Што се предвидува во Германија, Франција и САД за раздвижување на економијата
Американскиот претседател Доналд Трамп е меѓу оние кои најгласно зборуваат за рестартирање на економијата која е најголема во светот.
Лидерите на повеќе држави изразија желба повторно да ги отворат своите економии, но заедно со здравствените експерти предупредија дека треба да се внимава тоа да не се направи пребрзо за да не се ризикува повторно разгорување на инфекциите на оние места кои почнаа да го ставаат вирусот под контрола.
Германската канцеларка Ангела Меркел планира да дозволи повторно отворање на дел од училиштата на 4-ти мај, а слични планови имаат и други европски земји. Таа вели дека некои од продавниците можеби ќе отворат наредната недела.
Во Канада премиерот Џастин Трудо рече дека земјата се уште не е подготвена да ги намали рестрикциите. Ги замоли граѓаните да бидат трпеливи велејќи оти треба да почекаат уште неколку недели.
Бруто домашниот производ (БДП) во извозната велесила Германија се очекува да падне за околу 10 проценти во вториот квартал, откако мерките за справување со коронавирусот ја парализираа глобалната економија, оценуваат водечките германски експерти. Намалувањето на БДП во вториот квартал ќе биде двојно поголем од оној за време на финансиската криза во 2008/2009 година и ќе биде најголемиот откако започна анализирањето на тие параметри на почетокот на 1970-те години.
„Пандемијата ќе предизвика сериозна рецесија во Германија“, предвидуваат шесте водечки германски економски институти, откако економијата веќе забележа пад од 1,9 проценти во првиот квартал во однос на минатата година.
Франција веќе се наоѓа во техничка рецесија, соопшти Народната банка, откако официјалните податоци потврдија дека економијата се намалила за 0,1 отсто уште во последниот квартал од 2019. Во првите три месеци од годинава, француската економија паднала за уште 6 проценти.
Рецесијата се дефинира како два последователни квартали на економско намалување. Според Народната банка, ова е најлошиот резултат на земјата од 1945 година.
„По 10-годишен раст годинава ќе забележиме рецесија“, изјави германскиот министер за економија Петер Алтмајер. Тој предупреди дека брзината на економското опоравување ќе зависи од олеснувањето на мерките за ограничување на движењето.
Како и бројни држави во светот, Франција и Германија преземаа драстични мерки за спречување на ширење на вирусот, наметнувајќи изолација, ограничување на движењето, затворање на училишта, продавници и фабрики.
Оптимизам за 2021?
За секои две недели во изолација поради вирусот, француската економија се намалува за околу 1,5 проценти, проценува тамошната Народната банка. Само во последните две недели од март, економската активност во земјата се намали за 32 проценти. Гувернерот на Народната банка, Франсоа Вилерој де Галау очекува дека април ќе биде „исто толку лош“ како и март.
Германија очекува економијата годинава да загуби околу 5 проценти, но експертите со доза на оптимизам прогнозираат дека земјата е добро подготвена да ја издржи кризата. Веќе во 2021 година се очекува раст од 5,8 проценти.
Владите во Париз и Берлин веќе изготвија огромни пакети за поддршка на фирмите и работниците. Германија изготви пакет од 1,200 милијарди евра со кој се даваат и државни гаранции за кредити, помош за работниците и директна поддршка на најтешко погодените фирми. Но и покрај мерките, институтите предупредуваат од последици врз пазарот на трудот. Невработеноста годинава може да се искачи на 5,9 проценти, а 2,4 милиони работници веќе се работат со скратено работно време.
Американскиот претседател Доналд Трамп е меѓу оние кои најгласно зборуваат за рестартирање на економијата која е најголема во светот. Се очекува денеска да најави нови насоки иако здравствените експерти велат дека намалувањето на рестрикциите на почетокот на мај би било пребрзо и дека на крајот одлуките ќе бидат во рацете на гувернерите на сојузните држави.
Во САД работите одат сосема поинаку. Претседателот Доналд Трамп, во тоа се здравствените експерти единствени, не је сфати навреме доволно сериозно корона-кризата. Дури на средината од март, кога воведе забрана за влез на луѓе од Европа, тој отстапи од својата реторика во стилот „тоа е само грип“. Тогаш, меѓутоа, се’ уште велеше дека сака повторно да ја отвори земјата за Велигден. Велигден дојде и помина, а неговите советници за здравство, за среќа, го убедија да не избрзува со отворањето на земјата во полза на економијата.
Сега Трамп најавува програма во три фази со која треба постепено да се олабавуваат строгите правила за дистанца. Името е целта: „Повторно отворање на Америка“. Најдоброто во оваа програма, која нема временски рокови, е што сојузните држави треба да управуваат со процесот на отворање, а не владата на Трамп.
Републиканскиот гувернер Лари Хоган неделава за Си-Ен-Ен рече: „Мора да ги слушаме лекарите и научниците.“ Да ги слушаме научниците! Тоа за Трамп, се разбира, е тежок концепт. Но, што се однесува до корона вирусот, се чини дека во моментов, изненадувачки, тој се обидува да го прави тоа. Сојузните држави, пред да почнат со првата од трите фази на отворање, мора да исполнат одредени критериуми, како пад на бројот на инфицирани во период од 14 дена и доволно тестови за вработените во здравството. Постепено ќе може да почнат да се отвораат и рестораните (прво со ограничен капацитет), училиштата и на крајот старечките домови.
Кога точно нешто ќе биде дозволено и колку ќе траат трите фази ќе одлучуваат гувернерите на сојузните држави. Конечно, разликите помеѓу кризни жаришта како Њујорк и големите празни површини на Монтана се големи. Дава надеж тоа што за целата земја нема да одлучува Трамп, кој е фиксиран на својот реизбор, а со тоа и на брзото рестартирање на економијата.
Но, тоа важи само ако американскиот претседател не ги стави гувернерите под притисок доколку смета дека тие не ги туркаат своите сојузни држави низ трите фази доволно брзо. Озборување на Твитер и зајадливи странични удари на прес-конференции се недозволиви. Дали американскиот претседател ќе може да се воздржи, останува да видиме.
Трамп минатата среда беше критикуван од поранешниот претседател Џими Картер и од милијардерот Бил Гејтс за одлуката да го суспендира финансирањето на Светската Здравствена Организација (СЗО).
Картер испрати соопштение во кое вели дека „СЗО е единствената меѓународна организација способна да ги предводи напорите за контрола на вирусот“. Гејтс, кој е голем финансиер на СЗО, рече дека одлуката е „опасна како и што звучи“. САД се најголем придонесувач на СЗО со повеќе од 400 милиони долари во 2019-та што е околу 15% од вкупниот буџет.
Трамп ја обвини организацијата со седиште во Женева дека не успеала да обезбеди независни извештаи за потеклото на вирусот во кинескиот град Вухан и дека наместо тоа се потпирала на официјалните извештаи на Кина. Официјален Пекинг на почетокот се обиде да ги забошоти опасностите од новиот коронавирус. Трамп рече дека финансирањето ќе биде суспендирано до завршувањето на истрагата за начинот на кој СЗО се справува со кризата.