Со првата се бара укинување на Резолуцијата усвоена од Собранието на РСМ а со втората се поднесува претставка против Резолуцијата за мигрантите

ДЕРХАН МУРАТОВ
СДСМ минатата недела поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на неуставната Резолуција на ДПМНЕ и ЗНАМ усвоена во Собранието.
– Кога Уставниот поредок и основните човекови права се загрозени, потребна е заедничка акција. Денеска СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција на ДПМНЕ-ЗНАМ усвоена во Собранието. Конкретно, за повреда на дел 1 од Уставот, членот 16, кој ги гарантира: слободата на говорот, слободата на јавниот настап, слободата на уверувањето и јавното изразување. И кој забранува цензура во секаква форма, посочи генералниот секретар на СДСМ, Александра Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека резолуцијата е неуставна и претставува сериозна закана за демократијата.
„Неуставната Резолуција е директен напад на слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата во целост, преку цензура. За тема од исклучителен јавен интерес. Граѓаните тоа многу добро го знаат, за еден договор со Британија за кој јавноста дозна од британските медиуми, поврзан и со заем од 6 милијарди евра. Оваа тема никако не може да се третира како создавање паника и како закана за јавната стабилност. Не може Резолуција во Собрание да биде против „наративот на опозицијата“ и да се заканува повикувајќи се на кривичен законик, прекршоци и кривични пријави заради искажан збор, посочи Димитријевиќ додавајќи дека Уставниот суд мора да ја укине оваа неуставна Резолуција.
СДСМ поднесе претставка до Уставниот суд и против резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за мигранти.
Според Тренчевска, ДПМНЕ-ЗНАМ во Собранието усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата
Од пред Уставниот суд во Скопје, потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, испрати порака дека СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор.
„Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија и демократијата. ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и политичкото дејствување на опозицијата. Целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани дебата за ‘договорот – мигранти за пари’, спречувајќи вистината да излезе на виделина“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека секој кој јавно зборува за мигрантите се таргетира со закани за кривични пријави и затвор, поради што властите забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството.
„Кога се носат неуставни резолуции против опозицијата, тоа е автократија – вовед во диктатура и режим. СДСМ нема да го дозволи тоа и ќе се спротивстави заедно со граѓаните“, нагласи Тренчевска.

Таа најави дека ќе се поднесе претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок, бидејќи предавничката Резолуција е спротивна на Уставот, особено во делот на основните човекови слободи и права на граѓаните, вклучително и слободата на изразување.
„Понатаму, ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции, вклучително и до институциите на ЕУ и до сестринските партии во Европа. Со сите демократски алатки и механизми што ни стојат на располагање, ќе се бориме за Македонија, за слобода и демократија. Борбата продолжува“, заклучи Тренчевска.
Во согласност со тоа, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на својот Фејсбук профил додаде:
„Удривме во осино гнездо. Ја откривме најголемата предавничка операција што се подготвувала и денес можеме да кажеме дека таа веќе е потпишана. Паниката во редовите на ДПМНЕ е толку голема што не бираат средства – лажни вести, измислени афери и закани со затвор за секој кој ќе зборува. Ние го разбираме секој член кој се најде во тешка ситуација и нема да се пресметуваме со него, но на патот на правдата никој нема да нè запре. Македонија ќе ја вратиме во рацете на народот“.
Со ова, СДСМ ја јасно става позицијата дека неуставната резолуција е неприфатлива, а партијата ќе користи сите демократски алатки и механизми за да ја одбрани слободата на говорот и демократијата во земјата.
(civilmedia.mk)




