Кога либералите се впуштаат во меѓународен воен конфликт, нивниот светоглед е рецепт за целосна и бесконечна војна, бидејќи нивната посветеност на апстрактни норми прави тие да ги гледаат своите противници не само како конкуренти, туку како „апсолутни непријатели“
Во претходното продолжение на фељтонот го споменавме Марк Вајнер, кој во својата статија „Трампизмот и филозофијата за светски поредок“ споменавме дека однесувањето на Трамп е резултат на негови идеи, особено на неговите имплицитни филозофски заложби во врска со светскиот поредок. По одржаниот самит на НАТО и по самитот во Хелсинки, многу либерали беа доведени во искушение да го осудат личното однесување на американскиот претседател Доналд Трамп
Аналитичарите се навратија на филозофијата на Карл Шмит според кого таквото гледиште води кон катастрофа, дома и во странство. На домашниот фронт, причината е тоа што либералната концепција за „народ“ се однесува на сите, но исто така е неопределена. Кои сме „ние“, ако секој може да влезе во таа група на „ние“?
Шмит верувал дека овој начин на размислување овозможува приватни групи со заеднички интерес да можат да ги користат либералните државни одвнатре, а странците можат да ги заробат таквите држави однадвор – и тоа е ставот кој Трамп го постави како централен во неговата изборна кампања.
Критиките на Шмит кон либерална надворешна политика се базираат на слична анализа. Како бранители на догма која ги вклучува сите и е заснована на права, либералите се принудени да се мешаат во работите на други земји чии политики не се согласни со либералните вредности. И кога либералите се впуштаат во меѓународен воен конфликт, нивниот светоглед е рецепт за целосна и бесконечна војна, бидејќи нивната посветеност на апстрактни норми прави тие да ги гледаат своите противници не само како конкуренти, туку како „апсолутни непријатели“. Кога некој има „реален непријател“, со него може да најде компромисен начин за мирна коегзистенција, но апсолутниот непријател мора со текот на времето или да го уништите или да го трансформирате – на пример, преку концептот на „изградбата на национален идентитет“ (односно унификација и формирање на мнозинство) кој Трамп гласно го одбива.
Наместо нормативност и универзализам, Шмит нуди теорија на политички идентитет заснована на принцип кој Трамп несомнено длабоко го цени од неговата претполитичка кариера: а тоа е земјиштето.
За Шмит, политичка заедница се формира кога група луѓе согледуваат дека имаат една посебна културна особина која веруваат дека вреди да се брани со живот. Оваа културна основа на суверенитетот во крајна линија е вкоренета во посебните карактеристики на географската локација на која што живеат луѓето – на пример, земја која нема излез на море, внатрешно ориентирана, или крајбрежна земја која е ориентирана кон надвор.
Во прашање се спротивставени ставови за односот меѓу националниот идентитет и законите. Според Шмит, „номос“ на заедницата или чувството за „себе“ што произлегува од нејзината географија е филозофски предуслов за нејзините закони. Спротивно на ова, либералите ја дефинираат нацијата првенствено со нејзините законски обврски.
Претседателството на Трамп се сведува на разработување на политичките импликации на Шмитово гледиште на внатрешните и надворешните работи.
Шмитовото критикување на либерализмот најлесно може да се види во страственото залагање на Трамп и неговите поддржувачи за изградба на ѕид на јужната граница на Америка. Советниците на Трамп, како што е Стивен Милер, ја опишуваат изградбата на ѕидот како политика предводена од „љубов“, односно љубов кон американската политичка заедница, просторно јасно дефинирана.
Поконкретно, во Брисел и во Хелсинки, политиката на Трамп под влијание на Шмит беше очигледна во неговото однесување кон американските традиционални сојузници и непријатели. Шмит се залага за глобален поредок кој ја универзализира доктрината „Монро“: големите нации наоѓаат зони на географско влијание кои не може да се нарушат, т.н. Grossraum, од кои зони можат заемно да се почитуваат. Трамп се залага за меѓународен поредок на нормативен плурализам, неспроведување на интервенции и договарање, односно правење зделки.
Во овој анти-либерален поглед, нема причина да се гледа Русија како апсолутен непријател. И оправдано е поткопувањето на меѓународните институции и прекинот на соработка со традиционалните сојузници на Америка. За анти-либералите, вистинските непријатели на мирот денес се оние држави-нации и институции кои сакаат да постават надворешни граници на суверенитетот и да изградат политичка заедница во нормативна, а не во територијална и културна смисла. Спротивно на тоа, пријатели на мирот се оние нации кои се доволно силни за да воспостават политичка хомогеност во рамките на нивните граници и да го поддржат глобалниот поредок на важните суверени играчи.
Кога Трамп стоеше до Путин и застана на негова страна – против американските разузнавачки служби, тој ја одигра логичката кулминација на идеите на Шмит. А тие идеи ќе останат присутни долго откако Трамп ќе замине.
(продолжува во следниот број)