Кандидатката за градоначалничка на Скопје тврди дека нејзината функција- почесен конзул на Унгарија ја одобрила Владата на Заев. Веднаш имаше реакции
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, во неодамнешното гостување на телевизијата Канал 5 изјави дека нејзината функција почесен конзул во Унгарија не значи дека таа е кадар на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, затоа што функцијата била одобрена од актуелната влада на Зоран Заев.
„Морам да кажам дека ми се исклучително смешни овие тврдења, затоа што досега сум имала десет години можност да соработувам, како претседател на Сојузот на стопански комори, и со претходната и со оваа власт. Моето место, односно она што го правам за нашите 24.000 членки, претпријатија во ССК, било да давам препораки за квалитетни економски политика на Владата. Таа соработка и со претходната и со оваа власт, не ме прави ниту човек на господинот Заев, ниту на Груевски, ме прави човек на скопјани. Таа титула ја стекнав на крајот на 2020 година со одлука за согласност на оваа влада и со одлука за отворање на конзулатот повторно од оваа влада предводена од СДСМ“, рече Арсовска.
Поранешниот министер за стопанство на РМ Петруш Стефанов
По оваа изјава на Арсова реагираше со следните ставови.
„Госпоѓа Данела Арсовска вели дека не е човек ниту на Груевски, ниту на Заев! Прво, како стана почесен конзул токму на Унгарија, каде политички азил има поранешниот премиер Груевски, а не, на пример на Бугарија или на некоја друга земја со која имаме далеку поголема економска соработка?“ – прашува овој искусен стопанственик. Потоа продолжува:
„Вели дека не е човек ниту на Заев, иако владата чиј претседател е тој, дала согласност таа да биде почесен конзул на Унгарија. Политички, овој потег на владата е на место, затоа што Македонија прави силни напори за отпочнување на преговори со Европската Унија, а Унгарецот Вархеи е надлежен за проширување на Унијата. Во вакви околности, било кој да бил предложен за почесен конзул на Унгарија во Македонија, дури и Христијан Мицкоски на пример, ќе добиел согласност од македонската влада“ – коментира Стефанов.
Госпоѓа (или госпоѓица?) Арсовска, продолжва ексминистерот, вели дека како претседател на ССК кој има 24.000 членки, давала предлози по економски прашања и соработувала и со претходната и со оваа власт и тоа ја прави човек на скопјани!!! Па економски мерки се носат на ниво на држава а не на еден град. Ова што го кажува нема логика и „не пие вода”.
Но, тоа е, избори се ближат. И’ посакувам успех на изборите за градоначалник на Скопје – завршува со коментарот Стефанов.
Љупчо Стојковски Бубе (познат стопанственик како Бујо Бујото) на Фејсбук истакна дека функцијата Почесен конзул на Унгарија е функција која подразбира совесно застапување на интересите на Унгарија. „Дали преку тебе унгарските интереси ќе управуваат и со градот Скопје и граѓаните што живеат во него. Сметам дека ова е тема за правници, дали воопшто може конзул на странска држава истовремено да биде на било која јавна функција во државава?“ Нашиот Закон за надворешно работење гласи: (верувам дека и унгарскиот закон е со слична содржина) Почесен конзул
Член 61
Владата, на предлог на министерот, именува почесен конзуларен функционер (во натамошниот текст: почесен конзул) од редот на лицата кои живеат во државата на приемот и во неа уживаат углед и доверба.
Почесниот конзул го раководи конзуларното претставништво, за чие отворање одлука донесува Владата. Почесниот конзул врши задачи утврдени со упатство на министерот (на Унгарија).
Почесниот конзул работи согласно со упатствата и под надзор на шефот на надлежното дипломатско-конзуларно претставништво (на Унгарија). За сите позначајни работи се консултира со шефот на надлежното дипломатско-конзуларно претставништво (на Унгарија). Во јавни настапи се однесува согласно со насоките на Министерството (за надворешни работи на Унгарија). За својата дејност тековно го известува надлежното дипломатско-конзуларно претставништво (на Унгарија) и со него ја усогласува својата работа.
Во случаи кога нема надлежно дипломатско-конзуларно претставништво, неговата улога непосредно ја презема Министерството.
Почесниот конзул ги обезбедува средствата за функционирање на конзуларното претставништво. Министерството обезбедува знаме, грб, табла со службен назив на конзулатот и печати. Почесниот конзул треба да обезбеди услови за вршење на функцијата утврдени со акт на Владата, донесен на предлог на министерот.
Ова се две мислења кои посилно ја осветлуваат позицијата на кандидатката за градоначалник која се самотретира како независна но јасно е дека ја има целосната поддршка на партијата ВМРО ДПМНЕ.