ВОЈО МАНЕВСКИ
Не сум сигурен дека држи вода ставот дека гласачкото тело е доведено во заблуда. Таква мисла може да се слушне секогаш во разговорите на обичните граѓани. Почитувани сограѓани, ако не ни се слушаат мудрите мисли на филозофите барем имаме наше искуство за овие триесет и кусур години. Не се само политичарите криви што ние како граѓани сакаме да ни го кажат тоа што сакаме да го слушнеме. И со тоа ја избегнуваме одговорноста за нашиот избор
Празниците се прилика да се испратат важни пораки до граѓаните. Такви пораки вчера испрати премиерот Мицкоски. Следниве денови ќе слушнеме и видиме разни анализи на пораките. Мене на прв поглед ми изгледа како во мислата на Кикерон (Цицерон) за владеењето на Цезар: „додека сме ние негови робови, тој е роб на состојбите“.
Политичарите својата моќ ја црпат на изборите. За да дојдат до поголем број на гласови ги користат сите средства што им стојат на располагање. Граѓаните доколку немаат изградена свест за сопствената улога во една демократска заедница, најчесто се однесуваат како поданици на политичките господари. Слушам и читам разни анализи за капацитетот на новата Влада и нејзините политики. Па не дојдоа тие партиски преставници од Свазилед, туку катадневно беа на медиумите, критикувајќи го секој чекор на актуелната власт.Можеше да се види и што предлагаат и колку знаат. Не сум сигурен дека држи вода ставот дека гласачкото тело е доведено во заблуда. Таква мисла може да се слушне секогаш во разговорите на обичните граѓани. Почитувани сограѓани, ако не ни се слушаат мудрите мисли на филозофите барем имаме наше искуство за овие триесет и кусур години. Не се само политичарите криви што ние како граѓани сакаме да ни го кажат тоа што сакаме да го слушнеме. И со тоа ја избегнуваме одговорноста за нашиот избор. Или како што велат мои новоселци: ако еднаш, двапати ме излажеш, тогаш ти си крив, ама ако тоа го правиш многупати тогаш не е до тебе, до мене е. Така ја исполнуваме мислата на Кикерон. Ние сме робови на Цезарот.
Но, да поминеме на вториот дел на мислата на Кикерон. Цезар е роб на состојбите. Тој користеше сѐ што му беше на располагање за да ги убеди граѓаните да гласаат за него. Да, имаше многу изјави кои сега го товарат, ама и тогаш и сега имаше публика да го слуша. Но, едно е да се држат опозициски пламени говори, а друго да се води држава. За цело време на опозицискиот стаж се прават разни контакти и договори. Тие што се договарале да дадат поддршка не го правеле тоа од човекољубие или возвишени идеали, туку од тоа што виделе можност да имаат некаква корист. Состојбата кога барата е мала, а во неа крокодили со отворени челусти не е за потценување. Мало невнимание и некој од крокодилите ја склопува вилицата. За да ја води успешно државата му требаат способни и посветени кадри. Според некаква пресметка потребни се околу три илјади лица со такви карактеристики за да се води огромниот административен механизам на сите нивоа. Има ли некоја партија толку и такви кадри? Сите заедно на купче да ги ставиш, пак изборот нема да биде лесен.
А не се само функционерските места, во барата има многу крокодилчиња што чекаат да закачат и тие нешто. Ако не се задоволат нивните апетити веднаш го вртат опашот и ја оговараат власта каде стигнат и кога стигнат. Така на брзина се врти јавното мислење, а тоа не смее да си го дозволи премиерот.
Очекувањата се големи кај населението измачено од двете последователни кризи. Не помагаат овде убавите зборови. Стандардот мора да се подобри зошто состојбата е на раб на поднесувања. За тоа се потребни пари. Пари во буџетот нема зошто ваков како што ѐ е резервиран за долговите, платите на администрацијата, пензиите, социјалните давања.
Капиталните инвестиции треба да се финансираат од буџетскиот дефицит кој треба да биде некаде околу стапката на растот на БДП. Кај нас тоа никогаш не се поклопува. Администрацијата нема капацитет ни тие позајмени средства да ги потроши низ проекти од корист на граѓаните и затоа нема очекувана додадена вредност па на крајот нема раст на БДП со стапка над 3% .И така во круг, а за нов круг се потребни нови задолжувања. Така доведовме до задолженост над 60%. Значи, немаме таков општествен производ кој може да ги задоволи потребите на државата. За неговата рационална распределба не сме способни зошто прво го задоволуваме своето коруптивно разбирање на државата и заедницата.
Ова не е оправдување за актуелниот премиер нити за неговите претходници, туку само ги отсликувам состојбите во светло на робовските односи кон Цезарот.
Дали е стасана потребата од јасни стратегии и методологии за нивното остварување? Одамна е стасана, ама сега е неизбежна. Дали е потребно минимум доверба меѓу политичките елити за поставување на параметри од кои ќе се прават потребните политики. Нешто како заеднички именител. Овде не мислам на персоналната доверба на разните политичари кои низ лични врски и доверби направија посебна каста која нема веќе заеднички интерес со граѓаните, па дури ниту со сопственото членство. Мислам на доверба како обврска дека договорените основи ќе се почитуваат без разлика кој ќе ја води политиката реализација на зацртаното. Отстапувањето од така договореното и успешноста на реализацијата треба да биде маркер за гласачите и доделувањето на нивната доверба на доследната политичка гарнитура.
Европскиот пат е избор на граѓаните. Како можеме до побрз развој ако ја погледнеме структурата на економијата и нејзината зависност од европската економија? Преку структурни реформи кои ќе нѐ прават поконкурентни на тој пазар. За тоа се потребни пари. Од каде ќе ги земеме и кој ќе ни ги даде ако веќе го знаеме пазарот на кој треба да ги пласираме производите. Тој пазар не е зелена полјана и декларација на невладини организации за граѓански права, туку сурова борба за место на него. Има многу формални и неформални врски меѓу играчите на тој пазар и нивните политички раководства. Има, ама тоа се правилата на кои тешко се навикнуваме, но ќе мораме. Овде е нужен тој договор меѓу политичките фактори во Македонија. Не околу свиени и исправени кичми и глави, туку околу редоследот на реформите кои треба да се направат за да се искористат сега доделените средства од ЕУ и како да се донесат повеќе низ реформите и како последица од нив.Договор за мерките за зајакнување на конкурентноста на економијата. Во право е Мицкоски кога вели дека сме пред опасност од која можеби и нема да се извлечеме, ако не почнеме со комплетна реформа на целиот систем. Ако вака продолжиме цената на задоцнетите реформи ќе се огледа во бројот на странски пасоши за нашите граѓани и купените карти за излегување од државата.
Очекувам навивачка и непринципиелна дебата за предложеното единство но тоа нема да ја намали неговата нужност. Кој вели дека сме последни во математика на тестовите? Имаме ние свое знаење на есап. На секој вработен преку партиска листа во администрација доаѓаат по двајца иселени млади лица, плус едно семејство со две деца и повремена селидба на двајца постари од 55 години што се ангажираат како помош при чување на внуците или одржување на изнајмените станови додека младите го бараат своето место во новата средина. За ова ви треба ли формула за да го пресметате резултатот од досегашната економска и политичка состојба во државава?
Ајде господа академици, универзитетски професори, чесна интелегенцијо, пресметајте го заедничкиот именител за реформите, па да се обидеме да опстанеме и како држава и како народи кои ја полнат нејзината бројка на жители!
(civil.mk)