Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СЕКОЈА ЧЕТВРТА КАСА НЕ ДАВА ПОТВРДА ЗА ПЛАТЕН ДДВ

December 9, 2025 Filed Under: Македонија

УЈП јавува дека се изречени 2.500 глоби за неиздавање на сметки. Практично во секоја четврта контрола купувачите не добиле потврда дека нешто пазареле. Колкави се загубите во државната каса од неиздавањето фискални сметки – што покажуваат проценки до крајот на август?

НЕМА ПРИХОДИ Државата има потврлување во собирањето на приходи по основ на ДДВ

Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека во следниот период, а во пресрет на новогодишните празници, ќе се спроведуваат засилени и проширени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет. Фокусот ќе биде насочен кон сите угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.

Пред отпочнување со подетални контроли и изрекување санкции, УЈП спроведе обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи. До 20 ноември се реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што даночните службеници ги информираа обврзниците за најчестите неправилности со цел навремена корекција и нивно усогласување.

Во текот на посетите беа утврдени состојби како: фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавуваат оштетени пломби, а кај одреден број обврзници беше детектирано дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено беше и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи. Овие активности продолжуваат и со нив ќе бидат опфатени сите субјекти кои работат со готовински промет.

Паралелно со советодавните посети, Управата за јавни приходи спроведе детални анализи врз основа на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите. Анализите укажуваат на ризични состојби кај дел од обврзниците кои континуирано евидентираат низок или идентичен дневен промет, кај други има отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, неусогласеност меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и прометот пријавен во ДДВ пријавите и сл.

Врз основа на овие ризици, Управа за јавни приходи (УЈП) продолжува со контроли кои се плански и поткрепени со анализа на ризик. На терен ќе се врши детална проверка на точноста на ДДВ стапките по кои се евидентира готовинскиот промет, потврдување на локацијата на фискалните уреди и сл. Контролата не претставува само едноставно пребројување на средства во благајната и нивно вкрстување со податоците од фискалниот уред, туку инспекторите и контролорите ќе ги испитуваат сите релевантни факти за да ја утврдат реалната фактичка состојба.

Покрај советодавните посети, до крајот на ноември годинава Управа за јавни приходи (УЈП) веќе спроведе околу 4.000 контроли за регистрирање на готвинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година. Притоа изречени се над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници изречени се мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување објект.

Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот.

Кон поголем број од даночните обврзници кои беа казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испрати персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. УЈП го следи постапувањето на овие даночни обврзници и најавува дека, доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок.

УЈП упатува јасен апел дека почитувањето на законот не е избор и дека евидентирањето на прометот не претставува приватен договор меѓу продавачот на добра/давателот на услуги и  купувачот/корисникот на услуги, а прекршувањето носи последици за сите, особено за чесните компании кои работат според правилата. Истовремено, апелираме граѓаните да бараат фискална сметка, бидејќи секоја неиздадена сметка претставува пари кои завршуваат во приватни џебови наместо во државниот буџет кој ги финансира здравството, образованието и јавните услуги.

Пораката е јасна: УЈП е на терен, следи и постапува. Целта е намалување на даночната евазија, фер економија и еднакви правила за сите учесници во економијата. Чесните обврзници имаат поддршка, а оние кои го избегнуваат системот ќе се соочат со соодветни последици. УЈП останува решителна, транспарентна и доследна во заштитата на јавниот интерес и државниот буџет.

Ниту наплатата на приходите оди како што треба, ниту пак трошењето, со тоа што реализацијата на трошоците е поголема од онаа на собирањето пари.

Во државната каса до 21 август се собрани околу 2,8 милијарди евра приходи, со што процентот на реализација е 60,4 отсто во однос на планираните средства за цела година, а потрошени се 3,26 милијарди евра, што е 61,8 проценти од планот за трошење за 2023 година. Овие бројки јасно покажуваат дека ниту наплатата на приходите оди како што треба, ниту пак трошењето, со тоа што реализацијата на трошоците е поголема од онаа на собирањето пари. Во Буџетот за 2023 година се планираа вкупни приходи од 4,6 милијарди евра и вкупни расходи од 5,3 милијарди евра. Во однос на трошењето, разочарувачки податок е дека заклучно со 21 август се реализирани само 53,4 отсто од планираните инвестиции за патишта, училишта, згради, водоводи… во однос на планот за цела 2023 – та година.

Според порталот „Пари“, во согласност со добиените податоци од УЈП, за 7 месеци од најважниот даночен приход – данокот на додадена вредност, се собрани 112 милиони евра помалку од планираниот износ за овој период. Имено, заклучно со јули годинава, Министерството за финансии предвидело дека во државната каса треба да влезат безмалку 725 милиони евра, но се наплатиле повеќе од 610 милиони. Оваа буџетска дупка ќе создаде сериозен проблем на реализација на планираните расходи до крајот на годината. Ако сите буџетски расходи се реализираат според планот, овие 112 милиони евра би морале да се надополнат со некоја нова позајмица. Но, ни расходите не се трошат според планираното, па веројатно и новиот долг би бил помал.

Според изјавата на УЈП дадена за порталот „Пари“, помалата наплата на ДДВ е поради измени на Законот за ДДВ, но со тоа не се согласуваат експерти.
– Анализите покажуваат дека понискиот ДДВ произлегува од намалената наплата при увоз на електрична енергија и гас. Имено, во членот 27 од Законот за данокот на додадена вредност е додадена нова точка – 5), во која се додадоа природниот гас и електричната енергија преку систем за пренос како добра ослободени од ДДВ при увоз. Тоа значи дека при увозот на гас и електрична енергија Царинската управа нема обврска да пресмета и да наплати ДДВ. Ослободувањето од ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија не предизвикува нивно неоданочување со ДДВ, туку само промена на режимот на оданочување (примена на reverse charge механизмот) – велат од УЈП.

Според даночниот експерт Павле Гацов, одлагањето на плаќањето ДДВ при увоз на струја и гас не смее да влијае врз намалување на прибраните приходи од ДДВ по оваа основа. Имено, увезената струја не се чува на залиха и се продава веднаш (со ДДВ или со пренесен ДДВ на купувачот). Можност за чување на гасот на залиха постои, но и тој се продава за релативно кратко време, изјави Гацов за „Пари“.

За годинава во државната каса беа планирани 1,27 милијарди евра од ДДВ, или дури 14,7 проценти повеќе од ребалансираниот буџет во 2022 година. Еден дел од растот на наплатата на ДДВ се темелеше на инфлацијата, но еден дел на надежите за поголема потрошувачка. Државниот завод за статистика покажува реален раст на прометот во трговијата, но прашањето е дали е тој во рамките на претходните очекувања кога се планирал буџетот.

Според Државниот завод за статистика, кај Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун има номинално зголемување на прометот за 11,5 проценти, но кога ќе се вклучи и инфлацијата, реалниот раст е 1 процент. Кај трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво, има номинален годишен раст на прометот за 10,3 проценти, а реално за 2,8 проценти. Пад е забележан само во номиналната стапка во групата Трговија на мало со автомобилски горива и тоа за 21,2 проценти.

 

Filed Under: Македонија

БРИТАНИЈА ГО РЕШАВА СВОЈОТ НАЈГОРЛИВ ПРОБЛЕМ, НИЕ СИ НАТОВАРУВАМЕ ОГРОМНИ ПРОБЛЕМИ СО НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ
ЕКСПЕРТОТ ЈОВАНОВИЌ ЗА РАСТОТ  НА ПДП-ТО: ИМАМЕ НАВОДНО ТРЕТА ЕКОНОМИЈА ВО СВЕТОТ А НАРОДОТ ВИ ГЛАДУВА ИЛИ ТЕШКО ВРЗУВА КРАЈ СО КРАЈ!
ДУБРАВКА СТОЈАНОВИЌ, ИСТОРИЧАР: СРБИЈА Е ВО СОСТОЈБА НА РАСПАЃАЊЕ, ФАШИЗМОТ Е НУЖНА ПОСЛЕДИЦА
„ПРИКАЗНАТА ЗА СИЛЈАН“ КАДЕ И ДА ОДИ ДОБИВА НАГРАДИ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (156): ШТО ЗНАЕЛЕ ГЕРМАНСКИТЕ СЛУЖБИ ЗА ЛИДЕРОТ ОД КРЕМЉ?

Најново

  • БРИТАНИЈА ГО РЕШАВА СВОЈОТ НАЈГОРЛИВ ПРОБЛЕМ, НИЕ СИ НАТОВАРУВАМЕ ОГРОМНИ ПРОБЛЕМИ СО НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ
  • ЕКСПЕРТОТ ЈОВАНОВИЌ ЗА РАСТОТ НА ПДП-ТО: ИМАМЕ НАВОДНО ТРЕТА ЕКОНОМИЈА ВО СВЕТОТ А НАРОДОТ ВИ ГЛАДУВА ИЛИ ТЕШКО ВРЗУВА КРАЈ СО КРАЈ!
  • ДУБРАВКА СТОЈАНОВИЌ, ИСТОРИЧАР: СРБИЈА Е ВО СОСТОЈБА НА РАСПАЃАЊЕ, ФАШИЗМОТ Е НУЖНА ПОСЛЕДИЦА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet