Градоначалничката на Скопје упорно одбива да одговара на тема- какви се финансиите на градот, со оглед дека постојат сериозни индиции дека од скопската каса треба да се подмируваат долгови од времето на Коце Трајановски
СДСМ минатата недела излезе со ново соопштение во кое предупредува дека на Град Скопје му претстои банкрот.
– Советот на Град Скопје кон крајот на минатата година за оваа 2023 година изгласа буџет од 700 милиони денари или над 100 милиони евра. Денес, неколку месеци подоцна, Град Скопје за првпат во историјата е со блокирана сметка и му се заканува банкрот“, велат од партијата и посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори каде се потрошија парите на скопјани. – Таа партија ги има сите управни и надзорни одбори во претпријатијата и установите, таа партија го има мнозинството во Советот. Ситуацијата во речиси сите скопски јавни претпријатија и установи е катастрофална, а директна одговорност за тоа имаат ВМРО-ДПМНЕ и кадрите на шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски. Дури и наследените проекти како мостовите на булеварот АСНОМ и улицата Љубљанска, реконструкцијата на Универзална сала, клучката кај Момин поток, стојат нечепнати повеќе од една и пол година – велат од клупите на градската опозиција.
Потрошен буџет и нереализирани проекти, е те што значи кога ВМРО-ДПМНЕ ќе добие шанса да раководи со народните пари, истакнаа од СДСМ.
Градоначалничката Арсовска вчера демантираше дека на Градот му се заканува банкрот и порача дека во Советот на град Скопје функционира „коалиција“ СДСМ -ДПМНЕ, за која како што вели е, коалиција против граѓаните која секој месец се финансира со по 500 евра по советник за една седница на која не гласаат за проектите кои се важни за подобар град, токму од парите на граѓаните на градот Скопје.
– Вакво лицемерие е неприфатливо и недозволиво, нагласи Арсовска.
Како последицас на ваквата позиција ќе згасне акционерското друштво за енергетика на Град Скопје „Градски енергетски системи“ (ГЕС), кое беше формирано од ексградоначалникот Петре Шилегов и требаше да ја преземе дистрибуцијата на парно греење. Поради незаинтересираноста за него на градоначалничката Данела Арсовска и необезбедувањето пари за негово функционирање, раководството и акционерите побараа да се донесе одлука за престанување со работа. (Веројатно таа постојано смета дека централната власт треба да ги плаќа бесконечно трошоците кои таа треба да ги покрива, би се рекло).
Директорот на акционерското друштво Гоце Трпчевски пред советниците во Советот на Град Скопје на собранието на акционери рече дека поради незаинтересираноста на градоначалничката Арсовска, ГЕС не може да функционира и затоа плаќа казни. Нема вработени, сите си дале откази бидејќи со месеци не земале плати. Цела година не се усвоени годишните извештаи и завршната сметка за 2021 година, а веќе е завршена и 2022 година.
АД ГЕС беше формирано во време на Шилегов за да ја преземе топловодната мрежа во Скопје, да се вклучи во гасификацијата на градот и да креира енергетски политики како една од мерките за решавање на проблемот за загадувањето во Скопје.
Откако лани Регулаторната комисија за енергетика ја одзеде лиценцата за работа на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и беше распишан оглас за преземање на топловодната мрежа, Арсовска, иако има претпријатије за оваа дејност рече дека нема да учествуваат на повикот. Потоа, парното во Скопје наместо Градот го презеде државната ЕСМ.
„Ни стигна казна од 2.000 евра за друштвото и 500 евра за мене како раководно лице од Комисијата за хартии од вредност бидејќи ГЕС не е функционално, не ги извршува обврските. Имаме долг од 120.000 денари кон институции, а пари немаме. На сметка имаме 14.000 евра, но тие се добиени за проект за енергетска ефикасност на домаќинствата“, рече Трпчевски.
Советниците, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа сега ГЕС и со оглед на фактот дека Арсовска нема концепт за негово функционирање, не предложија нови членови, ниту пари за негова работа и беше одлучено на наредната седница односно на собранието на акционери да се донесе одлука за престанок со работа.
Во екот на дебатите во Советот на град Скопје градоначалничката Данела Арсовска од говорницата во Советот на Град Скопје изрече недоветен збор за карактеризирање на нејзината критичарка, од редовите на СДСМ – Љубица Јанчева.
„Ако сте уличарка не мора никој да ве трпи тука“, ѝ рече Арсовска на Јанчева во дискусијата за блокадата на сметката на Град Скопје.
Јанчева во дискусијата бараше Арсовска да даде извештај за финансиската состојба на Градот и праша зошто не дава извод од дневната состојба.
Арсовска во кавгата рече дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во коалиција против неа и им велеше дека Градот е во одлична финансиска состојба, нема блокирана сметка, но не достави никакви документи за тоа.
Јанчева ѝ реплицираше дека таа постојано лаже, а доказ за тоа е дека не доставува извештај.
„Како тоа само вие сте во право, а сите ние не сме? Кој тоа го кажува, вие самите кога ќе станете наутро пред огледало си кажувате само јас сум во право? Дајте состојба на сметката за салдо 220 и 221 и ќе видиме колку пари имате“, рече Јанчева.
По изјавата на Арсовска, реагираше советничката на ВМРО-ДПМНЕ која рече дека дискусијата не треба се сведува на вакво ниво, иако на сите им е јасно дека на градоначачлничката не ѝ одговара оваа дискусија.
„Не е симната под ниво дискусијата, вие сте под секакво ниво, инструирани од вашите лидери“, додаде Арсовска.
Советникот Гордан Шутаров ја праша Арсовска како може градот да биде блокиран за 2,5 милиони евра ако на сметката имало пари?
„Градот има буџет од 100 милиони евра, а Градот во првата половина на годината нема на сметка 2,5 милиони евра. Па ако се нема волку пари да се повлечат, што кажува тоа за финансиската состојба. Каде се парите? Година и пол прашуваме и добиваме одговор дека ќе има реализација на проекти, па еве денеска пак прашуваме: До каде е изградбата на мостот Љубљанска, за кој што имате 380 милиони денари пари од Владата? До каде е реконструкцијата на Универзална сала за којашто имате 120 милиони денари од Владата? До каде е изградбата на клучката кај Момин поток за којашто имате три милиони евра пари од Влада?
До каде е реализацијата на Бас рапид транзит, до каде е реализацијата на пречистителната станица? До каде е изградбата на улиците „Васко Карангелевски“ и „Есенинова“? До каде се изградбите на кружните текови кај Нова Македонија, кај Државен завод за ревизија, оној во Ѓорче Петров и оној во Аеродром?“ праша Јанчева.
Таа побара да бидат доставени и сметките на градот, за конечно се види дали Градот е навистина блокиран.
„Доколку сметката на Град Скопје не е блокирана, јас барам да ни се достави финансиска картичка за конто 220 и 221 за доспеани обврски од земјата и од странство, како за Град Скопје така и за јавните претпријатија. Јас барам дневен извештај за состојбата на сметката и нам како советници тоа треба да ни биде овозможено“ порача Јанчева додавајќи дека Буџетот на Градот за оваа година е некаде околу 700 милиони денари, а дополнително актуелната градска влас има наследено 13 милиони евра во градската каса….? Да имало пари немало сметката да биде блокирана. Цела година и половина ништо не ни кажувате на советниците”, рече Шутаров.
Љубица Јанчев инаку е поранешен претседавач на Советот на град Скопје (оној што не беше блокиран финансиски). Во мигот кога и престана функцијата, да се потсетиме нејзиниот автомобил, паркиран пред зградата во која живее во населбата Аеродром и бил запечатен со пур пена..