Мерките на Приштина за тргиовски блоикади ги одвраќаат странските инвеститори не само од Косово, туку и од целиот регион и ги уриваат сите планови на ЕУ за некаков заеднички економски простор, за да се подигне економијата во секоја земја поединечно
Приштина и Скопје се во повторна трговска расправија поради што си најавуваат меѓусебни блокади. Според упатените, за честите несогласувања на Македонија најчесто во трговијата со Косово и Србија има неколку причини.
Рецидиви од односите во поранешната заедничка држава, нерегулирани трговски односи и големо влијание на моќните бизнисмени врз владите – во овие три причини дел економисти ги лоцираат проблемите во трговијата кои често се случуваат меѓу Македонија и двете соседни земји, Косово и Србија.
Сега актуелен е проблемот во трговијата меѓу Скопје и Приштина. Косово наложи забрана на увозот на компири и мед од земјава, како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увозот на риба за порибување од Косово. Од македонското министерство тврдат дека мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи
Но, ова не е првпат да има несогласувања. Во 2013 година на пример Македонија реши да се наплаќа за секое возило и патник кој сака да влезе во земјава од Косово, а Приштина како одговор воведе целосна блокада за македонски производи. Чести проблеми во трговски односи има и со Србија, а најчесто се поврзани со брашното и пченицата.
Според Џевдет Хајредини, во изјавата за Радио Слободна Европа покрај рецидивите од минатото и нерегулираните трговски односи, особено се изразени и релации меѓу бизнисмените и властите, оти како што вели се работи за мали држави.
„Некој поголем бизнисмен или економски субјект има поголемо влијание кај одредени политички личности во министерствата и доаѓа до израз на нивните конкретни интереси при што вршат притисок и законската регулатива да не е прецизна и стабилна во односите меѓу државите”, вели Хајредини, поранешен министер за финансии.
Македонските власти, пак, по состанокот за актуелниве случувања соопштија дека ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката за забрана на увоз на компир и мед од земјава.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов изјави за новинарката Фросина Димевска дека македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.
„Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана“, истакна Атанасов, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на новиот Правилник за условите за ставање во промет на храната од животниско потекло наменета за директно снабдување до крајните потрошувачи”, рече Атанасов.
Инаку, тензии со Косово имаше и лани кога Приштина одлучи привремено, во рок од 90 дена да ги зголеми царините за 30 отсто за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство. Таа мерка не беше насочена само кон Македонија, туку кон сите, но овде предизвика силни реакции поради големиот извоз на македонските производители на косовскиот пазар.
„Не е случајност што проблемите на Македонија се со Косово и со Србија. Тоа се две земји со кои Македонија беше долго време во заедничка држава. Такви проблеми не можат да се јават со Бугарија, Грција и Албанија оти во односите со нив имаме поинаква традиција, менталитет и навики“, вели Хајредини.
Тој додава дека Косово, пак, слични проблеми во трговијата има и со Албанија. Пролетва двата соседа се скараа околу одлуката на Албанија за мерки поврзани со увозот на брашно, пиво и компири од Косово. Приштина на оваа одлука се закани дека ќе воведе сто отсто зголеменени царини за албанските производи.
Главната уредничка на „Независен“ исто така се осврнува на одлуката на косовската влада во оставка повторно да ѝ објави на Македонија трговска војна. Ваквата мерка Приштина толку често ја употребува и злоупотребува, што водењето трговија и економија во таа држава сè повеќе личи на шпанска серија.
И лани во овој период Косово промовираше некакви казнени мерки забранувајќи увоз на земјоделски производи од сите четири соседи, вклучувајќи ја и Албанија. Сега се налути зашто, поради стандардите што ги бара Европската Унија, Македонија мораше да стави рампа на увозот на свежа риба од косовските снабдувачи. И, место да погледне во својот двор и да ги примени стандардите што ги бара Брисел и што се бараат од регионот, косовската влада одговори со тоа што единствено ѝ успева во последно време – закани, санкции и разни казнувања на соседството.
Речиси цела една година цел свет се чуди на воведувањето на царината од 100 отсто за сите производи од Србија и БиХ, која нема никаква економска логика туку само политичка, и е дури на штета на косовската економија, покрај тоа што нема врска со пазарната економија. Сега, потсетува Јовановка, Приштина забрани увоз на мед и компири од Македонија, не криејќи дека освен реваншистичка ваквата одлука нема никаква друга логика и оправдување. На косовскиот економски популизам Македонија сè досега одговараше со многу трпеливост и со многу разумност, но доаѓа време разгаленото „дете“ во соседството да научи дека проблемите треба да ги решава, и тоа не преку нас, туку во сопствениот двор. Вака како што се однесува Косово бргу ќе дојде денот кога сите во регионот и пошироко ќе зажалат што ја признале како држава бидејќи се однесува како герила-територија. Уште повеќе, ќе покаже дека е проблематичен сосед кој не знае за што служи зборот дијалог, а сите спорови со соседите, вклучувајќи ги и тие добронамерните, ги решава со притисок и закани. Зашто, сите вакви мерки на Приштина ги одвраќаат странските инвеститори не само од Косово, туку и од целиот регион и ги уриваат сите планови на ЕУ за некаков заеднички економски простор, за да се подигне економијата во секоја земја поединечно.
На крајот на краиштата, оваа најнова забрана за увоз на мед и компири ја отвора и дилемата зошто Македонија би инвестирала во инфраструктурата за да стигне до толку несигурен пазар кој зависи од хировите или рејтинзите во моментов на косовското раководство. Како и дилемата, што ќе се случи ако еден ден Македонија почне преговори со Унијата и почне да ги приспособува своите политики, вклучувајќи го и визниот режим, кон барањата на Брисел, како што го направи тоа Бугарија кон нас? Ќе ни објави вистинска војна?
Косово всушност е најдобриот пример како водењето држава се меша со водење политика и популизам, и како сè што се прави на тој план има како подтекст штитење нечии тесни бизнис-интереси по секоја цена или зачувување на власта со продавање политичка магла. Место да им објасни на граѓаните дома дека треба време и работа да се исполнат некои стандарди во трговијата и место да побара помош од Македонија или од ЕУ косовските риби да доаѓаат според пропишаните правила, Приштина им продава магла на Косовците билдајќи го нивното државничко „его“ во трговските расправии со соседите.