Победи проза посветена на другоста и потребата од еднаквост и тоа во самиот финиш на изборот меѓу 43 дела

Романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска во издание на „Или Или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јанесвски“.
Како што известивме во финалето влегоа три авторки кои порано или сега се дел од професорската фела. Кица Колбе (родена Барџиева) беше асистент на професорот Старделов а како можен добитник влезе со романот „Проштевање“. Огнена Никуљска (родена Чашуле) е пензиониран професор на Филолошкиот факултет а во финалниот избор влезе со романот „И ѕирка и проѕирка“ а професорка на истиот факултет е и добитничката на овогодишната награда – Калина Малеска со „Светот што го избрав“. Сите три дела влегле во последниот круг на избор со ист број на гласови на членовите на жирито (со по пет гласови „за“). Конечниот избор е резултат на гласање со мнозински број.
Делото на Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да го избере, стои во образложението на жири- комисијата. Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен и маестрално напишан, и толку потребна книжевна согледба за ранливоста и моќта на човековата микрокосмичка положба во макрокосмосот на системот, стои во образложението на жири комисијата за наградата во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева.
„Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само што не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена ги напушта соругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи во чија комисија хонорарно соработува и Леона“ изјави Лидија Димкоска, претседателка на жири комисијата.
„Чест ми е исто така што многу прашања што ги сметам за важни, како што се образованието, односот кон Другоста, кон различностите, општествените стигми, идентитетот, принудните релокации, еманципацијата и многу други теми кои што ми беа важни. Теми за кои многу размислував да ги вообличам во еден книжевен текст, тоа е овој роман беа препознаени и од страна на членовите на жирито и од страна на читателите“ изјави Калина Малеска, добитничка на наградата „Роман на годината“.
Наградата „Роман на годината“ се доделува по 26 пат. Годинава на конкурсот се пријавија 43 романи. Во финалето за наградата влегоа и романите : „Простување“ од Кица Колбе во издание на „Или-или“ и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски во издание на„ Антолог“ .
„Сите пребрзо ја забораваат војната. Затоа се повторува“ е поднасловот на книгата во која писателката, плетејќи ја приказната за простувањето, во однос на главниот лик заклучува дека „тие часови на единствената заштитеност во мајчиниот јазик, за него беа во тоа време единственото чувство за татковина“.
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот.
Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, Скопје, 2005 Магор, Скопје, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe, (Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018, 2023). Снегот во Казабланка е добитник на наградата Роман на годината 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 г. е номиниран за наградата Балканика.
„И ѕирка и проѕирка“ на перофесор Никуљска е искрена и топла приказна создадена од многу свои делови кои понекогаш човекот (читателот) заборава дека се составен дел од неговиот живот. Низ страниците на книгата се забележува мозаик од животни моменти и рефлексии кои се толку човечки, вистинити, сродни – стои во најавата за ова дело
Потоа се додава – ова не е обична приказна. Ова е своја приказна. Тоа се одломки од секојдневието и одломки од главата. Приказна во книга во која се истражуваат улогите во животот на една жена и како таа се поставува со нив. Сите нејзини моќни и помалку моќни страни, карактеристики на кои сме свикнати и оние кои ни се нови на нас. Како таа храбро раскажува за она што се случува во животот, но и во главата на една жена која има бујна фантазија, а цврсто стои со нозете на земја.
Членовите на жирито беа однодушни дека трите дела се одраз на актуелните дилеми што ги носи стварноста.