Планот на ДПМНЕ за симнување од власт на екипата на Заев, преку победата на претедателските избори и предизвикување на вонредни парламентарни изјаснувања на гласачите се изјаловуваат. Со тоа го снемува и жарот со кој Груевски, менторот на политичките операции на ВМРО ДПМНЕ кога седнува зад компјутерот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„За мој вкус говорот на Заев е предлог во однос на говорот на победникот на изборите“ – прококоментира водителот Чомовски во студиото на 1 ТВ, после последниот прес од просториите на Синиот салон на СДСМ во неделата вечер. Заради постојано вртење по тв каналите не бев чул каков коментар користел по говорот на поразената кандидатка Гордана Силјановска Давкова, долг 26 минути во кој таа просто „ја удави“ јавноста со сопствената неконцизност и моќ да биде масовен хипнотизер со егоизмот без основ и – повод.
Таа најпрвин го почна говорот со емотивен излет кон фактот дека луѓето ја препознавале додека одела по улица, дека и велеле дека се подмладила за време на кампањата (!) и се нешто слично како квасец во колачот подговен за нејзината евентуална победа. Говорничката, како во некоја сцена на „Булеварот на самракот“ со Глорија Свансон, но токму во вмроовски манир се обиде на многу точки да поентира со тоа дека таа е фактичкиот победник а дека нејзиниот противкандидат е поразениот, иако оној кој ќе мора да ја кречи Претседателската вила на Водно ќе биде токму Стево Пендаровски и неговата поубава половина Елизабета Георгиевска, чие работно место на Стоматологија сега ќе и дојде поблизу.
Дали на тукушто завршените претседателски избори е поразена ВМРО ДПМНЕ преку ликот на нејзиниот кандидат – професорката Силјановска Давкова или тоа е нејзин личен пораз како финале на постојаните дежурања зад завесата на црвено-црната, кусо време и портокалова партија, со своите професорки апликации кон нејзините политики, пред се во периодот на груевизацијата?
Инсистирањето на нејзината наводна неутралност е перфорирана како со првите чекори во политиката на Силјановска Давкова во раните 90-ти,потоа со присуството во раководството на раната фаза на дејствувањето на Фондацијата Сорос (ова заради фактот дека тоа нешто е голем грев кај најверните гласачи на ВМРО ДПМНЕ) а со некакво изненадувачко салто таа влезе во поагилна фаза со својот политички став во миговите кога беше неопходна нејзината албанофобија, да речеме најпрвин со новата територијална поделба на Македонија (2004). Со мал исклучок кога беше во прашање нејзиното его, за време на студентскито бунт, таа во изминатие години гостуваше во десетина емисии во кои цврсто застана против новиот Закон за употреба на јазиците, за кој рече дека дефакто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа, вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените на отпорот кон овој акт, заедно со професор Билјана Ванковска и академик Катица Ќулафкова.
Секако, Силјановска-Давкова јавно се противеше на инсинуациите дека е „албанофоб“ особено кога свати дека без гласовите на овој етникум нема да може да стигне онаму каде што се упатила, кон столчето на шефот на државата. И конечно (да нема забуна, потврдено и со нејзиниот најнов пост, првиот ден после проазот) таа изјави дека за неа никогаш нема да постои „Северна Македонија“, една од констатациите, од која, за волја на вистината како Свети Петар три пати се одрекнуваше во време на кампањата, во зависност од моментните проценки и расположби. Но сега, без „оковите“ на потребата да им се допадне на сите, одново подвлече дека за неа Преспанскиот договор е неприфатлив и „покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да ѝ се мешаат дрско во внатрешните прашања“, односно ја потврдува старата закана дека „оние пратеници кои утре ќе кренат раце за уставните промени ја фалсификуваат историјата и со тоа прават не само неморален чин, туку и низа кривични дела“, што е една постара изјава на Гордана Силјановска Давкова, како гостин во „Отворено“ на Алфа телевизија
Нема сомнение дека проценката во ВМРО ДПМНЕ токму одеше во правец на тоа дека десничарското гласачко тело во Македонија пред сè би било зад неа како осведочен и жолчен противник на Законот за двојазичност и Преспанскиот договор, без оглед на неговото усвојување и приемот во западниот свет.
Заради нејзиниот професорски статус и фактот дека припаѓа на понежниот пол, пак, се процени дека таа може да влијае на неопределените, кои би ѝ требале за да има позначајна гласачка „жетва“. За Мицковски таа како станар на претседателската вила би била еден вид гарант дека позицијата и односот на Иванов кон совремието ќе си имаат свој продолжувач.
Има и пошироки експликации за тоа зошто Мицковски се определил за Гордана Силјановска Мицковска. „Сиљановска беше избрана за кандидат за да се прави наудрена и падната од Марс и сите дебати да ги префрла од политички теми кои се болни за ВМРО ДПМНЕ на некаква правна, зфофевна универзитетска сфера каде таа ќе се фали колку била призната во светот, и морам да признаам дека таа одлично ја одработи задачата. За сите злодела на ВМРО ДПМНЕ таа или играше на картата „не сум знајала“ или не прифаќаше никаква одговорност, па дури и својата кандидатура ја преставуваше како некаква реформа во ВМРО ДПМНЕ?! Со што се постави како штит кон Мицковски, и токму затоа и беше одбрана за кандидат, само таа можеше вака да одигра, можеби за нас како јавност тоа изгледа малку перверзно и расипано, но тоа е дел од политиката“ – рече колешката Оливера Трајковска за радиото Канал 77.
Како и да се земе, порзот е двоен, и на Силјановска и на Мицковски, но дури и каков таков тој останува на рафтот на трофеите на партијата, кој знае кој по ред, како нивна консеквентна сеанса од типот „ВМРО против историјата“. Мицковски, поранешен аџија кај газда Ѕинго, си доби алиби во кабинетот за Уставно право при УКИМ за да ја мине црвената линија од 350 илјади гласови за партијата, со што останува во седло во однос на внатрешната опозиција.
Неговиот злобен план „чист и пред Бога и пред менторот Груевски“ сега е остварен. Иако, веројанто е дека бегалецот во Будим не е целосно расположен во мигот. Тој, му дал пас на Мицковски за политички опстанок од кој самиот нема да има никаква добивка! Нема победа во оваа трка, нема да има предвремени избори, нема да има негова амнестија…