Државата наплатила само еден отсто од вредноста на измнесениот мермер. Мириса ли ова на корупција?
Покрај законските недостатоци во однос на доделувањето на концесиите за експлоатација на суровините, ДЗР укажува и на недостаток на целосно ажуриран регистар на податоци за склучените договори, нецелосен катастар на минерални суровини и недоволната ефикасност во реализација на обврските по склучените договори за експлоатација на минералните суровини. Со тоа, нотира ДЗР, не се обезбедува сигурност и доволна подготвеност за одржливо управување со минералните суровини
За четири години, од 2018 до 2022 година, С Македонија прибавила само 1,7 милиони евра од експлоатација на најквалитетниот мермер, што е само еден отсто од приходите кои ги остварува концесионерот со продажба на минералната суровина. Во оваа смисла, придобивките кои државата ги има се незначителни.
Ова е една од забелешките на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај „Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“.
„Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори“, нотираат од ДЗР.
Ниски концесиски надоместоци и нивна нецелосна и ненавремена наплата
Во однос на концесиските надоместоци, од ДЗР забележуваат оти тие се на ниско ниво, имајќи предвид дека со експлоатацијата е зафатен голем простор од природата, од 334 квадратни километри, најголем дел од него во државна сопственост. Во овој контекст, се има предвид дека со експлоатацијата на минералните суровини се менува природниот релјеф на површината и се предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина.
Се посочува дека утврдениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатација на минералните суровини не ги одразува реалните продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите.
„За периодот 2018-2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 21 050 илјади денари од кои: 9 804 илјади денари по основ на простор, 5 421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5 825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП. За истиот период, ненавремено, односно по истекување на законски утврдениот рок наплатени се вкупно 1 174 809 илјади денари по основ на концесиски надоместок за простор и експлоатирана количина на минерални суровини“,
стои во ревизорскиот извештај на ДЗР.
Влијание врз остварувањето на буџетските приходи, како што забележува ДЗР во извештајот, има и невоспоставената политика за управување на залихите, односно недостаток на мерки за реупотреба на јаловината, што влијае на степенот на искористеност на минералните суровини.
Слабости во постапката при доделувањето на концесиите
Токму во однос на степенот на искористеност на минералните суровини, во извештајот на Државниот завод за ревизија се посочува дека на национално ниво повеќе од 11 години не е донесена долгорочна стратегија за нивно оптимално искористување и управување. Активностите за изготвување на ваквата стратегија, нотира ДЗР, се почнати во 2022 година, со рок на донесување до април 2024 година.
Законската регулатива која ја третира предметната област, посочуваат од ДЗР, е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни, што создава несигурност при нивна примена.
„Доделувањето на концесиите за експлоатација на минералните суровини се спроведува по законски пропишани постапки и интерни процедури на Министерството за економија, по кои се утврдени одредени слабости од аспект на: непропишани услови за докажување на техничка способност на понудувачите, условите според кои концедентот може да донесе одлука за поништување на постапката, избор на концесионери кои се новоформирани и не доставиле соодветен доказ за економско-финансиската состојба согласно барањата од тендерската документација, како и непрецизно уредени договорни обврски за концесионерите кои не обезбедуваат правна заштита на концедентот, во случај на нивно непочитување“,
посочуваат од ДЗР во извештајот.
Покрај законските недостатоци во однос на доделувањето на концесиите за експлоатација на суровините, ДЗР укажува и на недостаток на целосно ажуриран регистар на податоци за склучените договори, нецелосен катастар на минерални суровини и недоволната ефикасност во реализација на обврските по склучените договори за експлоатација на минералните суровини. Со тоа, нотира ДЗР, не се обезбедува сигурност и доволна подготвеност за одржливо управување со минералните суровини.
Во однос на инспекцискиот надзор над експлоатацијата на минералните суровини, ДЗР нотира дека е без целосна примена на методологијата за проценка на ризици при избор на субјекти на надзор, нецелосно извршени контролни надзори за отстранување на неправилностите, без потврдување на експлоатираните количини на мермер. Не се обезбедува ефикасен контролен механизам и во услови на недостаток на стручни човечки ресурси.
„Недостигот на инспекциски надзор врз донесените планови за управување со отпад создава ризик врз намалување на негативните ефекти и штетните влијанија врз животната средина“,
се додава во извештајот на Ревизија.
За надминување на овие состојби, посочуваат од ДЗР, до надлежните институции се дадени препораки кои треба да обезбедат подобрување на состојбите во делот на правната и стратешката рамка на системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплатата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелата на одржлив развој.