Ова дело беше во официјална конкуренција во програмата „Перспективи“ а критиките ветуват добра иднина за делото

Филмот „17“ на Косара Митиќ по светската премиера на Берлинале доби исклучително позитивни критики од релевантни меѓународни медиуми.
AwardsWatch го опиша како моќно и вознемирувачко деби што ја разобличува цената на тишината и соучесништвото. Посебно е пофалена изведбата на младата актерка Ева Костиќ, како и воздржаниот, но прецизен режисерски пристап.
Cineuropa ја истакна авторската зрелост на Митиќ во ова деби остварување и визуелната доследност зад камерата на Наум Доксевски, оценувајќи дека станува збор за исклучителен креативен тандем.
Британскиот The Observer го вброи „17“ меѓу “најдобрите откритијата на фестивалот”, додека Goethe-Institut нагласуваат дека филмот отвора важни прашања за стравот, молкот и колективната одговорност.
Дел од позитивните реакции пристигаат и од меѓународната публика што имаше можност да го гледа филмот.
Со вакви реакции, „17“ се наметнува како едно од најзабележаните деби на годинашното Берлинале.
Да се потсетиме дека новиот македонски долгометражен игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ и во продукција на Томи Салковски, е селектиран во програмата „Перспективи“ на годинашниот Берлински филмски фестивал, кој годинава го одржува своето 76-то издание.

Како што информира Црна Мачка Продукција, филмот „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири, кое ќе одлучи кој од вкупно 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во рамки на оваа програма.
Приказната го следи животот на седумнаесетгодишната Сара, која поаѓа на училишна екскурзија криејќи тајна за која никој не знае. Кога патувањето ќе излезе од контрола, а Сара ќе стане сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, меѓу двете девојки се создава врска што засекогаш ќе ги обележи нивните животи.
Филмот е во продукција на „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со Арт&Попкорн од Србија и Децембер од Словенија. Проектот е поддржан од Агенција за филм на Северна Македонија, како и од Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, SEE Cinema Network и програмата CineLink Work in Progress на 31. Сараевски филмски фестивал.
По повод селекцијата на филмот во Берлин, денеска ќе се одржи средба со медиумите, на која ќе присуствуваат режисерката Косара Митиќ, продуцентот Томи Салковски, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, членови на авторската екипа на филмот, како и директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски.




