Професорката Најчевска со критика откако Сиљановска го избриша стариот пост во кој го критикува СДСМ за идејата да купува владин авион а сега борува нешто сосема спротивно

Професорката и активистка, Мирјана Најчевска со остра критика кон претседателката на Македонија, Гордана Давкова – Сиљановска, на темата авион… По изјавата на претседателката дека авионот на нашата Влада е најмал и најстар, Најчевска објави пост во кој пренесе стара објава од претседателката, во време кога беше само професорка и кога СДСМ сакаше да купи авион.
Во споменатата објава сегашната претседателка остро ги критикува плановите за набавка на нов авион за потребите на Владата, но сега откако е дел од власта, таа има поразличен став.
Сепак, постот кој некогаш го објавила Давкова – Сиљановска е избришан, што беше причина за уште поостра критика од Најчевска. Така професорката укажува дека Гордана Сиљановска го избришала постот во кој ја критикува СДСМ која од позиција на власт сакала да купи авион за владата (тоа беше во 2019 година – н.з.). Не само што ја критикува тогашната власт, туку и гарантира дека таа ако биде избрана за претседател на државата ќе се бори против ваков вид расфрлање на парите на граѓаните.
„Во план е набавка на нов и поголем авион за потребите на Владата и претседателот на Републиката. Во време кога здравствениот систем доживува колапс, службите на итната медицинска помош едвај функционираат со стари и нефункционални возила (чекајќи ја приватизацијата на секторот), државните функционери мислат само на својата удобност и безбедност, а тоа го оправдуваат со наводно зголемени потреби за патувања заради интеграцијата во НАТО и ЕУ. Ваквите потези сведочат за бескрупулозноста и себичноста на владејачката каста, која не работи за својот народ и не мисли на неговите секојдневни потреби.
Македонија, една од најсиромашните земји во Европа, сака да има ВИП авион кој ќе чини 20 милиони евра (плус одржување, пилоти, редовни тренинзи, и сл.) – и со тоа се легитимира како олигархија, во која управувачите ја злоупотребуваат моќта и државниот буџет за сопствени потреби.“
Претседателката е обична лажливка – констатира професорката Најчевска и додава – кој лаже тој и краде и треба да заврши во затвор,
Ама вие сте нашле глупи овци да ги стрижете и гајле си немате.
На социјалните мрежи инаку и надвор од ова потсетување на проф. Најчевска, се прегледува „преживеаното“ видео од нејзината претседателска кампања кога сега актуелната претседателка е снимана во возило додека оди кон селото Конче. И таму, на импровизираното видео, вели „долу земја, горе воздух“ како опис на природата и алармира дека на тогаш актуелната власт треба да и е поважна земјата а не воздухот, како пледоаје во нејзината тирада против купувањето на владин авион (тогаш само како намера која потоа беше повлечена) со оценка дека сите демократски влади имаат функционери што за патување во други земји користеле комерцијални летови.
Да потсетиме дека токму претседателката е најчест корисници на владиниот авион (13 пати) во однос на другите претставници на актуелната власт.
Кој летал и за какви потреби со владиниот авион? Дали имало непотребни трошоци, луксузирање или користење за приватни цели? Овие прашања се наметнаа по објавувањето на податоците за тоа кои функционери најчесто го користеле владиниот авион од формирањето на владата на премиерот Христијан Мицкоски, во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година.
Темата стана особено актуелна по изјавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој побара државата да набави нов владин авион. Според него, доколку државата сака да има сериозен меѓународен имиџ, мора да располага со соодветна опрема за официјални делегации.
„Имаме авион кој е склон на чести поправки, го носевме повеќепати на сервисирање, премал е и има околу шест седишта. Не може да се користи за сериозни делегации“, изјави неодамна Томовски.
Иако авионот е стар и со ограничен капацитет, тој бил употребен околу 40 пати во период од една и пол година, пресметано без летовите за сервисирање (вкупно девет) и два специјални лета – медицински и за евакуација. Овие податоци ги објави Телевизија Телма, повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи. Релацијата Скопје – Будимпешта е најчесто користената: дури седум лета се реализирани кон Унгарија.
Најчест корисник од владините функционери е Александар Николоски, министер за транспорт и врски и вицепремиер, кој летал 11 пати, од кои шест кон Будимпешта.
Повеќе од него летала само претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова, со 13 летови. Таа патувала во Тиват, Подгорица, Тирана, како и во Рим, Истанбул и Копенхаген.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го користел авионот седум пати. За летот од Скопје до Џеда (Саудиска Арабија) е наведено само „претседател на Собрание“, без дополнителни податоци за патниците.
Премиерот Христијан Мицкоски летал трипати – еднаш за Будимпешта и еднаш на 10 август до Сплит.




