Еве, да се обидеме да ја замислиме ситуацијата, колку утре, на чело на државата да се луѓе од опозицијата: претседател, премиер, министри и целиот парламент, до последниот пратеник. Зарем верува некој дека ситуацијата ќе се смени
ДЕНКО МАЛЕСКИ
Со евентуалното доаѓањето на власт на опозицијата на наредните избори, на полето на корупцијата, правната држава и независното судство, понајмалку на унапредувањето на демократијата, ништо нема да се смени. Што ми дава за право да го кажам ова? За почеток, мојата прогноза во интервју од времето на големата еуфорија со Специјалното јавно, кога реков дека целата ова акција ќе пропадне во допир со нашето судство. Денес, одново, се крева бесмислена еуфорија за наводен брз пробив кон правната држава само со промена на власта. Катастрофален извештај на ЕУ, колапс на државата, велат од опозицијата. Решение? Владата веднаш да поднесе оставка. Еве, да се обидеме да ја замислиме ситуацијата, колку утре, на чело на државата да се луѓе од опозицијата: претседател, премиер, министри и целиот парламент, до последниот пратеник. Зарем верува некој дека ситуацијата ќе се смени, дека ќе ја снема корупцијата, дека ќе завладее правната држава, дека судиите ќе бидат независни од притисок „од надвор“? А притисокот „од внатре“, од корумпираните умови? Тој не се рачуна?
Во излив на огорченост против своите корумпирани политичари, граѓаните на Босна и Херцеговина буквално ги запалија своите политички институции кои изгореа до темел, ама ништо не се смени. Лошите навики се во луѓето, не во зградите. Украинците гинеа на плоштадот Мајдан во борба и против злото на корупцијата, за земјата да стане уште покорумпирана после политичките промени. Во Македонија заборавивме на еден многу поважен извештај, оној на европската комисија кој повика на реформи на политичкиот и судскиот систем, извештајот на заборавениот Прибе. Во него е точно набројано кои се областите и што треба да се направи за пробив кон правната држава во која ќе владеат закони а не поединци. Се пропадна затоа што тоа не може да го изведе само една партија, било тоа да е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.
Во перманентна битка за власт, во која, како што рече јавно еден претставник на опозицијата сношти, се било дозволено(!), никој нема време да се замисли над умните зборови на истражувач на демократијата кој вели дека партиите не ја спасуваат демократијата ( и правната држава, се разбира) туку дека демократскиот систем е тој кој не спасува нас од од зулумите на партиите. Но, да се изгради еден демократски систем, потребни се минимум доверба и соработка. Тоа во нашето политичко поведение го нема. А, сепак, некој некогаш ќе мора да ја прекине оваа идијотска игра која исклучиво почива на взаемни обвинувања и која не ја води државата никаде. Раскажува поранешниот американски амбасадор Џес Бејли: го прашал високиот германски службеник Рајнхард Прибе што му оставило најголем впечаток во средбата со нашите луѓе. Го интересирало да дознае каде е коренот на нашите политички болести. Најголем впечаток на Прибе му оставил фактот дека секогаш другиот е виновен за се. На такви луѓе тој не можел да им се објасни што е државен интерес. Тие знаат само за партискиот. Ете, затоа пропаднаа реформите од извештајот на Прибе. Од недостиг на минимум доверба и минимум соработка меѓу партиите.
Сепак, со евентуалното доаѓањето на власт на опозицијата нешто ќе се промени, ама на полошо. Тоа ќе го запре нашиот процес на приближување кон членство во ЕУ. Можеби Италија, во шеесеттите, не можела да се ослободи од корупцијата и клиентелизмот без ЕЗ, ама ние сме можеле без ЕУ, велат во глас опозицијата и истомислениците во интелигенцијата. Но, да се закочи започнатиот процес на преговори значи да се прекине изворот на нова енергија за една мала мултиетничка држава без излез на море, папсана од националистичките и популистичките игри на партиите. Таа енергија изразена во материјална помош но и во вредности врз кои се темели демократијата и правната држава не може да се надомести ни со искрен патриотизам, а понајмалку со национализам. Како рече некој во предвечерјето на југословенските етнички војни: ќе се доведеме во ситуација да ги симнуваме знамињата за од нив да шиеме гаќи.