ЏЕЛАЛ ХОЏИЌ
Дали и отворено се менува курсот на земјата?
Кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова објави дека претседателката нема да патува во Париз, поради проблеми со авионот. Францускиот претседател Макрон упатил покана до нашата претседателка за присуство на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз.
Веднаш се наметнува прашањето: Ако е расипан авионот, зошто претседателката Сиљановска Давкова не отпатувала со алтернативна комерцијална авионска линија во Париз?
Ова прашање се наметнува како легитимно, ако знаеме дека нашата претседателка не отпатувала на затворањето на Олимписките игри во Париз, повторно на покана на претседателот на Франција, Емануел Макрон. Тогаш од Кабинетот на Сиљановска рекоа дека таа нема да присуствува од принципиелни причини, односно сака симболично да укаже на тоа дека државните пари треба да се трошат за поприоритетни цели.
За помалку од шест месеци, претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова два пати не оди во Париз на покана на претседателот на Франција, Емануел Макрон. Зошто Сиљановска Давкова го игнорира Макрон?
Ова е силен индикатор дека нашата држава сериозно го менува геополитичкиот правец, игнорирајќи ја влијателната Франција во Западниот свет.
Република Северна Македонија нема луксуз да игнорира претседатели на поголеми држави, посебно не влијателни држави како што е Франција.
Гледаме дека во Париз е новиот избран претседател на Америка, Доналд Трамп, што уште повеќе како нелогичен го прави потегот на Давкова да не отиде во Париз, макар со редовна комерцијална авионска линија за обичните смртници.
Нека кажат и тие што имаат подолго помнење, дали можело да се случи на Глигоров, Црвенковски или Пендаровски, во 5 месеци два пати да ја игнорираат поканата на претседател на Франција и да не отидат во Париз. Да бидам искрен, мислам дека ова ниту на Ѓорѓе Иванов не би му се случило.
Со блокирањето на европските интеграции од внатре, со дружбите со Вучиќ во пропадната иницијатива Отворен Балкан, со сомнителните унгарски кредити за кои медиумите пишуваат дека во суштина се кинески, како и со игнорирањето на поканите на Емануел Макрон за посета на Париз, очигледно е дека власта го менува курсот на државата кон исток.
(Авторот е претседател на СДА – текстот е објавен во civil.mk)