Најмала штета од пандемијата ќе претрпи Македонија, чија економија се проценува дека ќе забележи пад од 1,4 до 3,2 проценти. Закрепнувањето од ефектите на пандемијата „ковид-19“ е можно на среден рок, но како што се посочува во извештајот, се ќе зависи од должината на блокадата, како и од мерките преземени од надлежните органи на државите од регионот за справување со последиците
Земјите од Западен Балкан ќе бидат погодени, како и остатокот од светот, од последиците на пандемијата на корона вирус, па и тие ќе паднат во рецесија. Oваа година и би можела да забележат пад на бруто-домашниот производ (БДП) до 11,3 проценти, соопшти Светската банка.
Како што е наведено во најновиот Редовен економски извештај на Светска банка (РЕР), кој користи основно и неповолно сценарио со оглед на високите неизвесности предизвикани од пандемијата, регионалниот економски раст на Западен Балкан се предвидува да биде негативен и веројатно ќе се движи помеѓу -3 и -5,6 проценти.
Ваквиот пад се предвидува под услов пандемијата во Европа наскоро да започне да забавува, што тогаш би значело дека рестриктивните мерки можат да бидат укинати до крајот на јуни и дека закрепнувањето може да започне постепено во втората половина на 2020 година.
Најлоши се проекциите за Косово, кое во случај на поповолно сценарио го очекува пад на БДП од 4,5 проценти, а во случај на неповолен развој на ситуацијата падот би изнесувал дури 11,3 проценти.
Слични прогнози важат и за Црна Гора, која во случај на брзо запирање на ширењето на коронавирусот, очекува економски пад од 5,6 проценти, а во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото, падот би бил дури 8,9 проценти.
Слични се и предвидувањата за Албанија, каде што можат да сметаат на пад на БДП од 5 односно 6,9 проценти. Босна и Херцеговина ќе биде малку подобра, со проектираните стапки на пад од 3,2 односно 4,2 проценти. Србија очекува негативна стапка од 2,5 односно 5,3 проценти.
Најмала штета ќе претрпи Македонија, чија економија се проценува дека ќе забележи пад од 1,4 до 3,2 проценти.
Закрепнувањето од ефектите на пандемијата „ковид-19“ е можно на среден рок, но како што се посочува во извештајот, се ќе зависи од должината на блокадата, како и од мерките преземени од надлежните органи на државите од регионот за справување со последиците.
Според Регионалниот економски извештај (РЕИ) што Светската банка го објави денеска, Северна Македонија се очекува да влезе во рецесија во 2020 година со прогноза за негативен раст на земјата додека и натаму се соочува со економските влијанија на пандемијата на вирусот ковид-19. Растот во земјата за оваа година, според документот, се прогнозира да биде меѓу -1,4 и -3,2 проценти, при што се дава основно и неповолно сценарио во однос на високата несигурност што ја носи пандемијата.
„Во основното сценарио се претпоставува дека епидемијата во Европа ќе почне да забавува доволно брзо за мерките за ограничување да бидат укинати до крајот на јуни и во втората половина на 2020 година да може да почне постепено закрепнување. Неповолното сценарио претпоставува дека епидемијата опстојува и мерките за ограничување може да се укинат дури на крајот на август, а економската активност да се врати дури во последниот квартал на 2020 година“, е наведено во извештајот.
Регионот на Западен Балкан се очекува да влезе во рецесија во 2020 година, при што се предвидува сите шест држави дека ќе имаат негативен раст, бидејќи тие продолжуваат да се справуваат со економските влијанија на ковид-19 пандемијата. Регионалниот раст во регионот на Западен Балкан се предвидува да биде меѓу -3 и -5,6 проценти.
„Интензитетот на рецесијата зависи од траењето на пандемијата во Европа. Иако е тешко да се предвиди економското влијание на тековната пандемија во регионот, нема дилема дека оваа пандемија предизвикува штети врз животот во регионот, главно погодувајќи ги здравствените системи, парализирајќи ја економската активност и поткопувајќи ја добросостојбата на луѓето“, вели Линда Ван Гелдер, директорка во Светска Банка за Западен Балкан.
Таа додава дека на среден рок, во регионот се очекува забрзување на растот со постепеното враќање на економската активност во нормала, но тоа зависи и од должината и од интензитетот на тековната криза, како и од тоа какви чекори ќе преземат креаторите на политиките за справување со оваа пандемија.
Според извештајот на Светска банка, рецесијата во Северна Македонија, како и во сите земји на Западен Балкан ќе биде предизвикана од значителниот пад како на домашната, така и на надворешната побарувачка во текот на пандемијата. Преработувачката индустрија, заедно со туризмот, трговијата и недвижностите се најлошо погодени, а економијата се соочува со намалување во вториот квартал за дури 11,5 проценти.
И ограничувањето на патувањата и мерките за социјално дистанцирање имаат негативно влијание врз услугите кои сочинуваат околу 50 отсто од вкупната вработеност во земјата. Се предвидува и намалување на дознаките од странство, бидејќи работниците во дијаспората ги губат своите работни места во земјите каде што работат или имаат пониски приходи.
Главниот ризик за сите земји во Западен Балкан е дека продолжената пандемија, како и подлабоката рецесија во Европската Унија, би можеле да предизвикаат тешко контролирање на оваа економска криза.
„Брзи, храбри и внимателно обмислени мерки за ублажување можее да ги ограничат социјалните и економските влијанија на кризата, но тие треба да ги земат предвид условите во земјата и несигурноста околу должината на траење на кризата. Северна Македонија веќе издвои околу два процента од вкупниот БДП за поддршка на домаќинствата и бизнисите, но може да биде потребно повеќе, доколку пандемијата и натаму ја забавува економската активност во земјата и регионот. Плановите за членство во НАТО и почнувањето на преговорите за пристапување во ЕУ би требало да ги поттикнат како реформите, така и довербата на инвеститорите, трасирајќи го патот за побрзо економско закрепнување откако ќе заврши кризата“, се вели во извештајот.
Во него се вели дека објавените краткорочни мерки се неопходни и усогласени со одговорите на политиките во земјите на ЕУ.
„Меѓутоа, повеќе луѓе во Западен Балкан зависат од самовработување, работа на определено време и од приходи од неформални активности. Овие групи се ранливи од кризата, но тешко е да се поддржат преку конвенционалните мерки. До средината на 2020 година, Северна Македонија треба да остане фокусирана на справување со пандемијата обезбедувајќи медицински материјали и кадри, воведувајќи мерки за ограничување за да се забави ширењето на вирусот и да се намали оптоварувањето на здравствениот систем. Истовремено, земјата треба да се стреми кон фискална стабилност, да обезбеди пристап до финансии и да ги заштити луѓето и бизнисите“, се нагласува во извештајот.
Според документот, дополнителна поддршка – добро прилагодена на локалниот контекст – може да биде потребна за да се поддржат ранливите групи во земјата.
„Имајќи ја предвид несигурноста околу траењето на кризата, креаторите на политиките во Северна Македонија и насекаде се соочуваат со дилема – искористувањето на целокупниот расположлив фискален простор за ублажување на директните влијанија може да биде многу неефикасно ако кризата потрае. Поради тоа, политиките треба да се калибрираат за да се ублажат директните влијанија, да се изврши прилагодување на новата реалност што може да се појави и да се остави простор економијата да се подготви за закрепнување“, стои во извештајот.
Извештајот се фокусира на макроекономските влијанија на ковид-19 во земјите од Западен Балкан, утврдувајќи ги условите за дополнителна анализа. Серија белешки на Редовниот економски извештај што ќе се однесуваат на влијанијата врз конкретни економски области, социјални сектори и врз сиромаштијата и дистрибуцијата на приходите во регионот ќе биде објавена преку електронски настан во мај