Ако се мери само невработеноста на младите, земјава е на тето место според листата на Свтската банка. Мерката за самовработување креира успешни приказни – во 2017 отворени 165 фирми, вработени 191 лица
Кристијан Трајковски, Марко Зарев и Симон Стојановски наскоро ќе ја промовираат својата прва видео игра. На почетокот на годинава го отвориле своето независно студио за изработка и издавање на видео игри ,,Дарк-1’’. Дилемата дали да отворат фирма во земјава или пак во странство ја решиле откако дознале за можноста да добијат грант за самовработување од 10 илјади евра преку мерките од Оперативниот план за активни мерки и услуги за вработување. Оваа можност била одлучувачка да започнат со остварување на својот сон во својата земја.
Неодамна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски го посетија студиото ,,Дарк-1’’, со цел директно да ги слушнат предизвиците и потребите на млади луѓе кои се охрабриле и започнале сопствен бизнис со почетна поддршка од државата.
Првата игра која ќе излезе од ова студио е наречена ,,Одиум до јадрото’’ (Odium to the core), која веќе е изработена и ќе биде пуштена во официјална продажба на 11 мај. Младите претприемачи се задоволни од тоа како се развива нивната мала фирма, но посочија дека им е потребна поддршка за надминување на одредени пречки поврзани со пласман на нивниот производ на светскиот пазар. Министерот Манчевски изјави дека може да помогне во овој дел, но и во однос на промоцијата и маркетингот.
Деспотовски ги информираше дека Фондот за иновации нуди дополнителни можности за финансирање на стартапите формирани преку оперативната програма за самовработување. Износите на средства се од 30 000 до 100 000 евра во зависност од степенот на развој преку двата инструмента на финансирање од Светска банка. Фондот и Министерството за труд и социјална политика развиваат заедничка мерка во која поддршката преку инструментите и оперативната програма ќе биде олеснета за сите млади лица.
На укажувањето на Кристијан, Марко и Симон дека нивни познаници и колеги се заинтересирани да го следат нивниот пример, министерката Царовска посочи дека и во моментов може да се искористи шансата која се нуди со Оперативниот план за 2018 година за добивање неповратни средства за самовработување од 246.000 до 615.000 денари, но и да ја комбинираат оваа мерка со мерките за обуки за знаења и вештини. Според неа, приказната на ,,Дарк-1’’ е навистина успешен пример, кој треба да претставува мотивација за сите невработени млади луѓе.
Во 2017 година преку оваа мерка од Оперативниот план се отворени 165 старт ап бизниси и реализирани 191 вработување. Овогодинешниот оглас за мерката за самовработување беше распишан на 23 март 2018 година од страна на МТСП и АВРМ и за само еден месец се поднесени над 1400 апликации.
Над 24 проценти од младите луѓе ниту се вработени, ниту се во образовниот процес, ниту, пак, на обука. Економската состојба и невработеност ги тера младите да размислуваат да студираат во странство. Состојбата ја влошува дисбалансот меѓу образовниот систем и пазарот на трудот.
Исклучително високата стапка на невработеност и непродуктивност на работната сила остануваат проблем број еден во Македонија. Последното истражување направено во 2016 година од Меѓународната организација на трудот покажува дека 24,3 проценти од младите луѓе ниту се вработени, ниту се во образовниот процес, ниту, пак, на обука.
Извршниот директор на коалицијата на младински организации „Сега“, Зоран Илиески вели дека овие се главни целни групи кон кои треба да се однесуваат политиките на вработување, допoлнувајќи дека процентуално тие изнесуваат 60 отсто од вкупниот број невработени.
„И тоа се значителен број кои се со високо образование, а 40 проценти од оваа група се невработени кои не се студенти. Со оглед на бројките овие луѓе во понатамошниот живот ќе доживеат влошување на својот човечки капитал, односно сè она што e акумулирано во смисла на образовниот процес во кој биле“, вели Илиески.
Тој нагласува дека општеството треба да вложува напори овие луѓе да се вратат на пазарот на трудот, но и да бидат подготвени да се вратат на пазарот, зашто во спротивно ќе претставуваат трошок и за државата и за себе.
Според експертите, мора да се забрзаат реформите за да се реши проблемот на невработеноста, а Илиоски укажува дека Агенцијата за вработување треба да се насочи првенствено кон информирање на младите луѓе за можностите за обука и вработувања како и на сите млади во Македонија, без оглед во кој дел живеат да им овозможи да имаат еднакви услови за развој.
Тој вели дека индикативни се податоците од истражувањето што тие го направиле во изминатите три месеци.
Податоците зборуваат дека 91 процент од испитаниците посакуваат преку интернет да добиваат информации за можностите за вработување, додека 45 отсто немаат информации за обука. Загрижувачки е податокот дека 18 отсто од нив навеле дека немаат финансии за дополнително образование.
Во меѓувреме, лошата економска состојба во Македонија ги тера младите првично да размислуваат да студираат во странство. Нивната желба не е заради квалитетот на образованието, туку и заради можноста да останат да живеат таму.
„Иако сум прилично задоволна од образованието што го добивам на овој факултет, но имам многу пријатели кои учат во странство и се многу задоволни од програмата што тие ја учат и имаат повеќе можности за пракса и дури и платена пракса и имаат можност да запознаат нови луѓе и култури. Тоа ми се допаѓа.“
„Дефинитивно да. Истиот смер би го запишала во друга држава, зашто мислам дека квалитетот на образование е подобар.“
„Сакам да го искусам ова во Македонија, а ако има можност би отишол на некоја Ерзамус програма да видам како е да се учи надвор и да се осамостојам“, велат дел од студентите.
Ова е еден од новите трендови кој се појавува меѓу младите луѓе кои ги искористуваат можностите на стипендии кои ги обезбедуваат странските факултети или одредени програми на ЕУ. Ова значително ја влошува состојбата кога станува збор за квалитетен образуван кадар. Илиески вели дека дел од младите заминуваат и само на доусовршување или постдипломски, но оти и тоа е одлив на млади кои се подготвени за пазарот на трудот, но остануваат во други земји.
Состојбата ја влошува и дисбалансот меѓу образовниот систем и пазарот на трудот. Предизвик за образованието е да биде во корелација и со бизнис секторот. Илевски вели дека од комуникација со бизнис секторот увиделе дека има голем број слободни работни места за кои младите не се подготвени. Има недостиг на кадар и интерес кај младите да ги пополнат тие места, вели Илиоски.
Македонија е на трето место во светот по невработени млади според листата на Светска банка, која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот за минатата година. Младинска невработеност во Македонија изнесува 50,1 проценти.
(користени се информации од повеќе медиуми)