По цели шест години од збирката раскази „Ги најдов во длабокото“, Симона Јованоска, за Или-Или, го објави и првиот роман „Денот на црвот“ за кој ќе биде забележано дека „изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам“
„Денот на црвот“ е роман што од ред во ред, од страница во страница постојано изненадува. Од почеток до крај без застој и без празен од. Почетокот на романот е сосема неочекуван. Навестува дека делото е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка што ја откриваме во продолжение. Приказната на спомнатите два лика, понатаму низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Од нашето совремие. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата.
Ова, меѓу другото, во својата рецензија ќе го забележи Јагода Михајловска Георгиева за романот „Денот на црвот“ на младата Симона Јованоска, што како издание на Или-Или се појави неодамна. А, во пресрет на промоцијата на книгата, планирана за четврток на 17 јуни на Платото пред Младински културен центар-Скопје, еве го и разговорот со авторката.
Во, дополна само уште неколку реченици со факти од нејзината биографија.
Родена 1985 година во Гостивар, Симона Јованоска најнапред завршила средно Економско училиште во родниот град, а потоа и Економски факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“. Четири години подоцна со расказот „Последниот кат“ ќе биде второ пласирана на Конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ , а „Денот на црвот“, кој се појави како 195 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на Или-Или, е нејзин прв роман.
Во разговорот од пред некаде шест години, непосредно по објавата на збирката раскази „Ги најдов во длабокото“, се провлече и идејата за првиот роман на Симона Јованоска. Деновиве од печат излезе „Денот на црвот“. Ова подразбира исполнување на „ветувањето“ или можеби само материјализација на силната потреба за роман на авторката?
– Најнапред ќе бидам искрена и ќе кажам дека јас не сум истата личност од некогаш. Денес су некоја друга и на тој начин само го потврдив правилото дека луѓето се менуваат. Веројатно требаше да ми се случат некои големи животни промени, како да речеме да станам мајка два пати, за да се сменам и во однос на трпение и во однос на ставови, на карактерот… Од таму на таквата изјава гледам како на некоја искра. Некоја идеја. Некоја желба. Дека ете еден ден ќе морам да си поставам и да си го остварам и тој предизвик – да напишам роман. Сепак, ни на крај на памет не ми беше дека ќе почнам да го пишувам во една од најтешките години за мене и на поновата историја на човештвото, на предизвиците со кои што се соочивме во 2020. Пишувањето го почнав некаде во април минатата година. Без цел, визија, без ништо… Едноставно знаев само дека треба да го почнам и романот го завршив за некои четири месеци. После безмалку цела една година го корегирав за да стигнам до оваа верзија сега.
Значи станува збор за нова и актуелна приказна која се роди и бурно се разви во текот на светската пандемија?
– Во разговорите со Ненад Стевовиќ од Или-Или и со писателката и новинарка Јагода Михајловска Георгиева, кои го имаат искуството зад себе и кои особено ги почитувам, се обидовме да ја побараме дефиницијата за каков тип на роман станува збор. Што е всушност „Денот на црвот“. Еве ќе се обидам тоа да го сторам и во оваа пригода без многу да откривам од содржината, од суштината на делото. Приказната е составена од 19 би ги нарекла глави и почнува во раните утрински часови кога од земјата после дождливата вечер излегува еден црв. Во овој дел би рекла дека можеби романот малку наликува на басна затоа што на црвот му се припишуваат човечки карактеристики. Меѓутоа црвот е само наговестување кон она што следно се случува, а тоа е друга приказна сосема независна од таа на црвот. И, што би рекле Американците, една работа води кон друга, се заокружуваат 19 приказни кои водат една кон друга и се случуваат во само еден ден. Имаат заеднички именител, тоа е црвот на еден или друг начин и … Генерално станува збор за драма, за лични искуства, за борби на ликовите, за обид за бегство… дури и работниот наслов на романот беше „Бегство во прв план“, но потем ме искараа и ми дадоа совет дека јас можам и подобро…И така дојдовме до финалната верзија и до „Денот на црвот“. Јас во овие мигови сум многу возбудена и се надевам дека книгата ќе помине добро и кај публиката и кај критиката.
Јагода Михајловска Георгиева во својата рецензија за „Денот на црвот“ ќе забележи дека тоа е роман за ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата…
Така и јас го доживувам, како слика на мојата лична состојба додека го пишував романот. Тогаш постариот син имаше четири години, а помалиот беше бебе. Фати пандемија, градинките се затворија, полициски час…една нова ситуација за која ние ниту бевме спремни, ниту навикнати. Буквално немав никаква помош освен сопругот кој си доаѓаше од работа во пет попладне… И, иако сум мајка, посветена и се трудам да им го дадам најдоброто на децата, најискрено, во тие моменти додека бевме затворени дома…едноставно сакав да избегам од целата таа ситуација. Сакав да ја „препијам“,, да му се случи на некој друг и да се „разбудам“ во некое време кога ќе биде се ОК. Токму и затоа мислам дека заеднички именител на ликовите во „Денот на црвот“ е желбата да се избега од некоја ситуација. Дур и да ја исклучиме околноста од пандемијата многу често на многумина од нас, да не речам на сите, ни се случува да сакаме да избегаме во ситуацијата каде што сме. Не кукавички. Некогаш и самоиницијативно. Како обврска, како чин на должност…ама не сите се осмелуваме. Тоа е да речам основната, главната тематика што се провлекува помалку или повеќе во сите 19 глави од книгата.
И, сега веќе кога „Денот на црвот“ полека станува привилегија на читателите, неминовно е прашањето дали на пример, според досегашната динамика на објавување, Симона Јованоска некаде за пет години повторно ќе истрча со роман…или можеби ќе се впушти во поинаква творечка авантура?
– Своевремено кога ја завршив „Ги најдов во длабокото“ некако одлучив да ставам симболичен крај на расказите и да не ги објавувам во збирка, меѓутоа тие не сакаа да се простат од мене. Затоа јас во меѓувреме учествував на книжевни конкурси, како оној од весникот „Нова Македонија“, чисто затоа што себе се гледам во таа форма и навистина нема никаква потреба да ја исклучувам од моето творештво. Да се лишам од пишување раскази. Затоа по цели шест години од таа објава би сакала повторно да потпишам нова книга со раскази. И, да ќе кажам, можеби ќе звучи нескромно… но мислам дека ја усовршив формата. Расказите ми се поконкретни, стилот ми е поконкретен. Дали е сега тоа резултат на тоа што во меѓувреме почнав да работам како копирајтер и го дефинирав стилот не би знаела, но навистина многу би сакала да заокружам уште една збирка раскази во следните неколку години. А, догодина е во план да објавам не роман, туку книга за деца. Тоа ми беше еден од поголемите предизвици во животот. Книгата е готова и сега траат договорите со една издавачка куќа за нејзино објавување. Многу сум возбудена и мислам дека тоа би ми било остварување на една дамнешна желба. Еве, би ги искористила и децата како изговор, ја напишав за нив… но и за детето во себе кое во животот додека растеше и немаше на располагање многу детски книги. И, ќе бидам искрена многу се радувам на таа моја желба која можеби и догодина би се реализирала.
Од ова што го велите доаѓам до заклучок дека авторот, писателот во Симона Јованоска се чини се повеќе дека го потиснува економистот по образование.
– Јас сум многу прагматична и…признавам дека сум многу поделена меѓу авторот, писателот и копирајтерот којшто по дефиниција пишува со цел да продаде. Треба да биде краток, јасен и конкретен… а од друга страна литературното изразување подразбира дека треба да биде лично, богато со метафори и така со ред. Многу сум среќна и благодарна што во мојот живот ја имам пријателката Наташа Атанасова која што секогаш ги чита моите напишани чкртки и ме насочува, ме поттикнува да си го следам внатрешниот глас и да не се цензурирам туку да го фатам стилот и да го држам правецот којшто мене ме прави препознатлива и своја и е карактеристичен за мене. Знаете, во 2021 година луѓето се помалку читаат. Да бидеме искрени тоа ми беше еден од првите предизвици којшто морав да си го надминам. Јас сум свесна дека е тоа така. Притоа тргнувам од себе … помалку читам поради бројните обврски, поради замор… често немам внимание. Арно ама, кога го надминав тој предизвик и откако одлучив дека ќе го следам својот глас, дека треба да држам до себе и да го кажам нештото макар и да е кажано претходно илјадници пати … да го сторам, да го кажам онака како што јас го доживувам, како што сум го поминала низ моите филтри.