ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Изгледа дека заборавивме како обвинителството и судот ги третираа „бомбите“, кои не не беа ниту докази, ниту беа индиции, а и „ракоположувањето“ на некои судии, веројатно беше со некаква цел…и токму затоа е неопходна брзо „проветрување“ на судовите!
Поранешниот директор на УБК не може да биде виновен затоа што му застарело едно кривично дело. Сосема нормално е да се очекува обвинет да бара начин да се спаси од прогон, но не може и не смее да има застарувања на кривични дела поради пропуст на оние кои се задолжени за кривичен прогон
Претпоставувам дека читајќи го само насловот некои ќе помислат дека се работи за апологетика, но ако се продолжи со читање многумина ќе се согласат дека Сашо Мијалков, не е и не може да биде виновен поради тоа што некои кривични дела за кои е обвинет – застаруваат!
Верувам дека уште има такви кои паметат дека цела една недела „главна тема“ во медиумите беше застарувањето на едно кривичните дела за кои се товари поранешниот директор на сега веќе непостоечката Уптрава за државна безбедност и контраразнавање (УБК), Сашо Мијалков. Најавата дека едно од делата ќе му застари веќе во март беше дигната на ниво на скандал, иако е јасно дека се работи за кривично дело за кое е предвидена максимална затворска казна од три години, (а толку време и помина) и тоа е нешто што го знаат и судот и обвинителството и адвокатите кои постапуваат во тој предмет!
Имено, најавата за застарување не е работа која не им е непозната на сите инволвирани во актуелната судска постапка, но крајно глупаво е да се верува и да се тврди дека за застарувањето е виновен самиот Сашо Мијалков.
Поранешниот директор на УБК не може да биде виновен за тоа што му застарело едно кривично дело. Легитимно е обвинето лице да бара начин да се спаси од прогон со примена на сите можности кои произлегуваат од Законот за кривична постапка, но не е нормлано застарувањата да произлегуваат од постапувањата на оние државни институции кои се задолжени за кривичен прогон.
Сашо Мијалков не може да биде виновен поради тоа што му застарело кривичното дело, дотолку повеќе што тој, неколку години наназад, редовно се појавува во кривичниот суд, на сите нивни повици. Тој може, (а законот му дава можности), да избегнува судења, но колку што ме држи сеќавањето, тој не дојде на судење само во време кога беше инфициран од корона вирусот. Мијалков не се служи со опструкции, а може! Да сакал, тој ќе ги „распрашуваше“ сите сведоци и(ли) оштетени прдложени од Обвинителството, као и сведоците кои ги предложи неговата одбрана, а такви има неколку стотици на број! Сосема доволно да „си ја тера постапката“ се до нејзино целосно застарување. Гледано од страна, однесувањето на Мијалков на судењата делува фер и коректно, ама, пусто, делото за кое е предвидена казна до три години затвор – застарело?!
Да бидеме на чисто: Јас не сум му адвокат на Сашо Мијалков, ама не сакам никому да му се импутира било што не соодветсвува со вистината, па нека е тоа и самиот Мијалков!
Јавноста е тука самата може да потврди дека тој нема вина за застарувањето на кривичното дело. Всушност, проблемот со застарување на кривични дела, ниту е нов, ниту не е непознат и според моето скромно мислење започнува уште во Министерството за внатрешни работи и тоа во оној момент кога Обвинителството ќе побара од полицијата да изврши одредени проверки, да обезбеди некакви докази…..Времето си тече, си одминува, а на „крајот од денот“ Обвинителството може да не добие ништо од бараното?!
Верувам дека многумина ќе се присетат на времето на таканречените „бомби“ кога само формално беа отворени повеќе од 40 предмети. Никој таму, со месеци, не преземаше ништо. Всушност, немаше никакви дејствија, се до денот кога сите, ама сите предмети, не беа донесени во кривичниот суд, каде со само еден потпис беше одлучено „бомбите“ да не се третираат ни како докази, ниту како индиции за случаи во кои има корупција и криминал!
Никој, па ни ден – денеска, не прашува: што се (не)се работело со месеци? Зошто „бомбите“ беа вратени во игра? Зошто на судот му требаше уште една година за да ги „испомеша“ судиите кои треба да постапуваат во предметите на сега веќе непосточекото Специјално јавно обвинителство?
Ништо од сето ова веќе не е битно, бидејќи никој и не одговараше за сето она што е наброено. Битно е дека времето истече и дека делата почнаа да застаруваат! Веќе не ни битно кој ќе им ја надомести штетата на осомничените или обвинетите!
За ништо од сето ова наведено не е виновен Мијалков! Нешто не функционира „од внатре“ и тоа нешто треба да се исправи, да се отстрани, но додека тоа да се случи предметите и делата ќе си застаруваат.
Патем, министерот за правда најави чистка! Чекаме на неа!