Стојам на ставот дека најголемата опасност за нашиот јазик, а и за опстанокот на нашата држава, доаѓа од овде, од дома. Ние сме единствениот народ на светот што прави сè што е погубно за себе и за сопствената држава. Често помислувам дека ние не ја заслужуваме нашата држава.
Во светот постојат многу групи на народи што катадневно се борат да добијат своја држава, своја автономија, а ние од сето тоа лесно се откажуваме, го оставаме како да ни е тукутака подарено, тежнеејќи кон туѓото, како да е повредно, поубаво, вели Андреевски
Вашиот нов циклус слики „Азбука“ е посветен на великанот на македонскиот јазик – Блаже Конески. Од каде ваквата идеја и што претставува Конески за Вас?
– Идејата за создавање на циклусот слики наречен „Азбука“ се роди сосем случајно минатата година. Буквите речиси сами почнаа да се наѕираат меѓу чкрабаниците што јас често знам да ги правам играјќи со моливот кога ја пополнувам белата површина на хартијата. Тој нов циклус на букви прво се појави на хартија, а подоцна и на платно. Тоа беа слободно претставени асоцијации на букви, својствени на мојот стил на сликање. Тие ликовни креации секако се слободни ликовни размисли што не се поврзани буквално со самите букви, ниту пак ги објаснуваат или ги прераскажуваат. Всушност, секоја слика сама за себе претставува еден свој свет, а сите заедно се поврзани и го претставуваат циклусот „Азбука“. Работејќи и истражувајќи ја историјата на азбуката, дојдов до податокот дека токму 2021 е годината посветена на Блаже Конески, односно дека тоа е јубилеј – стогодишнината од неговото раѓање. Така, циклусот со радост му го посветив токму на Конески, една од најклучните фигури на современата македонска држава. Тој е стожерот околу кој подоцна се вртат многу наши современи поети како Гане, Матеја, Радован, Анте, а секако и моите родители, како и многу други наши знајни и помалку знајни творци. Токму со тие букви се испишани илјадници книги на македонски јазик. Тие томови сведочат за нашето постоење, со тие писанија ние стануваме дел од светското културно наследство.
Конески беше близок и со Вашите родители, великаните на македонската проза и поезија, Петре М. Андреевски и Светлана Христова-Јоциќ, раскажете ни нешто повеќе за ова нивно познанство и за Вашите сеќавања?
– Блаже Конески е човекот што го постави и претстави нашиот македонски современ јазик на едно светско рамниште. Тој беше лингвист, научник и поет. Беше инспирација за многу македонски творци, а секако и за моите родители. И татко ми Петре и мајка ми Светлана соработуваа со него, а поседуваа и најголем респект кон него и неговиот пишан збор. Секако, го љубеа и човекот Блаже – ведар, непосреден, едноставен, но длабок и содржаен. Татко ми Петре беше исто така и иницијатор и поддржувач за формирање фондација и обновување на Спомен-куќата во Небрегово со цел името Конески да се постави на пиедесталот на најзаслужни македонски дејци. Паметам неколку средби со Блаже од кои последната, највпечатлива, беше во домот на мајка ми Светлана. Бев изненаден од неговото познавање на англискиот јазик. Тој прецизно забележуваше ситни грешки читајќи еден поетски превод. Низок по раст, но човек со планетарен дух. Неговата истражувачка природа, неговата подготвеност за хумор кон себе и кон другите го красеа неговиот карактер. Само големи луѓе во исто време поседуваат и едноставност и големина.
И двајцата Ваши родители ги љубеа зборот и јазикот наш македонски. Дали ја наследивте таа љубов кон јазикот и книжевноста, покрај сликарството, кое е Ваша определба?
– Секако дека некои особини, можеби и најважните, ги наследуваме од дома или ги преземаме спонтано од родителите. Ако растете во семејство посветено на јазикот, поезијата или воопшто уметноста, сето тоа остава длабоки траги во вас. Таа географија ја носите на себе или во себе и при мало загребување на вашиот дух, тоа излегува од вас, остава трага. Трагата овој пат е мојата ликовна претстава за значењето на нашето кирилско писмо. Таа, мојата, а и нашата азбука испишана во разни бои е азбуката што јас ја чувствувам – моќна, звучна, разиграна. Особено ме израдува и приемот од страна на публиката, како таа ја доживеа азбуката. Радоста и возбудата беа и повеќе од очигледни.
Насликавте 31 дело, колку што има букви во македонската азбука. Како доаѓаше инспирацијата околу претставата на мотивот на секоја буква? Асоцијативно или..?
– Кај мене инспирација за секоја нова активност се поттикнува со работа, со креирање нов свет. Тоа е првото нешто или почеток на создавањето, а подоцна хартијата дава одговор и те носи во непознати, возбудливи предели. А јас со моливот ги истражувам тие непознати предели создавајќи нова возбуда, нов свет. Самиот циклус насловен „Азбука“ беше изработен за околу една година. Некои букви будеа поголема возбуда кај мене, а светот околу нив беше пораскошен, други пак се поедноставни. Меѓутоа, сите заедно поставени повторно ги ширеа зениците на моите очи. Можеби тоа е најдобро објаснето во пораката што Георги Гоце Дуртановски, почесен доктор на Летонската христијанска академија, ми ја беше испратил по повод свеченото отворање на изложбата на Широк сокак во Битола, во која пишува:
– Драг Сергеј, ти испраќам срдечни честитки со една генијална мисла од Леонардо да Винчи: „Сликањето е поезија која повеќе се гледа отколку што се чувствува, а поезијата е сликарство кое повеќе се чувствува отколку што се гледа“, јас тука ќе додадам: Изложената „Азбука“ на Сергеј М. Андреевски денеска во Битола е азбуката на која твореа неговите родители и нашите учители, а тоа е азбуката на македонскиот јазик што е наша единствена неподелена татковина – Македонија (како што има изјавено Блаже Конески). Да ни се множат културните настани на отпорот и понатаму помакедончувањето да остане вечно на нашата колективна самосвест!
(остатокот од интервјјуто прочитајте го на https://www.fakulteti.mk/news/16092021/sergej-andreevski-koneski-beshe-nizok-po-rast-no-chovek-so-planetaren-duh?)