ФРОСИНА РЕМЕНСКИ
Апсурд е кога жртвата во судски процес, наместо да ги види на обвинителна клупа нарачателите на неговата „професионална ликвидација”, да докажува дека преку новинарско перо сакал да обелодени како функционирала параинституционална шема.
Ноќва во сон разговарав со Томислав Кежаровски. Разговор за апсурдите. Повторувањето на судска постапка за случај во кој политичката жртва (Т. Кежаровски) повторно ќе ја докажува сопствената невиност во науката се дефинира како „состојба на секундарна виктимизација”.
Апсурд е кога жртвата во судски процес, наместо да ги види на обвинителна клупа нарачателите на неговата „професионална ликвидација”, да докажува дека преку новинарско перо сакал да обелодени како функционирала параинституционална шема.
И не само Кежаровски, туку и сите жртви од политички монтираните процеси го очекуваат тоа – да си ги видат џелатите кои примаа и извршуваа наредби од азилантот и неговите пулени.
Јас верувам дека во оваа “втора шанса за докажување на невиноста на Кежо” тој како и тогаш ќе биде и ќе излезе поголем од сите. Но, длабоко верувам дека, таа морална сатисфакција ќе биде нецелосна доколку тој и јавноста не добие одговор на прашањата „кој/кои?”
Вистинска морална сатисфакција за Кежо е да има прва шанса за одговорност, а не втора шанса за жртвата да докажува дека не е жртва, туку откривач на кривично дело од позиција на моќ.
Никој нема да може да му ги плати изгубените години далеку од блиските, зошто нема такви пари што можат да купат нешто што не се купува.
На крајот на разговорите во сонот, низ смешка во негов стил, скромно ми вика, “само да не ви текне да донесете закон во кој ќе одговараат само тие што ќе откријат криминал, а не и тие што го сториле, зошто кај нас во Германија кај што ми се чудат на судбината не е така.”
Кежо е тука, а многумина заминаа во Германија ….