Руските дојденци во Србија „не мора да се правдаат за Путиновата војна која и онака главно ја осудуваат. Но, ги мачи друг феномен: во Белград наидуваат на домашни обожуватели на Путин“, пишува Франкфуртер Рундшау
ЈЕЛЕНА ЃУКИЌ ПЕЈИЌ
На последниот белградски протест против војната во Украина имаше многу руски дојденци, забележува репортерот на германскиот весник Франкфуртер рундшау. Меѓу нив бил и еден челист кој по избувнувањето на војната ја загубил работата во оркестарот во Санкт Петерсбург.
„Бев отпуштен бидејќи пред колегите го изнесов мислењето за војната“, вели тој за германскиот весник. Семејството на неговата мајка и неговата сопруга потекнуваат од Украина. „Всушност, по анексијата на Крим сакавме да емигрираме од Русија. Војната во Украина беше капката која ја прели чашата.“
Како што пишува Франкфуртер рундшау, илјадници Руси кои сега емигрираат се пристигнати во Белград. „На Русите не им е потребна виза за влез во Србија. Србија, кандидат за ЕУ, балансира меѓу Истокот и Западот, и не учествува во санкциите на ЕУ против Русија. Затоа државната авиокомпанија Ер Србија е една од ретките европски компании кои сѐ уште летаат за Москва и за Санкт Петерсбург“, пишува весникот.
Како што се наведува, покрај Истанбул, Ереван и Тбилиси, и Белград станал омилена дестинација за високо образованите Руси. Од почетокот на март над 300 фирми, најчесто од ИТ секторот, ги префрлиле своите седишта од Русија или од Украина во Србија.
Во белградските банки велат дека сѐ повеќе Руси отвораат сметки, медиумите проценуваат оти има 20.000 до 30.000 доселеници. Саша Серхина, со потекло од Самара, живее во Белград подолго од 10 години. Таа е една од иницијаторите на иницијативата „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“.
За Франкфуртер рундшау таа вели дека Русите кои се доселуваат би можеле да бидат од полза за Србија, слично на оние кои дојдоа по Октомвриската револуција од 1917 година. Серегина вели дека доаѓаат претежно припадници на „средната или високата средна класа“, но дека има и негативни последици. „Во Белград стана уште потешко да се најде стан по пристојна цена.“
„Русите ги туркаат нагоре и онака веќе високите цени на недвижностите“, вели една даночна советничка за германскиот весник. „Се плашам оти луѓето со нормални примања тука наскоро нема да можат да си дозволат стан.“
Како што наведува франкфуртскиот весник „дојденците сепак во русофилната Србија не наидуваат на предрасуди, за разлика од оние кои одат во западноевропски егзил. Во Србија не мораат да се правдаат за војната на Путин која ионака претежно ја осудуваат. Наместо тоа ги мачи сосема друг феномен: во Белград наидуваат на домашни симпатизери на Путин“.
Музичарот од Санкт Петерсбург вели дека му е драго што во Белград смее да протестира против војната, но оти е шокиран што таму се продаваат блузи со ликот на Путин и што луѓето доброволно ги носат.
„Поради НАТО бомбардирањето и војната на Косово многу луѓе тука имаат поедноставени и апсурдни ставови за војната во Украина“, вели тој. „За нив, непријателот на непријателот е всушност пријател. Тие го поддржуваат Путин како противник на НАТО и неговата војна во Украина како контранапад.“
Франкфуртер рундшау пишува оти новопечените руски Белграѓани во своите групи на Фејсбук и на Телеграм сепак помалку зборуваат за војната, а повеќе за практични работи: како да се отвори сметка во банка, каде да се пратат децата на училиште и кои ресторани се добри. Музичарот од Санкт Петерсбург вели дека не знае колку долго ќе биде во егзил. „Животот оди некако натаму“, вели, „но сигруно нема да се вратам во Русија додека Путин е на власт“.
Училишното ѕвонче означува почеток на часот во Основното училиште „Радоје Домановиќ” во Врање. Во училницата на учителката Ивана Вучковиќ, која води второ одделение, стигнаа двајца нови ученици – Емилија и Доминик, двајцата од Украина. Додека мнозинството нејзини ученици денеска според програмата ја учи латиничната буква Đ, во тетратките на новите ученици наставничката ги испишува почетните букви од азбуката.
„Скажи б“, зборува учителката додека со црвено пенкало ја испишува таа буква на почетокот на тетратката на малиот Доминик од Закарпатје. Тој тивко повторува по неа: „б“. Потоа, в,т и други кирилични букви кои постојат и во украинското писмо.
Во ова основно училиште во Врање одат вкупно седум основци кои моментно живеат во Центарот за азил во градот.
Координаторката на Тимот за поддршка на децата на мигрантите во училиштето, Маја Костиќ, е наставничка по англиски јазик. Улогата на координатор ја има уште откако деца од Блискиот Исток следеле настава.
„Уште од 2017 година добро сме запознати со образование на деца кои доаѓаат од други држави. Тогаш тоа беа деца од Сирија и од Авганистан, а сега се деца од Украина. Сите се на различна возраст, прво, второ, шесто и седмо одделение. Морам да признаам дека порано имав подобра и поголема соработка и со децата, и со родителите и со Центарот, зашто сум наставничка по англиски јазик, а сите знаеја англиски јазик. Моментно сум помалку запозната со ситуацијата, поради јазикот и поради тоа што сме во спротивни смени“, вели Маја Костиќ, додавајќи дека сега се решаваат ситните разлики во знаењето на децата.
„Некои учителки велат дека тие имаат знаење за прво одделение, а запишани се во второ, но има и технички работи кои ги решаваме. Инаку, добро се прифатени од децата, за жал морам да го кажам и тоа – овие деца се подобро прифатени зашто се словенски народ, нам поблиски во однос на децата од Блиски Исток. Мене ми е жал, зашто деца се деца“, вели наставничката Костиќ.
Мајка на Доминик е Елвира Керекеш. Покрај Доминик, таа има ќерка – Беатриса оди во осмо одделение во ова училиште. Елвира прилично добро зборува српски јазик, зашто е мажена за Јанош Керекеш од Панчево, кој претходните децении живеел во Закарпатје.
„На двајцата им се допаѓа што одат во училиште, сега еве веќе две недели. На Беатриса многу ѝ се доаѓа, а Доминик уште не е вклопен, тоа мора да биде полека“, вели Елвира. „Мене ми е јасно дека не мораат сѐ да знаат, најбитно ми е да се дружат, да се вклопат во друштво, да сакаат да одат во училиште“, вели таа.
Во Србија по осмо одделение се оди во средно, прашуваме кога Беатриса ќе се запише во средно училиште и како е тоа во Украина. Елвира објаснува дека и во Украина се запишува во средно училиште по осмо одделение во основно, но и не мора, може да се продолжи до 11 одделение. Исто така, можно е запишување во средна школа со и без професија, нешто слично на општа гимназија во Србија.
„Беатриса сака да се запише во економско училиште, ќе видиме како ќе биде. Треба да се пријавиме, Комесаријатот ќе ни помогне, оттаму ги возат и децата во училиште и ни помагаат во сѐ што ни треба. Засега Беатриса оди во училиштево Врање, но посетува и онлајн настава од Украина“, вели Елвира.
Беатриса потврдува дека едвај чека да оди во средно училиште, вели дека математика ѝ оди одлично, тоа ѝ е омилен предмет.
Нејзините постари другари од Центарот за азил, двајца 16-годишници, двајцата се викаат Саша, еден од Покровско, еден е од Буча, сега одат во Трговско-економско училиште во Врање. Едниот од нив во Украина одел во средна школа без професија, другиот учел да биде готвач, сега двајцата посетуваат смер туризам. Со помош на Елвира, ни објаснуваат дека предметите не се тешки, а надвор од Центарот зборуваат англиски јазик.
Центарот за азил во Врање беше затворен речиси две години, зашто немаше потреба од сместување бегалци. Тоа време е искористено за реновирање. Сега бегалците од Украина престојуваат во убаво и ново сместувалиште, собите им се многу поголеми отколку за време на мигрантите од Сирија, Авганистан и други земји.
„Завршувањето на реновирањето се поклопи токму со почетокот на украинската криза, така овде ги примивме украинските бегалци, тука моментно има најдобри услови за нивно сместување. Моментно ги има 57, од кои 17 се деца. Сите тие овде живеат нормално, се трудиме да им овозможиме сѐ што им е потребно за нормален живот. Децата одат во училиште, сите излегуваат до Врање, мислам дека водат релативно пристоен живот“, вели координаторот од Центарот за азил во Врање, Слободан Савовиќ.
Тој вели дека секој пат кога стигнуваат нови луѓе во Центарот, децата од училишна возраст чии родители се заинтересирани за тоа, поминуваат потребна процедура како систематски преглед, по што почнуваат со настава. „Сега има девет кои одат во училиште, но очекуваме во наредите денови бројот да се зголеми“, вели Савовиќ.
Според податоците на Комесаријатот за бегалци, од почетокот на војната во Украина, во Србија дошле 24.500 украински државјани. Престој пријавиле 5808 од нив, а најголем дел се сместени кај роднини пријатели и познаници. Што се однесува на прифатни центри, Центарот за азил во Врање е засега единствен отворен за Украинци.
Мнозинството мајки сместени во Центарот во Врање се надева на враќање дома. На тоа се надева и нашата соговорничка Елвира, без оглед што мажот ѝ е од Србија. Тој пак има поинакво мислење. Јанош Керекеш вели дека во Врање се прифатени подобро отколку што можеле да си замислат.
„Овде ни е повеќе од одлично, имаме сѐ што ни е потребно. Јас навистина не сакам било кога да се вратиме во Украина. Јас се вратив таму каде треба да се вратам“, вели Јанош за Дојче веле.