Вработената која е во кругот на осомничените за шверц со лекови за заболени од канцер си имала и своја дополнителна вносна работа со фалсификување на уверенија за положен испит по германски јазик
Преку рацете на медицинската сестра од Клиниката за онкологија, А.О. не поминувале само украдените цитостатици од болните од рак, туку и фалсификувани сертификати за германски јазик, за медицинари од Клиничкиот Центар кандисани да се отселат и да работат во Германија во тамошните болници, открива „Слободен печат“. Сестрата што крадеше цитостатици, после работното време на Клиниката за онкологија имала и дополнителен, опскурен „бизнис“.
За 1.500 евра таа посредувала кандидатите кои не можеле да положат германски јазик по регуларен пат, да добијат „сертификат“ и тоа за ниво Б2 познавање германски јазик. „Слободен печат“ имаше увид во барем еден таков сертификат, кој бил одбиен од германската амбасада во Скопје и придонел кандидатот што го поднел да претрпи стресови, затоа што бил на раб да не смее да стапне во Германија. Станува збор за висококвалитетен фалсификат, кој на прв поглед не отстапува од оригиналните сертификати што „Гете институтот“ им ги издава на своите вистински кандидати кои вистински полагале за да докажат познавање на германскиот јазик на ниво Б2.
Со таквите „сертификати“ на кои злоупотребено било името и логото на „Гете институтот“, медицинарите оделе во Германската амбасада и аплицирале за виза мислејќи дека веќе платиле поткуп во,,Гете институтот”, кој навистина издава вакви уверенија откако кандидатот ќе го положи испитот кој се состои од повеќе делови – слушање, читање, пишување и зборување.Во амбасадата биле одбивани, и се соочиле со фактот дека поткупот го плаќале за фалсификувани уверенија за познавање на германскиот јазик со кои „Гете институтот“ немал никаква врска и кои никако не би можеле да го поминат строгиот, европски филтер на визни проверки кој го прави амбасадата.
Но, станува збор за високо-квалитетни фалсификати, со контури идентични со оние кои ги издава институтот до ниво што кога „Слободен печат“ го испрати сертификатот кој го поседува на проверка во „Гете институтот“ тие со чудење мораа да го проверат преку централата во Германија бидејќи станува збор за махерски изведен фалсификат. Единственото сомнително на него, се потписите на официјалните лица.
Сепак, од „Гете институтот“ не сакале отворено и децидно да одговорат на нашето прашање дали станува за фалсификат. Не упатија на страницата за проверка на сертификатите, каде откако ги внесовме податоците од лажната диплома за познавање германски јазик – ни излезе резултат дека станува збор за невалиден сертификат.
Прашање е дали медицинската сестра за која станува збор била еднаш истерана од работа, потоа пак примена назад (!) и сега е избегана во Германија?!