„Се боревме да нема семоќни личности, кои се над законот и над останатите граѓани. Се надевам дека со нив расчистивме, сега е поважно да не се создадат нови…“, вели Ѓорѓи Лазаревски, еден од двајцата „свиркачи“ кои ги обезбедија материјалните докази за скандалот „Бомбите на Заев“.
„Патриотизмот е интимно чувство, исто како љубовта! Треба да покажеш и докажеш дека го имаш, а не да го декларираш постојано и гласно!“, вели во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик, Ѓорѓи Лазаревски, тивок човек, поранешен главен инженер во Управата за безбедност и контраразузнавање, кој стана еден од хероите на борците на Шарената револуција што се одвиваше под мотото „Нема правда нема мир“.
Минатиот месец, при доделувањето на Наградата за слобода на говорот за Лазаревски и за неговиот колега Ѕвонко Костовски, од Коалицијата за заштита на укажувачите/свиркачите, составена од 30 граѓански организации и групи од 13 држави од Југоисточна Европа, Макс Ворт, координатор и директор на оваа регионална организација која е посветена на правната заштита на укажувачите и на истражување на случаите на корупција и на прекршувања на законот кои произлегле од нивните информации, потенцираше дека „случајот на свиркачите Лазаревски и Костовски е еден од најзначајните“.
Лазаревски пак, скромно смета дека слушајќи ја совеста, ја исполнил професионалната должност, а дека сите тешкотии што ги претрпеле тој, Костовски и нивните семејства, не биле залудни – во споредба со обезбедувањето на материјални докази за масовното прислушување, кои спречија „најлошиот случај на автократија“ во Македонија, според него, да прерасне во диктатура!
Глас на Америка: На македонската јавност ѝ станавте познат како еден од свиркачите, двајцата професионалци од МВР, кои обезбедија докази/снимки за незаконското прислушување на политичките противници, но и на илјадници граѓани, од раководството на МВР во време на Владата на Груевски. Зошто се одлучивте за таков ризик кој можеше да резултира и со лична и семејна жртва?
ЛАЗАРЕВСКИ: Основна причина за реакција беше чувството на одговорност. Целиот работен век дотогаш, над 20 години, го имав поминато во Управата за безбедност и контраразузнавање, сектор/оддел за оперативна техника. Работев со коректни и стручни колеги, во здрав амбиент, каде се ценеше знаењето и се напредуваше според учинокот. Не дека го идеализирам тој период, но тоа што се случи во 2006 година, при промената на власта, дотогаш го немав видено. За многу кратко време средината се смени, се донесоа премногу нови луѓе, други луѓе беа прераспределени на несоодветни работни места, многумина од нив, по извесно време поднесоа оставки, средината стана непрепознатлива… Единствен критериум за сите смени беше лојалност кон одреден центар на моќ, а се пренебрегнуваше стручноста и минатиот труд. Се создаде атмосфера на страв, мобингот стана нормална појава, непотизмот исто така… Раководната функција се доживуваше како сопственост врз институцијата, а не како одговорност.
Во таков амбиент, деградиран на ниво на почетник, бев многу разочаран од тоа што се случуваше, но бев силно мотивиран да ги докажам моите вредности и затоа работев професионално. Со секој изминат ден, сè повеќе сфаќав дека институцијата се злоупотребува на разни начини и дека е комплетно заробена. Но, истовремено бев свесен дека имам одговорност да најдам начин да се спротивставам. Кога дојде вистинскиот момент, тоа и го сторив, иако бев свесен за ризикот кој го преземам и притоа ги загрозувам моите најмили.
Глас на Америка: Како одмазда на тогашната власт, 11 месеци бевте во притвор, поголемиот дел од тој период – во самица. Во тоа време, имавте и чувствителна семејна ситуација… Која беше Вашата идеја – водилка, што Ве држеше во живот?
ЛАЗАРЕВСКИ: Јас бев единствениот линк кој ги поврзуваше најавените „бомби на Заев” и УБК. Доколку јас не укажев дека сум соработувал со Зоран Верушевски (екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање), „бомбите“ ќе останеа да висат како паднати од небо, создадени во „жолтите комбиња“! Во тие моменти имав екстремно чувствителна семејна ситуација, поради сериозни здравствени проблеми на член на моето семејство, но најтешкиот период веќе беше преброден и јас го направив тоа што ми го налагаше совеста. На 7 февруари 2015, мојот колега Ѕвонко Костовски ми организираше состанок во МВР, на којшто укажав на надлежните дека во Одделот за оперативна техника се врши нелегално тонско снимање, дека во подолг период заедно со Ѕвонко собиравме докази за нелегалните активности и дека тие докази јас му ги предадов на поранешниот директор на УБК Верушевски. Инаку, јас и Ѕвонко, заеднички решивме дека токму Верушевски е човекот кому треба да му укажеме за нелегалните активности кои ги забележавме, а одлуката како тоа да стаса до јавноста на безбеден начин и како да се обезбеди судска разрешница, му ја препуштивме нему.
По нашето укажување во МВР, без проверување на вистинитоста на нашите тврдења, јас и Ѕвонко на 8 февруари 2015 година бевме уапсени и бевме одведени во притвор. На 9 февруари 2015 пукнаа првите „бомби“ кои предизвикаа огромно внимание во јавноста, а мислам дека за тоа сериозно придонесе и фактот дека при нашето апсење, јавно беше обелоденето дека нелегалните снимки потекнуваат од системите за снимање во УБК.
Товарот на истрагата беше речиси целосно насочен врз Ѕвонко, бидејќи тој беше актуелен вработен во МВР, а јас 16 месеци пред тоа, дадов оставка под притисок и закани, но тоа беше и тактичка одлука која ја донесовме заедно со Верушевски.
Притисокот врз Ѕвонко, како што подоцна разбрав, бил сериозен, но според сите мои анализи, тој рационално се справи со ситуацијата и бргу донесе една мудра одлука, која подоцна ќе се покаже клучна за расчистување на институционалната криза во Македонија. Тој прифати да биде осуден на 3 години затвор со спогодба која само ја покажа пристрасноста на Обвинителството, беше сериозно нотирана во Извештајот на Прибе и мислам дека беше клучна за засиленото внимание на меѓународната заедница. Со таа спогодба, привремено во јавноста се спинуваше дека случајот е решен, но многу бргу се виде дека тоа бил очајнички обид вината да се префрли на друг. Не знам дали некој ќе ми верува, но во истиот момент кога ја прочитав пресудата на Ѕвонко, знаев дека нема да бидам осуден. Тоа ми даде комоција да ги охрабрам вистинските сторители да помислат дека го избрале вистинскиот пат кон избегнување на одговорноста. И мене ми беше понудена спогодба, јас се согласив да се појавам пред судија и таму демонстративно ја одбив одговорноста, со образложение дека не сакам да прифатам туѓо кривично дело. Тоа задоволство го платив со 10 месеци самица, но верувајте, вредеше!
Инаку, за илустрација дека имаа и други опции, ќе употребам твит од еден истакнат правник: Замислете, по првите „бомби“ да заиграа паметно, да сменеа 5-6 души, отвореа 3-4 истраги, започнеа „реформи”… Уште ќе беа на власт, тешко нас!
Моја идеја-водилка во истражниот затвор беше дека сум невин и дека само прашање на време е кога ќе излезам. Успеав да се изолирам од непријатната средина со многу читање литература и следење вести со транзистор, дневен печат, неделници… Го делев времето од посета до посета на најмилите, најбитно ми беше да ги видам дека се здрави, дека цврсто се држат и веруваат во мене. Заедно ја чувствувавме позитивната енергија која се создаде во јавноста, со ширењето на „Вистината за Македонија“ и покрај медиумската блокада. Во срцето знаев дека наскоро пак ќе бидеме заедно и дека ќе биде се во ред!
Глас на Америка: Што е за Вас патриотизам? Ваша дефиниција за професионалност, посветеност на службата, лојалност?
ЛАЗАРЕВСКИ: Патриотизмот е интимно чувство, исто како љубовта! Треба да покажеш и докажеш дека го имаш, а не да го декларираш постојано и гласно. Мислам дека секој кој вистински ја чувствува љубовта, го чувствува и патриотизмот како една форма на љубов. По таа аналогија, професионалност е љубов кон професијата, посветеноста и лојалноста се љубов кон службата и институцијата на која ѝ припаѓаш.
Во мојата кариера, уште како приправник, презедов обврски да воведувам нови технолошки решенија, неразбирливи за претходната генерација инженери, мои раководители… Потоа, станав предводник на новата генерација инженери и техничари, со кои несебично го споделував знаењето и создавав тимски дух. Секогаш гледав да им овозможам на помладите стручно да напредуваат и ги поштедував од стресни ситуации, преземајќи дел од обврските. Во кариерата напредував без никакви протекции и исклучиво со свој труд и заслуги. Мислам дека придонесов за зголемување на капацитетот на службата и од технички и од функционален аспект.
Од септември 2006, иако деградиран, со голем ентузијазам работев на имплементација на Системот за контрола на патници и возила (СКПВ) на граничните премини. Не сум нескромен кога велам дека тој систем профункционира заради мене, иако немав раководителски ингеренции, ниту стручни соработници. Имам впечаток дека ми беше дадена задача – со цел да не успеам. Бев истовремено растоварач на опремата, распакувач, склопувач, мрежен интегратор, систем инженер, администратор, тренер, одржувач, консултант, контакт со производителот, контролор на квалитет, дизајнер на софтверски решенија, спроведувач на надградби… На сите гранични премини беше оставен мојот телефон, како прва опција при проблеми со системот и добивав јавувања во вистинска смисла на зборот – 24/7. Моја најголема сатисфакција е што по сите адаптации кои ги извршив за функционалноста на системот, особено по отклонувањето на причините за забелешките на инспекциите испратени од Европската унија, системот ги задоволи критериумите – Република Македонија да добие безвизен режим! За тој успех добив и унапредување во главен инженер во март 2012.
Ете, тоа јас го сметам за патриотизам, професионалност, посветеност, лојалност!
Но, премолчувањето на криминал не спаѓа во горенаведеното. Јас сметам дека секој што е сведок на криминал, а од различни причини не укаже или посведочи, е соучесник, подеднакво одговорен како извршителот!
Глас на Америка: „Бомбите“ сè уште немаат разрешница… Груевски е неофицијален лидер на опозицијата, според медиумите, неговиот роднина Мијалков, поранешен прв човек на УБК е сè уште моќна личност во државата, а Вие и по пет години, и понатаму сте без работа…
ЛАЗАРЕВСКИ: Околу разрешницата, не би се согласил со вас во целост! Покренати се многу обвиненија, многу истраги се во тек… Не треба да се брза, побитен е квалитетот на постапката, отколку избрзана пресуда. На крајот на краиштата, секој има право на фер судење, дури и оние кои тоа им го ускратиле на другите.
Јас искрено се надевам дека и актуелната опозиција ќе расчисти со оние луѓе кои ја доведоа во ситуација да ја загубат власта заради нивната неодговорност и криминално однесување.
Ние сите се боревме да нема семоќни личности, кои се над законот и над останатите граѓани. Се надевам дека со нив расчистивме, сега е поважно да не се создадат нови.
Јас сум зачуден што моето враќање во МВР е блокирано, без никакви правни пречки. Сите знаат дека јас поднесов оставка во „МВРО“, а не во МВР. Баш би сакал некој да ми објасни што е проблемот, дали пораката е дека сите што не се спротивставија се добрите, а јас сум го оцрнил образот на службата!
Глас на Америка: На 23 март, Меѓународниот ден на свиркачите, за време на Неделата на слободен говор (19 до 24 март), во Приштина, во Косово, ја примивте Наградата за слобода на говорот од Марк Ворт, координатор и извршен директор на Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа. Што за Вас значи таа награда?
ЛАЗАРЕВСКИ: Многу ми значи наградата затоа што доаѓа од европска организација за заштита на правата на свиркачите, од три причини.
Прво, заради подигање на свеста во македонската јавност дека свиркачите мораат да бидат заштитени и да бидат охрабрени, да не се плашат. Пријавите треба да бидат сериозно процесуирани и потребен е поголем капацитет на државата да се справи со криминалите на кои ќе се укаже.
Второ, чувствувам дека со нашето дејствување, ние навистина придонесовме за поголема слобода на говор во Македонија. Името – „Награда за слобода на говор“ е сосема соодветно на ефектот на ослободување од самоцензурата кај граѓаните, особено на социјалните мрежи.
Трето, Звонко Костовски е најголемиот јунак во оваа македонска приказна, а истовремено и најголема жртва. Тој сè уште има статус на осудувано лице и ја чека правдата која во неговиот случај е бавна. Ми беше голема чест што се согласи да ја примам наградата во негово име. Се надевам дека следната ќе ја примиме заедно!
(Гласот на Америка)