БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Низ историјата, многу често, лидерите се дефинирани според тоа на кој начин одговарале на големи кризи, експлозии од кризи, со кои се соочувале самите тие, нивната држава, светот.
Стравот со кој се соочени денешните светски лидери не ја намали, барем последнава недела, нивната свесност дека местото во историјата кое тие сега ќе си го запишат самите е запис за добробитот на сите, што е единственото важно- кога мислите и решенијата им се вперени исклучиво на сопствените граѓани.
Постои само еден пат и една цел за политичките лидери во оваа војна во која сме сите заедно- да се мисли на два суштински проблеми- спасување животи преку итно и ефикасно справување со Корона вирусот и паралелно, фокусирање на економските мерки.
Погледајте ги Франција, Германија, Шпанија и останати земји- нивните лидери соопштувајќи ги мерките за борба против Корона вирусот, во исто време ги најавија итните финансиски инјекции кон сопствените граѓани, сосема свесни дека паниката на населените за заболување од вирусот се натпреварува со паниката на секој еден човек за сопствен економски колапс.
Постојат спротивставени тези во научната мисла за потпаѓањето во состојба на паника- политикологот Иван Крастев смета дека таа е неопходна, добредојдена, целисходна, зашто само така луѓето ќе ја сфатат сериозноста, ургентноста, алармот со кој сме соочени. Наспроти овие политиколошки, социолошки и историски анализи, психолозите (кои исто така, се разбира, се водат од емпириски докази) предупредуваат- паниката води кон нерационални потези, неконтролирани, води кон хаос- прво сопствен и потоа се урива на целото општество.
Во вакви времиња, кога се менува се од светот што го знаевме, дури и сосема политичките системи- особено славењето на демократијата, на сцена стапуваат како најважни две сили: научната мисла- авторитетот на медицината (која низ историјата секогаш ја победувала црквата) и цврстата рака, силата на државниот апарат- полицијата, војската, и сега веќе пожелната, авторитарност на политичките лидери, колку да е застрашувачки тој факт.
Во нив, и само во нив се вперени очите на светската популација- во нив се гледа спасот и крајот на агонијата.
Оттука, во оваа мапа место за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски не би имало. Поточно- нема, во сегашно време. Неговите изјави и на самата партија дека медицинскиот кадар на неговата партија не се користи, обвинувањата и подметнувањата за тендери за респиратори упатени кон министерот за здравство, Венко Филипче, можат најбрзо да го однесат до дното, многу помолскавично од ширењето на самиот Корона вирус во светот. Еднакво како и изјавите на Александар Николовски од оваа партија, кој беше директно демантиран од ОН- неговата лажна вест дека соопштиле дека мерките кои ги презема Владата не се доволно рестриктивни.
Не се работи само за нивно лично политичко дно, не, тоа е најмалиот проблем во оваа драма.
Неодговорноста, несоодветноста, штетноста на политичката функција која тие, особено Мицковски, ја поседува, може да има катаклизмички размери и последици за целата држава.
Критичкото преиспитување на владеењето и потезите и одлуките на власта- инструменти и оружје кои ги поседуваат опозицијата и медиумите се секогаш добредојдени, се разбира, дури и во најголeмата криза со која може да се соочи една држава. Но, ширењето на лажни вести, лажни обвинувања, малициозност, тенденциозност, манипулација, злоупотреба на политички функции за сопствени интереси и цели во ваква криза- е директен удар, предизвикување на хаос од кој нема враќање.
И некогаш е предоцна дури и да се извинат и да ги повлечат своите тешки зборови, кои може само да повлечат во пропаст. Но, никогаш не е предоцна да се санкционираат сите оние кои шират паника, говор на омраза, лажни вести- нивното ширење може да биде поопасно од сите вируси на овој свет, од сето зло кое натежнува во политиката.
Нека се потсетат на книгата на Албер Ками- “Чума”- како само може да не спаси вистината на која се потпира човечноста, покрај се, кога се останато може да се изгуби.