После 20 години од убиството на познатиот српски новинар Ќурувија, 15 години од покренувањето на обвинението, се доби некаква првостепена пресуда за овој случај. Четворица од учесниците во тој чин добија вкупно 100 години затвор, но судот практично не даде одговор кој е директниот извршител, туку тој е означен како „икс лице“ а ја нема ниту личноста која даде налог за тој чин. Неофицијално се смета дека налогот е на сопругата на Милошевиќ
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Дали сте сега задоволни“ – ги праша една од адвокатите на процесот новинарите кои чекаа на влезот на судот каде им се судеше на обвинетите за убиството на Ќурувија, да го чујат резултатот. Да, судот одреди високи казни за четворица за кои утврдило дека биле учесници во тоа убиство. Веројатно дека петочната пресуда беше очекувано и од највисоката политика – се огласи сегашниот претседател на Србија, Вучиќ, кој, инаку во време на убиството беше најодговорен во Србија (тогаш – Југославија) за цензура на медиумите, како воен министер за информирање, бидејќи, владееше вонредна состојба. Тој веднаш даде изјава со која изрази задоволство што тогаш кога тој е претседател се разрешува случајот а дека додека биле другите претседатели-преходници или премиери ништо не сториле. Јасно, призна дека убиството се случило тогаш кога тој бил во власта, но одрекна лична одговорност…
Од снимките на малите екрани се виде дека и нема многу новинари пред судот, освен оние кои таму беа службено, иако едно од двете здруженија на новинарите на Србија даде проглас за масовно присуство на медиумските работници пред судот и мафтање со новинарските легитимации, како форма на притисоци. Што се вели по 20 години постои „замор на материјалот“.
Јелена Ќурувија, ќерка на убиениот новинар рече дека таа не била сигурна дека ќе дојде до некаква пресуда, особено не таква со високи казни за дел од извршителите, бидејќи, две децении зад обвинетите цврсто стоела државата а судовите јасно биле дел од атмосферата на неказнивост за овој случај.
Специјалниот суд во Белград инаку го осуди поранешниот шеф на српската Државна безбедност Радомир Марковиќ на 30 години затвор за поттикнување на убиството на новинарот Славко Ќурувија. Како извршители се осудени поранешниот шеф на белградската тајна полиција Милан Радоњиќ на 30 години затвор, Мирослав Курак на 20 години затвор и Ратко Ромиќ исто така на 20 години затвор. Радоњиќ и Ромиќ беа веќе во домашен притвор а Курак беше во бегство и така му се судеше. Радомир Марковиќ е на издржување на казна затвор за друго кривично дело, така што тој останува зад решетки.
Наредбодавачите како и политичката заднина на убиството остануваат нерасветелени и по 20 години.
Според обвинението убиството го испланирал Марковиќ, а го извршиле Радоњиќ заедно со Курак и Ромиќ. Индикативно е дека на крајот не е потврдена верзијата дека најдиректниот извршител бил побегнатиот
Курак, кој со 14 истрели пукал кон Ќурувија, во неговиот грб, додека Ромиќ со дршката од пиштол ја удрил во главата пријателката на Ќурувија, новинарката Бранка Прпа, со што му овозможил на Курак непречено да го изврши убиството. Бидејќи не беше тука, нели, се наоѓа во бегство, Курак требаше да го прими товарот на најдиректниот извршител, ама сведошвото на Прпа негиаше дека е тој човекот кој пукал, бидејќи, таа го видела и тврдеше цело време дека не е меѓу обвинетите! Судот ова го призна како релевантно сведоштво а и преслишаните телефонски разговори покажуваат дека обвинетиот Курак во мигот на пукањето бил подалеку. На крајот обвинителството го промени обвинителниот акт – непосредниот убиец е означен како „Н.Н. сторител“.
Да потсетиме дека сопственикот и уредникот на „Дневни телеграф“ и „Европјанин“, Славко Ќурувија беше убиен на 11 април 1999 година во влезот на зградата во која живеел во Белград.
Според обвинителството, убиството на Ќурувија било извршено со цел да се ограничи слободата на медиумите и да се зачува власта и моќта на режимот на Милошевиќ, која тој јавно ја критикуваше.
Во обвининието пишува дека убиството на Ќурувија е нарачано од „непознато лице“ од највисоките структури на власта. Адвокатот на семејството Ќурувија во завршните зборови како нарачател на убиството го означи Слободан Милошевиќ, а тужителот рече дека Ќурувија бил убиен по налог на врвот на тогашната власта. Јавноста верува дека сопругата на Милошевиќ – Мира Марковиќ била поверојатен народбодавец.
Како најава за неговата ликвидација се смета текстот „Ќурувија ги дочека бомбите“ објавен во весникот „Политика“, неколку дена пред убиството, а кој беше прочитан и во централните вести на РТС. Во текстот Ќурувија беше обвинет дека е еден од оние кои повикувале Србија да биде бомбардирана со закана дека предавството нема да биде заборавено.
Целиот случај не беше помесетен од почетна точка се до смената на режимот во 2000 година.
Според српските медиуми, првата година од убиството јавната безбедност и полицијата не знаела дека Државната безбедност го следи Ќурувија, се до 5 октовмри 2000 година кога во јавноста се појави неговото досие, со што било докажано дека зад неговорот убиство стои оваа институција.
Во текот на овие 20 години, истрагата се соочила со многу опструкции, сведоците добивале закани, поради што давале конфузни изјави дека не се сеќаваат, а закани со убиство добивал и главниот полициски истражител Драган Кецман, како и оперативецот кој побара да се испитаат припадниците на Единицата за специјални операции. Во врска со овој слулчај, познато е и дека вработениот во тогашниот Мобител благодарение на кого се дошло до податоци од базните станици на мобилната телефонија, добил отказ и долго време не можел никаде да се вработи.
Своевремено познатиот Легија рекол дека земунскиот клан добил наредба да убие двајца кои учествувале во убиството на новинарот – Ромиќ и Курак, бз тие да ја знаат причината. Ова е во согласност со постојаната практика дека учесниците во атентат врз познати личности не ги преживуваат злосторите, бидејќи, се непријатни сведоци.
Судењето започна по 16 години од убиството. На самиот почеток, рочиштата се одржуваа ретко, но под притисок на јавноста тоа се промени. Најголемо внимание во јавноста предизвикаа одредени одлуки на судскиот свет, пред се отфрлањето на доказите кои се сметаат за клучни или тоа што не му било дозволено на полицискиот инспектор да сведочи за наодите на истрагата, туку само за процедурални работи.
Поради ова, Комисијата за истрага на убиството на новинарот се посомнева дека судиите се обидуваат да издејствуваат ослободителна пресуда. Поради тоа имаше обвинувања на сметка на претседателот на оваа Комисија дека врши притисок врз судот.
Според српските медиуми, каква и да е пресудата, таа претставува чекор напред и мотивација да се истражат и другите случаи, иако како што се наведува, нема да го даде одговорот кој е нарачателот на убиството на Славко Ќурувија.