Уште едно дело од авторот кој вели дека одеднаш добил толку многу време, како и многумина од неговата професија. Промоцијата се одржа по повод овогодишниот Саем на книгата

„Плачеш како кит“ е слоевито, хибридно дело, чиј хронотоп се движи од една фиктивна лична приказна во македонската сегашност, преку навраќање во минатото низ пределите на Чиле и на Тихиот Океан со упатување на историски факти, низ бајковити предели на неодредени локации некаде во Европа, преку митолошко создавање на живиот свет, сè до една потенцијална иднина на Македонија во која превладува метафората на потонувањето – вели за новот роман на колегата Ѕвездан Георгиевски онаа Која го прочитала меѓу првите.
Различните делови, продолжува таа, сочинуваат една кохерентна романескна целина. Имено, сите се поврзани со лајтмотивот на китот, симбол на благородните особини на луѓето што трагаат по нешто повеќе од она што им го одредила судбината, која тешко се победува, и чудовиштето, кое симболично го претставува стравот што ги прогонува ликовите од различни причини уште од нивното детство. Преку оваа комбинација на приказни, на читателите им се дава функционален објектив низ кој ги следат сличните трансформации на оние што се соочуваат со смртта на блиските и со губењето на смислата.
Ѕвездан Георгиевски (1961, Јесенице) работел како новинар, колумнист и уредник во повеќе редакции, па меѓу другото и во „Глобус“. Основач е на првото приватно радио во Македонија, „Канал 4“, превел десетина книги, главно од јазиците на поранешна Југославија, уредил неколку зборници, литературни и публицистички дела. Во моментов работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.
За прв во новиот занает се пројави со „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ – роман објавен од издавачката куќа Темплум. Романот е добитник на наградата за најдобра дебитантска книга „Новите!“
Романот се состои од автопоетички предговор, осум раскази, две лирски интермеца и епилог. Главниот лик, Гроздан, е новинар кој живее од своите тезги во странство. Во својата земја, тој ужива почит од помладите колеги, но новинарската слава му е потемнета. Гроздан не може да се снајде во новото време, па не поднесува барања за работа.
Авторот вложил голем труд во конципирањето на своето прво дело, обезбедувајќи си самодисциплина при што на мал формат успеал да пласира повеќеслоен, но јасно обликуван концепт и необичност на жанровската форма. Мајсторството на раскажувачкиот стил на Георгиевски се состои во тоа што успева да изгради мал калеидоскоп од различни животни состојби: семејниот живот во тесни рамки, професионалните рутини, ритуалот на кафеаната, автоматизирањето на навиките, опсесиите, стравот, тагата по умрените пријатели итн. Притоа, авторот бега од психологизмот на тие ситуации и се определува за фантазмагорични наратеми
„Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Георгиевски е кус роман, составен од осум поглавја, две поетски интермеца и епилог. Дел од поглавјата делумно функционираат и како самостојни текстови и може да се читаат како раскази, иако се мошне цврсто инкорпорирани во романескната целина – како тематски, така и на стилски и поетички план.

Георгиевски во предговорот на романот експлицитно ги открива книжевните и воопшто уметничките дела кои влијаеле врз обликувањето на ракописот, притоа вешто ослободувајќи се од сомнителната демијуршка претенциозност. Оддалечувајќи се од божемната супериорност на сопственото авторство, авторот вели:
„Ако случајно се препознаете во некој лик или некоја случка, нека не ве излаже тоа – да, тоа е украдено од вас, бидете сигурни.“
Во предвечерието на промоцијата на книгата, авторот вели дека таа е резултат на еден неочекуван луксуз што го добил во последните пет-шест години, а тоа е многу слободното време. Истакнува дека токму слободното време е најскапата работа што човек може да ја добие, така што неговото останување без работа му дало една привилегија што ја немаат многу луѓе околу него. Со оглед на неговиот, како што вели, дефицит на различни вештини кои би можел да ги применува, немал што друго да прави освен да пишува и да се одржи во пишувањето. Сакал да верува дека може да се пишува за да се живее, меѓутоа и да се живее за да се пишува. Сметал дека во некои години кога сте „престари за рокенрол, а премлади за смрт“ (Иан Андерсон – ЏЕТРО ТАЛ), едноставно не ви преостанува ништо друго освен да се занимавате со работа за која мислите дека знаете најдобро да ја правите.
Во 2018 година овој автор ја промовираше книгата „Да не бидам покусо”. Се работи за збирка од 70-ина куси раскази и кратки форми, т.н. „едноминутни новели“ создадени под влијание на родоначалникот на овој жанр – Иштван Еркењ, но и на други автори на куси раскази како Хармс и О’Хара. Тематски се движат меѓу надреалното и апсурдот, често навлегувајќи во магичниот реализам.
Автор е и на публицистичкиот труд „Урбани топоними“. Книгата раскази „Да не бидам покусо“ беше издание на „Просветно дело“.
Издавач на „Плачеш како кит“ е „Бегемот“.