ДЕНКО МАЛЕСКИ
Не ми е толку грижа за маките на политичарите колку за маките на цел еден народ кој, во недостиг на водство, се наоѓа во состојба на конфузија
Со свирежи и со погрдни зборови кон претседателот на државата почна чествувањето на Илинден на Мечкин Камен на почетокот од деведесеттите. Една возрасна жена дури успеа да го испрска со „непозната течност“ која, всушност, беше вода од пластично шише. Што бранеше толпата разјарени луѓе? Меѓу останатото, ја бранеше Македонија од „предавството“ на комуњарите кои се обидуваа да најдат компромис со Грција околу името.
Гневните луѓе ја бранеа Македонија од Киро Глигоров, претставникот на генерацијата партизани која ја создаде македонската држава и, после столетно колебање, го прогласи раѓањето на македонската нација во рамките на федерална Југославија.
Во тие почетни години на нашата независност им позавидев на Словенците и на Хрватите кои си ја доведоа во ред својата приказна, ја кренаа високо антифашистичката борба и ги осудија злоделата на комунистичкиот систем. Ние никогаш не најдовме време да си ја доведеме во ред македонската приказна. Во свирепите меѓупартиски битки покажавме дека сме спремни дури и да го исфрлиме бебето (државата) од коритото, заедно со валканата вода на комунизмот, па не спасуваа странци. „Комуњари“ стана омрзнатиот збор во политиката, години откога целиот западен свет заборави на кумунизмот. Ама ние не забораваме и упорно ја искушуваме својата судбина како да ни стои на располагање целото време на овој свет.
Да знаеш, ми вели претставник на партизанската генерација уште во осумдесеттите, без нашето дело немате на што да стоите. Нивното дело, пак, инспирацијата ја црпеше од Илинден и борбата за слободна Македонија. Сите химни на народите на социјалистичка Југославија ја избришаа историјата и пееја за социјалистичката преобразба. Само една од републиките, НР Македонија го опеваше минатото и револуционерите на ВМРО. Младата генерација „јужносрбијанци“ од времето меѓу двете светски војни, апсена од Србите и, подоцна, од Бугарите, ја прифатија идејата на Гоце Делчев за слободна македонска држава исто онака како што ја прифатија и идејата на Крсте Мисирков за посебна словенска македонска нација и јазик. Со време, митот на Делчев станува посилен од историските факти кои се пред нас за секој да ги види, а митот за миленумската македонска нација посилна од зборовите на Мисирков за „национален сепаратизам“.
Денеска, на роденденот на Гоце Делчев, и актуелниот македонски претседател беше исвиркан. Претседателот тоа го оквалификува како нешто најнормално во една демократијата во која политичарите се платени да истрпат. Не ми е толку грижа за маките на политичарите колку за маките на цел еден народ кој, во недостиг на водство, се наоѓа во состојба на конфузија.