МЕРСАЛ БИЉАЛИ
Човештвото мора да стави крај на војната пред војната да стави крај на човештвото – своевремено кажал Џон Кенеди!
Параг Кана (Parag Khana), познат геополитички стратег, автор на книгата „Иднината е Aзиjа“, вели дека сме сведоци на големи тектонски промени во глобалната моќ. Светот погоден од две нови „светски војни“ – ковид и Украина. Светот веќе се соочува со нова студена или жешка војна во која се вклучени САД, Русија и Кина, па после војната светот нема повеќе да биде ист, дури и ако Путин биде соборен од тронот.
Теоријата на хаосот, „ефектот на пеперутката“ симболизира дека мала промена во една земја може да создаде глобални трагедии. Чумата од 14 век, која предизвика стотици милиони смртни случаи низ Евроазија, ја уништи најголемата империја досегаш позната – Империјата на Монголите. Таа чума во Европа предизвика револуционерен технолошки развој што доведе до европски колонијализам.
По Првата светска војна, Версајскиот договор и големата криза го создадоа Хитлер и над 50 милиона жртви. Втората светска војна ги создаде ОН со голем авторитет и со бројни функционални институции. Падот на комунизмот доведе до распад на СССР и некои други држави и создавање на 19 нови држави. Денес во услови на густа глобална магла, можеме да очекуваме опасни збиднувања од „ефектите на пеперутката“.
Денес, бројни светски експерти веќе ја сфаќаат можноста за уривање на постоечкиот светски поредок по Ковид и Украина. Западните и европските економии од војната во Украина може да ја доживеат судбината на изгубен патник во пустината. Отпрвин, халуцинациите дека сè ќе биде лесно – дека водата и сенката на оазата се блиску, но реалноста вози во спротивна насока! Светот повеќе нема да биде како што беше пред 2019, оти со деценија го водат грешници кои се сметаат за праведници. Секој од нив поседува онолку суета колку што му недостига разум!
Се покажа дека синџирите на снабдување и пазарите на развиените земји се многу повеќе поврзани отколку што се мислел. Пазарите во земјите во развој видно се ослабнети,а тоа ја ослабува целата светска економија. Пентагон и НАТО сега веруваат дека во Украина ќе има долгорочна војна, и дека САД и нивните сојузници ќе мора подолг период да се спротивстават на руска агресија. „Долго ќе бидеме вклучени во овој конфликт, а за нас тоа ќе биде разорна војна“ – вели Стив Хол, поранешен шеф на операциите на ЦИА за Русија.
Таквата долга војна ќе биде тежок тест за единството на НАТО и ЕУ. Фактот дека 63 републикански членови на Претставничкиот дом, главно поддржувачи на Трамп, гласаа против резолуцијата за поддршка на НАТО, веќе предизвикува стравувања за тоа што би значело враќањето на поранешниот претседател во Белата куќа за НАТО. Резолуцијата го поддржува НАТО и го повикува Бајден да ја „зајакне посветеноста на таа организација“ за „одбрана на демократијата“ во Европа.
Денес светот се соочува со поопасни предизвици од кога било досега. Американскиот министер за финансии Џенет Јелен предупреди на „големите последици“ што војната во Украина ќе ги има врз глобалните резерви на храна и енергија. Високите светски цени на енергијата и храната, кои веќе се искачија на висока инфлација, може да имаат длабоки политички импликации, вклучително и за судбината на демократијата во самите САД, што може да се рефлектира во наредните избори во САД. Глобалните економски последици почнаа да ги поткопуваат постојните економии. Директорот на една од најголемите компании во светот „Blackrock“ – Лери Финк, кој управува со најголемото портфолио на средства во светот од 10 трилиони долари, предвидува прекин на економските врски што го поврзуваат светот. Пандемијата ги наруши глобалните синџири на снабдување, предизвикувајќи пораст на инфлацијата. Сега, острите санкции за руската економија нема да го казнуваат само Путин, туку ќе предизвикуваат голема негативна реакција и кај земјите што ги примениле.
Цените на енергијата нагло пораснаа бидејќи Русија сега е исклучена од поголемиот дел од светскиот пазар на нафта. Бајден го оправдува зголемувањето на цените со потреба од казнување на Путин, во обид да го релативизира незадоволството кај гласачите пред распишаните дополнителни избори во ноември. Неговото претседателство – родено од пандемска криза – сега се соочува со многу голем предизвик – Москва. Не, без причина британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, повика на преиспитување на безбедносната позиција на Западот. „Ерата на соработка со Русија заврши“, рече таа. „Потребен ни е нов пристап кон безбедноста во Европа, заснован на сила, одбрана и превенција“, рече таа во Брисел.
Ако војната продолжи, тогаш 2023 година ќе биде година на голема криза, предвидуваат аналитичарите на Пентагон. Она што сега се зборува за можното запирање на конфликтот во Украина ќе личи на „замрзнат конфликт“, како оној на Босна по Дејтон. Тогаш, дури и по 2023 година, светските цени на нафтата ќе останат над сто долари за барел, додека Европа ќе се бори да се ослободи од руската енергија со засилување на напорите за обновливи извори на енергија, вклучувајќи ги и нуклеарките.
Наредната зима може да ги принуди земјите од ЕУ да започнат со прилагодување на снабдувањето со енергија, што нужно значи рецесија. Високите цени на нафтата и сега продолжуваат да ги лутат американските и европските граѓани. Демократската партија ризикува да ја загуби контролата и врз Сенатот и во Претставничкиот дом на изборите во ноември. Затоа, се чини дека американската страна е поверојатно да се согласи со тоа, завојуваните страни да го прекинат конфликтот на неодредено време. Но, европските лидери претендираат да стават крај на економската рецесија нудејќи ѝ на Русија укинување на санкции за повлекување од Украина.
Се претпоставува дека мировните преговори предводени од Франција, Германија, Турција и Израел ќе траат долго. Москва бара гаранции дека НАТО ќе престане да носи оружје за украинските сили и да го повлече ставот од 2008 година за прием на Украина и Грузија во Алијансата. Но, САД нема да се откажат лесно од тоа, иако Зеленски вели дека сонот на Украина за членство во НАТО повеќе не е остварлив. Се чини дека Зеленски прифаќа неутралност ако петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција), плус Германија и Турција, гарантираат за безбедноста на Украина. Но, Зеленски во никој случај не е подготвен да ја признае независноста на отцепените региони на неговата земја Доњецк и Луганск. Затоа овие преговори најверојатно ќе заглават по овие точки. Вашингтон тогаш ќе ги дуплира испораките за украинските сили, додека Франција и Германија се уште се надеваат дека ќе постигнат договор со Москва. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц предлагаат поширока мировна конференција која ќе ги ажурир разговорите за контрола на оружјето меѓу НАТО и Русија. Нивната цел е да се избегне нова Студена војна во Европа, која би ја предизвикала цела Европа. Но, Вашингтон се спротивставува на идејата за широка конференција бидејќи многу американски надворешнополитички елити мислат дека Путин не платил доволно за неговата авантура во Украина. Водечките членови на Конгресот (дури и од двете партии) го повикуваат претседателот да не ги укинува ни најблагите финансиски санкции кон Русија – потег што Макрон и Шолц веруваат дека е потребен за да се донесе мир.
Како резултат на кризата, економскиот раст на ЕУ, по рецесијата 2022/23, се очекува да биде помал од еден процент годишно, додека САД околу два проценти, а Кина паѓа под пет проценти. Така, глобалниот раст ќе падне под четири проценти, што е сериозен знак дека светот ќе стагнира во подолг период. Сега немирите ескалираат и во делови од Африка и Блискиот Исток кои се зависни од украинскиот извоз на пченица.
Москва и Пекинг, пак, ја продлабочуваат економската и политичката соработка. Кина го проширува својот меѓубанкарски платен систем за да овозможи двете соседни земји да го заобиколат меѓународниот платен систем SWIFT. Русија и Кина вложуваат поголема трговија со дигитални јуани, намалувајќи ја потребата за долари. Кина, исто така, ги расчистува руските златни резерви, за кои се верува дека вредат околу 100 милијарди долари, претворајќи ги во јуани што Русија би можела да ги искористи за купување кинеска стока. Кинескиот претседател Си Џинпинг сега гледа придобивки од Студената војна со САД.
Но и тука нема трајно пријателство. Доколку Русија значително ослабне, може да се отвори апетитот на Кина за ненаселениот Сибир како „ветена земја“ за пренаселената Кина, кое веројатно би имала свој „амин“ од САД.
Сега во играта се уфрлува и неформален блок на земји – Индија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Виетнам, Турција и Бразил. Повеќето од овие земји одржуваат добри односи со Русија и покрај притисокот од Западот да се изолира Москва. Зависни од трговијата со Кина, овие земји сакаат добри односи со Пекинг. Но, војните, климатските промени, заедничките економски предизвици, глобалните технолошки стандарди – ја отежна помошта за посиромашните земји. Интернетот дополнително се распаѓа бидејќи растечкото ривалство меѓу САД и Кина ги турка нив да се обидат да привлечат што е можно повеќе земји на своја страна. Сето тоа има име – деглобализација.
Од друга страна, мултинационалните структури во светот ослабнуваат. Од Обединетите нации, Светската трговска организација, Светската здравствена организација и селиот светски поредок. Би било крајно оптимистичка прогноза да се надеваме дека големите сили ќе ги унапредат мултилатералните институции за полесно да се справат со идните шокови. Иако ММФ привремено ја поврати својата важност, претпазливиот макроекономски надзор ќе го убие овој оптимизам. Светската банка сега е бавна и со недостиг на ресурси. Остануваат два можни патишта: создавање на нов светски поредок со различни функционални механизми или натамошно потопување во опасна глобална апокалипса. Затоа една нова меѓународна конференција сега изгледа како спас.
При такви околности, регионалните проблеми ќе бидат значително маргинализирани, бидејќи не се ни знае што ќе се случи утре. ЕУ ќе се соочи со големи потреси. Овдешните регионални држави ќе пловат без компас. Косово ќе го загуби вниманието, Србија ќе го загуби „големиот брат“, БиХ ќе го загуби разумот, а Црна Гора се! Сега веќе ништо не е трајно! Сите држави се плашат, оти не можат да се надеваат многу на стратешките партнери, бидејќи и на ним им гори под нозете. Сега сите сфаќаат дека мирот никогаш не умира по природен пат, туку поради тоа што е многу тешка да најдете здрав разум во болен ум! (Плусинфо)