На актуелната изложба се поставени дела создадени во Нирнберг, Париз, Јапонија, Тунис, Египет… многу од нив до сега неизложувани
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
„Хартии“ е насловена јубилејната изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, што од 12 мај до 12 јуни се одржува во Музејот на македонската борба за самостојност. Поставката претставува ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија во изминативе 35 години.
Творештвото на Сергеј, неговите дела, неговиот сликарски јазик, како и темите што ги обработува, се секогаш препознатливи и само нему својствени. Неговото сликарство, без разлика на сите промени, циклуси и периоди: „… бара, истражува, чувствува, реагира/кореспондира, допирајќи/користејќи притоа елементи и искуства од многу експресионистички ’настроени‘ – историски и современи правци“.
И покрај тоа што првата асоцијација за творештвото на Андреевски кај македонската публика се темпрестуозни дела изведени на платна, изгледа дека уметникот ги зел зборовите на поетот Вордсворт („Наполнете ја хартијата со биењето на вашето срце“) и оние на писателот Хемингвеј ( „Мојата цел е да го ставам на хартијата тоа што го гледам и што го чувствувам на најдобар и наједноставен начин“) како свое лично кредо. Тој навистина ја слика радоста на живеењето, а неговите дела, без оглед дали говориме за сликите на платно или, пак, за делата на хартија, полни со биењето на неговото срце, се предадени на најдобриот, најелегантниот и наједноставниот начин што тој го познава, со бурните потези на неговата четкичка.
Ова, меѓу другото, ќе го напише Кирил Пенушлиски во опсежниот и аналитички текст за јубилејната изложба „Хартии“ на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, што од 12 мај до 12 јуни ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
На оваа поставка културната јавност и ликовната публика ќе имаат можност да ги видат делата од различни фази и тематски циклуси на авторот, почнувајќи од дела создадени уште во неговите рани студентски денови (од 1983 година) па се до последните патувањата на Андреевски низ светот. Така ќе бидат претставени творбите на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје), од нирнбершката фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни “Le Refuge de l’Arche” и студиските резиденции во париското “Cite Internationalle des arts”), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Ивано), згора слики и цртежи од патешествијата по Америка, во Тунис, Египет…
На изложбата ќе бидат и делата од циклусот „Кучињата лаат” што премиерно беше изложен во Москва во 2015 и оние од циклусот „Цвеќулиња“ што за прв пат беа изложени во Берлин три години порано. Конечно овојпат изложени ќе се најдат и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата во авион, автобус, воз, на брод…
И, најважното најголемиот дел од нив се прошетани на неколку континенти, но никогаш до сега не биле изложени пред македонската јавност.
– И, премногу работи имам создадено на хартија. Се разбира експериментирајќи на самата хартија со разни материјали, дела што нашата публика не ги има видено досега, и затоа решив да направам една изложба на која исклучиво сите дела, сеедно дали се работи за акрилик, молив пастел, акварел… да бидат направени на хартија. Таа идеја решив да ја реализирам во еден не толку класичен галериски простор каков што е фоајето на Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје – вели Сергеј Андреевски.
Уметникот дополнува дека секој јубилеј е интересен сам по себе и дека и самиот почнал да гледа назад во минатото и да се потсетува на некои од своите студиски патувања како на пример она во Рим, или потем во Нирнберг кога работел во еден мал замок во непосредна близина на градот…Некогаш хартијата ослободува. Некогаш хартијата сама по себе покрај тоа што е лефтерна, слободно ќе речам дека е и „како свила“ … Јапонците не случајно велат дека таа е „душата на Јапонија“… Јас бев таму и имав можност да направам неколку дела кои ќе бидат на оваа јубилејна поставка, а се направени на рачно изработена хартија. Тоа е изборот што самиот простор ни дозволи да го претставиме со кураторот Кирил Пенушлиски, кој доста истражуваше и напиша доста обемен и аналитичен текст за сите мои патувања и творечки авантури.
Прашан за тоа дали на изложбата може да се види, да се осети сета таа насобрана творечка енергија од изминатите три и половина децении, Андреевски со појаснување дека кога започнале да ги прибираат делата Пенушлиски забележал „дека и самиот Музеј на современа уметности би бил тесен како простор за нејзиното поставување“. Сепак, останале на првичната идеја со заложба на хартијата да и дадат малку поголемо значење.
Со оваа изложба. Со овој мој јубилеј и давам посебен акцент на хартијата која што често ме има ослободувано во творештвото. Дури ми има помагано за она што го работам со масло или со акрилик на платно. Самото платно понекогаш делува многу посериозно. Некогаш има кочници кај многу творци, меѓутоа кога човек работи на хартија тогаш со таа слобода многу е полесно да се префрлиш и на платното. Токму од оваа поставка лесно може да се види дека и хартијата скоро и да не заостанува зад платното. Еве јас имам и многу обични рециклирани пакувања од производи што ги користев катадневно, особено од последниве пет-шест години, за мали формати а кои сами по себе се вредни уметнички дела, посочува Сергеј.
Од друга страна, иако зад себе и го остава на историјата својот три и пол децениски ангажман, Андреевски е категоричен дека како творец не мисли да мирува. Напротив.
Уметниците додека ја имаат во себе таа творечка енергија никогаш не мируваат. Секогаш создаваат првин во себе, во главата, во мислите, па потоа сето тоа се исфрла преку рацете и се забележува, станува трајно, на хартијата или на платното. Јас како творец никогаш не се држам до некои строго определени правци туку имам многу идеи што ме држат буден. Премногу. Дури и често ми се случува да одам по некоја линија, некој автопат…и наеднаш да скршнам десно или лево. Моето љубопитство почнува наеднаш да гледа некој друг предел, да тргне по друг смер… И останувам да се движам по таа патека се до моментот додека тој не стане банално досаден. Така е и со моите фази. Кога ќе се уморам од една фаза, веднаш преоѓам во друга. Секогаш сакам да откривам нешто ново. Откривањето само по себе е креирање. Со истражувањето се доаѓа до нов резултат. Тоа ми прави радост. Тоа е убавината во процесот на творење… кога ќе откријам нешто ново, заклучува уметникот.