ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Барем милион и триста илјади од граѓаните, ако не и повеќе, очекуваат да се продолжат најбргу можно преговорите со ЕУ. Да не си дозволи владејачката структура да ја екстернализира сопствената блокада на патеката кон ЕУ во алатка за сопствено размножување, бидејќи така, во не многу далечна проекција веќе тотално нема да биде ни Северна, ни само Македонија, ако се разбираме што ова значи
Децата се учат да собираат користејќи ги прстињата или некои предметчиња и често можете да ги чуете како на глас ги кажуваат бројките и операциите. Со време научуваат да запишуваат во тетратка и можат да оперираат и со поголеми бројки, а полека гласното кажување станува сѐ потивко, со прескокнувања, шептење и на крај исчезнува. Прстињата, предметчињата, но и моливот и тетратката се надворешни алатки за совладување на вештината, а таа се совладала кога менталниот процес станува внатрешен. Сега никој нема многу да се замисли ако прашам колку е 3+2, да ги испружи прстите итн., туку, просто, однатре му е јасно колку е. Но, за 78 помножен со 26, малку луѓе нема да се послужат со молив и хартија, бидејќи тешко можат да ги следат последовалните дејства на алгоритмот за множење двоцифрени броеви интерно, во себе.
Виготски ја истражувал линијата меѓу екстернализацијата (со помагање на надворешни алатки) и интернализацијата на менталните процеси (внатрешна анализа), користејќи ги примерите од аритметиката и детското учење. Меѓутоа таа линија не може јасно да се повлече, всушност, користењето на надворешни алатки овозможува активација на повисоки ментални процеси внатрешно, како стратегии, повисоки алгоритми далеку над аритметичките. На пример, множењето на 78 со 26 може да е само елемент од повисокиот алгоритам за колку пари за колку литри бензин ви требаат. Оваа успешна фузија меѓу екстернализацијата и интернализацијата на менталните процеси го прави човекот единствен на планетава, при што можноста за нивна наизменична примена формира скалест алгоритам за разбирање и користење на ресурсите во неговата околина, а и на самиот него со своите таленти, како човечки ресурс, за сите и за себе.
Со крајот на формалното образование, не би требало да запре скалестата наизменичност на екстернализацијата и интернализацијата во фузија на сѐ поголема зрелост, капацитетност, но и корисност за општеството и сам за себе. Со вработувањето, работните обврски во многу бранши го бараат тоа, при што искусните се оние кои имаат поголем степен на интернализација, а воедно и поголем капацитет за екстернализација на менталниот процес со цел решавање на проблемите. Дури и токму тие две карактеристики, еден раководител на сектор може за само неколку секунди да ги процени кај вработените или кандидатите за работа, бидејќи тенденциите за екстернализирање и интернализирање ја бојат секоја емоција и затоа секоја буква од говорот на телото, тонот и изборот на зборови. А од претходната биографија впечатокот може да се дополни и со изборот на дејства.
Дека луѓето се раѓаат со однапред запишан во гените поголем капацитет за екстернализација отколку животните е јасно од многу експерименти и, заради прилично големата базична добробит од тоа (помислете колку лесно ја држите чашата со вода или лажицата, на пример), екстернализацијата е побазична отколку интернализацијата. Вторава, како во примерот со гласното пресметување на 3+2 кај дечињата, зависи од развојот на сопствениот говор, а тој пак, од формирањето на кохерентна слика од туѓиот говор, што е многу битно, бидејќи туѓиот говор станува екстерна алатка за интерен развој на мислата и говорот. До каде ќе оди качувањето нагоре по наизменичните скалички, зависи од тенденцијата за хедонизам наспроти стоицизмот на карактерот. Се разбира дека хедонизмот има пречесто елементи на „линија на помал отпор“, па развојот многу често застанува на преовладувачка психологија на екстернализација. Од другата страна, пак, и покрај стоичкиот карактер, повторно од „линија на помал отпор“ може да тргне погрешна евристика (заклучоци по пократки патишта) во интерпретацијата на околниот свет како многу строг. Така интернализацијата може да стане една стрмна удолница по која се тркала сѐ поголема топка, наместо скалило за нагоре. На пример, суеверието е полно со погрешна евристика – АКО не зборуваш велелепно за Бога, ТОГАШ ќе ти се случи нешто лошо (Ова е појака верзија од „ако зборуваш лошо за Бога, тогаш ќе ти се случи нешто лошо“). Или, ти се појавило големо мозолче на челото и си сигурен дека е некој вирус на сипаница. Сѐ тоа води во анксиозност или полоши опсесии и погрешно „знаење“ за намерите на други луѓе и затоа, за погрешна слика за околниот свет, што, се разбира, прави пречки во функционирањето.
Оваа чувствителност на насоката во која интернализацијата ќе оди е нејзина голема моќ врз нас и затоа доброто задавање нејзин правец (за нагоре) бара голема одговорност. Тенденцијата за хедонизам не може да одговори, а во стоицизмот може да се претера. Многумина ова инстинктивно го решаваат преку екстернализација на злото ОД себе. На пример, ќе се случи нешто лошо и, како што народски велиме, „ја фрлаат бељата на друг“. Некој друг е секогаш виновен, како што малите деца често прават за да се оправдаат себеси. Ова може да биде и обичен механизам за смирување и продолжување натаму, но може да биде и блокатор, ако стане основен начин за „решавање“ на проблемите. Уште повеќе, во општествената динамика, екстернализирањето на злото од себе може да стане блокатор на самото општество. Согледувам пропагандни механизми кои ја свртуваат екстернализацијата СО (алатки итн.) во екстернализација ОД (злото), преку манипулација со чувствителната интернализација на менталните процеси. А таа манипулација лесно се постигнува со помош на говорот. Така, цело едно општество може да остане незрело, автоматски користејќи си ја екстернализацијата од злото и претварајќи го менталниот процес на интернализација во обичен лов на вештерки во рамки на општествената динамика, наместо во разбирање на политичките околности, па со тоа извлекување опиплива корист за себе, како општество и држава.
Ова подразбира дека општеството не може да се развива и да напредува ако не го тера нагорниот скалест алгоритам на екстернализација СО, а не ОД, како и наизменична интернализација преку разбирање на вистината. Не може да се решаваат проблеми или конфликти со мачкање шминка на „повеќе вистини“ и „мое мислење – твое мислење“ бидејќи се оневозможува кохерентноста на мислата која е одговорна за сликата за реалноста. Контрапродуктивна е консеквентната интернализација притоа, бидејќи без кохерентноста не може да оформи „пресметка“ на што е опипливо корисно, а што е бескорисно или штетно. Нашето македонско општество е такво и никако да созрее, благодарение на постојаниот глас на ВМРО-ДПМНЕ заедно со локалните и претседателската експозитури, што на глас и на прсти постојано пресметува дека 3+2 е сѐ друго, освен 5. Екстернализацијата од злото со години беше на претходната власт – СДСМ и ДУИ беа Сатаната, а ВМРО-ДПМНЕ беше ангелот божји во сите прогласи. Ете, Сатаната им „умре машки“ и сега, и покрај убавите желби на еден водител на интервјуа за „отсега само позитивни вести“, вести се пак сега колку е лош грчкиот сосед (што не беше вест 6 години), и ангелчето што од претседателска функција го бара личното „право на слобода на изразувањето“. Или, од аспект на алгоритмот, ВМРО-ДПМНЕ е агентот во општествово кое упорно чкрта по кохерентната слика за од некохерентноста да извлече – опипливо штетни работи за сите нас, а себеси како структура да си се промовира како „решавач“ на веќе решени работи со опиплива корист. Чкртањето по сликата, се разбира оди преку анахроните вметнувања во реалноста, кои ВМРО-ДПМНЕ упорно ги нарекува „историја“. Историјата е историја, таа се проучува и стои во минатото, но вакви сосила расипувања на веќе решени работи, од кои половината се и вештачки конструкти од некоја „своја вистина“ како кутлешката свастика, СК2014, неоставање на мир на коските на луѓето од Илинден и игнорирањето на НОБ, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ вештачки инженерира интернализација на колективниот ментален процес на единките во општеството кон преференција на формалистичката неопипливост на целта (дали е Македонија или Северна Македонија), за да се игнорира опипливата корист од „Северна“. Многу јасно, тоа е придружено со екстернализација од злото, кое сега е претставено преку европските претставници коишто од своја страна потсетуваат дека нашиот европски пат може да застане (поточно, да ни тргне удолу работата).
Од друга страна, „сатаните“ кои „умреа машки“ со потпретставеност во законодавната власт и во секоја друга власт веќе, самите си тргнаа во анксиозни евристики на јавно признавање на грешки, игнорирајќи го удолниот пат на колективната интернализација на тоа дека „Северна“ некому му е вишок – аспект што ниту се јаде ниту се мачка на леб. Социјалдемократите јавно си зборуваат сега за грешки, а никогаш не ги истакнаа како што треба придобивките кои тие ги направија за граѓанството од областа на социјалната политика на пример, а заедно со тоа и во економијата, ниту пак, успеаја да се одбранат од сатанизирањето, иако постојано тврдењата за незаконски работи на Владата паѓаа во вода како лажни вести. Од аспект на интернализацијата, социјалдемократите како да си дијагностицираат самите себе вариола вера од мозолчињата, не консултирајќи „лекар“ и не погледнувајќи ги другите – напудрените и нацрвените екстернализатори на злото од себе – дека тие другите се можеби ебола за ова општество. А можеби и не се ебола, можеби се овчи сипаници кои секое општество мора да ги преболи, затоа што и покрај заостанатите долгови со „да се биде Северна или не“ ќе мора да влезат сериозно во улога на граѓанска социјал-демократија. И онака предизборните реклами на ВМРО-ДПМНЕ, од областите на политиките за доброто на граѓаните, личеа на некакви про-социјал-демократски. Што не е за чудење, бидејќи има многу „пребегани“ оригинал-социјалдемократи таму.
Затоа, во насока на одговорноста на новата Влада, како и на новата претседателка којашто прва ретерираше пред Гир за глупоста што ја направи уште неинаугурирана, секој граѓанин, барем милион и триста илјади од граѓаните, ако не и повеќе, очекуваат да се продолжат најбргу можно преговорите со ЕУ. Да не си дозволи владејачката структура да ја екстернализира сопствената блокада на патеката кон ЕУ во алатка за сопствено размножување, бидејќи така, во не многу далечна проекција веќе тотално нема да биде ни Северна, ни само Македонија, ако се разбираме што ова значи.Преоптовареноста на поединечното опслужување ќе ја распукне структурата која веќе го апсорбира македонското општество. Не е светот глупав што се организира во институции низ кои опслужувањето оди по ред, па ние сега, една капка земја со пештерци измислуваме топла вода. Патот кон ЕУ е спротивен процес на ова. А бидејќи ЕУ е суштински социјалдемократска творба по квалитет, значи дека новата власт со ВМРО-ДПМНЕ, ако не ни мачка очи со своите заложби за ЕУ, би морала да биде новата социјалдемократска опција тука, како и да се вика. Ако одолговлекува тогаш таа ја одбила ЕУ, го избришала македонското граѓанство и со уште малку злоупотреба на јазикот во несувисли екстернализации – џабе гужвите за македонски пасош. Некој многу често сакаше да кажува „прстот на глава“ – е сега е моментот за тоа. Остави ги Илинденците, Букефалите и Гебелсовците да одморат и сработените поглавја на ЕУ – на сонце!