ниво како скриена метафора и материјализирана синестезија на моментните состојби и на поединецот и на општеството, и на домашните и на странците, и на докторите и на пациентите… За да може да се „пренесе“ сета таа кал во книжевно дело, да се пресоздаде во земјени, кафеави, кашести, сутемни слики од лепливи зборови и тоа така што да ни стежнат и сопствените нозе додека читаме, треба да се има моќна пишувачка рака каква што има Николова;
- Кучињата – обединети во едниот единствен пес (Ал, како што и главниот лик Алберт сака да се именува себеси), отсутен, а сеприсутен во романот, кој има посебна функција и значење, дури е и носител на насловот. Што му е песот на текстот? Што му е текстот на песот? Што му е песот на Алберт? Што му е Алберт на песот? Кој кому што и како? Песот, Алберт и текстот… и целиот свет ограден во триаголник. Споевите, премините помеѓу сонувањето и јавето се многу впечатливи. Лирски, а остроаголни. Полнозначни. Книжевното „водење“ на песот низ романот на нежно, а сигурно раскажувачко ремче е магичнореалистично;
- Капијата – маркирана во сеќавањата на д-р Абрахам, пренесена оттаму директно на самиот почеток на романот (сосе натписот Болница на Британскиот црвен крст);
- Патем-жената – епизодна личност кај д-р Абрахам, патем-жената или жената од една единствена реченица е епизоден лик и кај Николова. Нејзината судбина во дневникот зазема една реченица, во романот – еден пасус сосе мигот кога таа се решава нејзиниот маж да умре, ама да не биде сакат, зашто Ќе нема кој друг да работи на нива, ниту да оди со воловите на пазар, да ги пасе овците, да ја бере пченката. Подобро и таа да остане вдовица отколку да гледа сакат човек;
- Коцката шеќер – чудесното сведоштво на д-р Абрахам дека миг пред смртта некој пациент побарал само коцка шеќер, кај Николова е преточено во цела, прекрасна сентиментална епизода, дијалог помеѓу двата главни лика во нејзиниот роман, при што ем се карактеризира пациентот (Еден Чех, австриски заробеник, дебел, добродушен човечец, бивш селски поштар (…) зборува германски… и што сака? (…) дали сака нешто? Е па, вели, многу би сакал коцка шеќер, устата му е горчлива), ем се нијансира деликатниот однос помеѓу главните ликови со зголемување на степенот на нивната блискост. Овој прекрасен наративен детаљ е само еден од недобројните мајсторски микро-решенија на Николова;
- Хируршката емфизема – докторот ја напишал дијагнозата прецизно, писателката ја презела, детално објаснувајќи ни ја низ застрашувачки убедливи раскажувачки слики;
- Малата Црвена Жена (сосе стравот од темнината) – оваа личност, младата, ситна докторка Русинка е присутна во целиот дневник на д-р Абрахам. Николова, избирајќи ја токму неа како фактички образец за својата фиктивна главна хероина во романот (д-р Ира Павловна Зошченко), всушност, книжевно го одработила овој лик темелно и оригинално, земајќи ја само нејзината ситна става, црвената коса и стравот од темнината што бегло го спомнува д-р Абрахам. Кај Николова стравот од темнината на д-р Ира е сериозна карактеризација на кревкоста на овој лик наспроти нејзината навидум нескршлива енергија и своеглавост. Одлично вклопено, одлично искористено, облагородено до највисок стандард на убавата книжевност… Книжевната работа на Николова токму врз овој лик е возвишена;
- Скопје, градот и пазарот – односот на најновиот роман на Николова кон градот, кон Скопје, е втиснат, отпечатен, речиси изгравиран врз улиците што ги нема, со ретката дарба на Николова излеана како златна лава врз спомените и забелешките на д-р Абрахам. Крајот на 1914 и почетокот на 1915 во Скопје во современата македонска книжевност најверојатно не е „виден“ со пошироко отворени очи. Николова која ѝ направи книжевен споменик на зградата Ибни Пајко со романот „Вежби за ибн Пајко“[9], со најновиот роман му прави редок книжевен споменик на целиот град, на Скопје како симбол. Зашто Скопје не е само град на скопјани, туку е град и на сите кои биле тука, кои сакале тука, на кои им се случило нешто важно тука,.. како на нејзините ликови во „Песот…“. Иако повеќето се странци, сепак сите тие се скопјани, нивните животи, љубови, болести и смртти се вгнездени во нашиот град. Затоа и овој роман е роман за Скопје напишан со преврзано срце и со одврзани очи и зборови. Пазарот го има и кај д-р Абрахам, ама кај Николова неговите описи се такви што додека се чита, се добива впечаток дека и се шета низ него пред 104, 105 години, дури може и да се посака, па и да се купи шупелка. Сузан Сонтаг сосе почетокот на романот „Вљубеник во вулканот“ (конкретно, шетањето на еден старински пазар), може да ѝ позавиди на Николова. На микро план и овде повторно има милијарда бисерчиња, нанижани и разнижани реченици, изненадувачки согледби, вешто измалтарени ставови за љубов, за брак, за плотност, за престап…
Раскажувачот, главниот машки јас-лик (Алберт Гас), е компилација од многуте личности спомнати во мемоарите на Абрахам, можеби и сосем измислен лик само вбризган во синтагмата „австриски затвореник“ од „Мојот балкански дневник“. Истава постапка најверојтно е применета и при градба на другите ликови, првенствено на Ференц Фехер, Циганите…
Во некоја утописка иднина, најновиот роман на Оливера Николова би требало да се продава заедно со мемоаристиката на Абрахам. Тоа би бил исклучителен комплет, цела целина, нагледно средство за вистинска книжевна работа потпрена, извлечена или истечена од историски извор.
НАСАМО СО НОВИОТ РОМАН Откако се „ослободивме“ од „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, веројатно е идеално текстуално време за насамо со „Песот со тажен поглед“. Најновиот роман на Николова е нова кукла „(…) на Росица“], нова „Кадифена покривка“, нова вежба „(…) за ибн Пајко“[. Некаков микс од нејзините различни романи и истиот интерес и темелен пристап. Оливера Николова и овојпат повторно и суверено си влегува во своето писмо и како дома и како нагости. Сѐ е исто на различен начин; сѐ е различно на ист начин. Раскажувањето е така „танано“, прозрачно и префинето, рамномерно навлечено перде на двокрилниот прозорец на фактот и фикцијата. Од почетокот до крајот. А крајот е мелодраматичен, ама фантастичен, во совршена корелација со влезот во романот – влез и во болницата. Ова е филмски, мошне филмски заокружен роман. Од стоењето пред портата со натписот Болница на Британскиот црвен крст во Скопје 1914, до дијалогот во Лилиенфелд (родното место на јас-раскажувачот) во некое малку подоцнежно време од „скопското“ – време на љубов, дијалог и… правда за еден татко и една ќерка…
Сижето има бавен и долг влез. Како црвен тепих по кој мора да се мине. Сугестивното раскажување во прво лице е со една умешно контролирана лизгавост на ликот-раскажувач: се замолчува кога се очекува зборување; се раскажува кога се очекува поврзување… Речиси никој во домашната книжевност не води сиже како Оливера Николова. Никој не е толку раскажувачки стрплив и вешт да спомнува Полина една, Полина втора и… патем – третата божем случајна Полина, која на крајот станува една, прва и единствена, „(не)судена“ љубена. Полина, сестрата на д-р Ира и љубовница на јас-раскажувачот Алберт Гас, мајка на неговата ќерка Полина, а не ќерка на д-р Ира како што се мисли речиси до крајот на романот, е раскажувачка шифра, код на романот. Текстовите на Николова отсекогаш имале и и брава, и клуч, и шифра,.. и згора на сето тоа, плус и некоја анахрона потпирка, сурма, резе… За секој случај. За вистински книжевен случај.
ЦЕЛО И НЕЦЕЛО Ти си уште цел, му вели готвачот Ацо, Македонец, сакат со ногата, на Алберт, Австриец, без три прста на раката на 73. страница. Со оваа искината реченица се врзува еден моќен поттекст на романот: поделбата на луѓето на цели и нецели; на светот – цел и нецел, на љубовта – цела и нецела, а… книжевноста – цела и нецела ли е таа? Кога е цела, кога е нецела? Што значи да се биде цел во романот на Николова, во Првата светска војна, во периодот од ноември 1914 до март 1915 во Скопје? Да се биде несамоповреден и да се умре на фронтот, во ров; да се биде повреден таман толку да се избегне ровот, т.е. да се плати или преплати смртта со саката нога или со три прста на раката? Колку чини да се работи на топло в кујна, наместо да се гине на студено в ров? Една нога? Три прста? Три прста, чудно ми чудо! Да не може да пука! Да се прави невешт за тешки работи! Дури и за галење да не го бива, ако душата не му сака, ама му сакаше… (стр. 93)
Готвачот Ацо и јас-раскажувачот Алберт се нецели луѓе, ама поцели од речиси сите други луѓе-ликови во романот на кои не им недостасува физички дел од телата. Ацо си ја самоповредил ногата за да не оди во војна; Алберт си ги пресекол трите прста на раката со бајонет, за да остане во ровот на застрашувачката Прва светска војна некаде на Балканот. Оттаму почнува резот на Оливера Николова во романот; пресекувајќи го со оваа морална дилема, таа сепак го остава цел.
На крајот, време е за лупа за јасно согледување на стилските алатки во романов. Време за книжевниот занает. Гледајќи само една стилска алатка зголемена и доближена, ја осознаваме целата „работилница“ на Оливера Николова. Да се соочиме со „бајонетите“ во „Песот со тажен поглед“, како некаква лексичка, стилска и… добро наострена рима низ романот.
РИМАТА НА БАЈОНЕТИТЕ Блаже Конески чудесно ни го приближи, ни го омиле и ни го одомаќини зборот синхроницитет. Ни покажа, всушност, како се пречекува туѓ збор во нашето јазично дома. Простум, без навреди, без претерувања со пресретливост или со снисходливост. Со мерак и мерка. Синхроницитет е Јунгов термин за подударност, а подударноста, пак, е еден од синонимите за рима. Конески при пречекот на Јунговиот збор синхроницитет „послужил“ и придавка плус со именката рима (животна рима) и сѐ одеднаш се претворило во совршена средба и лингвистичка гозба за јазикот-домаќин и зборот-гостин. Потоа полека, од контекст до контекст, Конески нѐ водеше кон множината на фразата и одеднаш животните рими почнаа да се однесуваат на едночудо нивоа. Во најновиот роман на Оливера Николова има едночудо животни рими, едночудо невидливи книжевни патокази. Целиот роман, погледнат од една подалечна перспектива (но, и погледнат со лупа) се базира на животни рими на определено место во определено време да се сретнат една жена и таткото на детето на нејзината сестра. Понатаму, името на детето (сѐ додека целосно не се испише сижејната линија, а Николова е маестрална во составувањето на испрекинатите сижејни линии со задоцнување, тогаш кога таа сака, а не кога очекуваат читателот или… „моливот“), е исто со името на една љубовница на Алберт, главниот лик-раскажувач, на која тој одвај се сеќава, наспроти другите љубовници што везден влегуваат и излегуваат од креветите на неговите спомени. Полина е ќерка на истата Полина, оваа животна рима излегла од подударност и зазвучела идентично, рефренски. Но, она што сакам да го кажам, е дека името Полина до одредена точка во романот и самото функционира како римување со подзаборавената љубовница на Алберт, како синхроницитет, што отпосле станува нешто сосем друго, при целосното испишување на нарацијата што се вртка околу тоа. Ова е само вовед за да дојдам до мојата омилена рима во овој роман: римата на бајонетите, римата на ниво на дескрипција ингениозно изримувана со една суштински третирана работа во романот, а одвај неколкупати, скржаво спомната. Алберт со бајонет сам си ги пресекува трите прста на раката, а страници и страници потоа, кога зборот бајонет не што се нема изримувано со ништо друго низ приказната, туку се нема ни повторено самиот себеси; одеднаш, во една навидум бегла дескрипција на ноќно невреме искажана во бунило на јас-раскажувачот; од нигде никаде повторно се појавуваат бајонетите. Тие не се дури ни рима, туку лексичка повторливост моќна неповторливо да го разниша сижето сѐ додека не го стабилизира на своите најцврсти точки или нозе. Раздрмување на масата, за да си влезат нејзините нозе во веќе направените длапки во дебелиот тепих на текстот. Оваа фасцинантна атипична рима со бајонетите ни ја отвора и последната, најскапоцената раскажувака школка на Оливера Никлова: Спиев во бунило прекинуван од навалувањето на побеснетите гранки кои удираа во мојот шатор како бајонети со остри сечила, зашто не еднаш ми се стори дека тие го расцепуваат многукатното платно на шаторот и се устремиле врз нас, тројцата спикани во топли вреќи. (стр. 158) Гранките удираат како бајонети со остри сечила врз шаторот (врз прстите на раскажувачот?), го расцепуваат платното на шаторот (раката на раскажувачот?) и продолжуваат понатаму… Каде? Кон остатокот на реченицата во кој ќе се спомнат тројца(та) спикани во топлите вреќи, необичен пандан на трите прста. Појавувањето на бајонетите во оваа дескрипција е суптилна раскажувачка алузија на бајонетите на самоповредувањето на раскажувачот, а спомнувањето на бројот три е истото само уште подискретно поврзано со бројот на исечените прсти. Бајонетите и три се зборовите кои се повторуваат на едно крајно деликатно ниво за да му помогнат на внимателниот читател да кликне од восхит, од наративната високоумешност на Оливера Николова.
Размислувам… да завршам не со заклучок за новиот роман на Оливера Николова, туку со бајонетите кои би ги исекле последните три реченици од поговорот… или, сепак, со заклучок за местото на овој роман во целокупниот опус на Оливера Николова. Писателот во мене сака да заврши со бајонетите (дури сака и да се гледа дека последната реченица е пресечена пред да заврши), ама критичарот сака друго.
Најновиот роман на Оливера Николова не само што се вбројува меѓу нејзините најдобри романескни остварувања, туку е и некаков спој, прозно примирје помеѓу нејзините многубројни современи романи и малкуто (а навидум поупешни!) наслови во сериозна врска со историјата. Најсуптилните машко-женски односи од највпечатливите современи романи на Николова се нашле и во овој псевдоисториски роман; непрегледната, недоодна душа на жената – исто така. Машката перспектива на јас-раскажувачот во „Песот…“ само ни потврдува дека раскажувачката рака на Николова подеднакво чука (како срце), бие (како камбана) и трепери (како љубов) и за мажите и за жените, и за историјата и за совремието.