Пијанистот Симон Трпчески, солист на концертот „Данте 700“ со кој ќе биде отворена новата сезона на Филхармонија „Во движење“
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески ќе биде солист во изведбата на Пијано концерт бр. 2 од Франц Лист на концертот „Данте 700“ со кој оркестарот на Филхармонија, под диригентство на маестро Габриел Бебешелеа, ќе ја отвори сезоната 2021/22 насловена „Во движење“.
„Најнапред честитки до македонската Филхармонија и нивните напори да се во тек со случувањата во музичка Европа и во светот. Ова мене исклучително многу ме радува како музичар и се разбира како Македонец“.
Вака, Симон Трпчески, прочуениот македонски и светски пијанист, го започне своето кажување во пресрет на воведниот концерт „Данте 700“ со кој националниот симфониски оркестар, кој се одржа на 7 октомври, со кого се отвори новата сезона 2021/2022 на Филхармонијата, насловена „Во движење“. Тој беше солист во изведбата на Пијано концерт бр. 2 од Франц Лист, во програмата во која ќе биде изведена и „Данте Симфонија“ од прочуениот унгарски композитор и пијанист, а со кој ќе диригира маестро Габриел Бебешелеа од Романија и ќе настапи хорот ПроАрс.
Говорејќи за своите размисли и чувства во пресрет на овој несекојдневен настан и новата средба со македонската публика, Трпчески појаснува дека можеби некому ќе му звучи како клише, но тој секогаш кога настапувал на сцените по светот давал се’ од себе. Дека никогаш не се штедел. Но, дополнува, дека едно природно чувство, една посилна примарна емоција е кога се свири дома.
– Чинам дека едно примарно чувство е да се носи еден поголем интензитет на емоција кога се свири и секогаш кога сум свирел дома радоста била уште поголема. Дури без човек да си ја оптоварува главата, па и воопшто целиот организам со фактот дека излегуваш на сцена и го дишеш воздухот од каде што доаѓаш, гледаш луѓе коишто ти се блиски и оние коишто не ти се блиски ти се твои, тука сме Македонци од Македонија, така што во секој случај посебно е чувството и поттикнува – вели тој.
На забелешката дека во последно време е почесто присутен на македонската сцена, пијанистот со одговор дека така веројатно биле и условите, но дека она што го зборува всушност се базира и на искуството од последните негови настапи во Скопје – со колешката Гонца Богоромова Краповска на Есенски музички свечености и на големиот концерт што се случи на последното издание на Деновите на македонска музика, коишто и нему лично му побудиле убави емоции и кога почувствувал дека во една таква тешка ситуација, на сред пандемија, луѓето, посетителите биле многу исполнети и дека многу емотивно го доживеале перформансот што траел 90-на минути. Со маски, без пауза. Според него тоа покажува дека Македонија има публика што навистина ја цени класичната музика, па и новите текови во класичната музика.
– Јас можам да кажам дека многу ми е драго за тоа и дека се надевам дека ваквите текови и визионерски размислувања ќе продолжат и понатаму се со цел и македонската Филхармонија како главен носител тие иницијативи, како главно носечка институција на класичната музика и интерпретативна уметност кај нас, се разбира не занемарувајќи ги образовните институции и другите културни институции во земјата, дека сепак ќе продолжи така да функционира на овој начин и искрено, искрено и посакувам со заеднички сили, оти нели секогаш тимската работа влодува со плод, да ги достигне пожелуваните висини. Се надевам и тоа дека институциите на државата, ќе обрнат повеќе внимание за претставување на Филхармонија надвор од границите на Македонија од проста причина што тоа е исклучително важно и претставува дополнителна мотивација за сите вработени во Оркестарот. Тоа носи и поголема одговорност, меѓутоа и несомнено шанса за напредок. А, настрана и претставувањето на својата држава во светот – вели уметникот.
Во овој контекст Трпчески со акцент дека во земјава, посебно кај државните органи, во ресорното министерство се нема се уште изградено концепт со кој на вистинскиот, на потребниот начин би се промовирала македонската култура и уметност.
– Мислам дека за тоа тука се нема концепт засега. Овде говорам за државните институции, а како некој кој ја имал таа можност да настапува по светот и тоа да го прави и со оркестарот на Филхармонија знам што значи тоа особено за нашите музичари. Еве мене ставете ме на страна бидејќи постојано настапувам надвор, меѓутоа јас лично сум многу среќен, ајде бев многу среќен, кога ги гледав исполнетите лица на колегите. Сметам дека тоа е неизбежен дел од развојот на секој музичар како индивидуа, но апсолутно и на една институција како што е Филхармонија. Така што искрено се радувам дека тоа понатаму ќе вроди со плоди и тоа ќе придонесе за подлабоко навлегување во она што значи себе почитување, почитување на историјата на една ваква институција или било која друга културна институција во Македонија, на своите корени и желба да се претстави своето во коешто веруваш и со кое што се гордееш надвор во светот – кажува Трпчески.
Инаку, запрашан зошто и по речиси половина декада и бројни претставувања во светот тој со своите соработници во татковината се уште не ја сторил промоцијата на проектот „Македонисимо“ Симон Трпчески со појаснување дека тој не е е оној кој треба да го даде одговорот, туку институциите во земјава. Дека „Македонисимо“ бил успешно претставен во 12 земји во светот и дека последниот концерт бил на неговиот роденден и тоа на фестивал во Марибор, Словенија.
– Јас сум секогаш позитивно настроен и не се откажувам така лесно. Секоја институција си има свои планови, убедувања и т.н , но во секој случај има размислувања за промоција во Македонија допрва. Мислам дека тоа ќе се случеше многу порано, но за жал оваа ситуација со светската пандемија многу работи преврте наопаку па и тоа претставување овде дома, во земјава. Како и да е јас верувам дека тоа ќе биде и не само во Скопје туку во целата држава, но за тоа треба простор и време. Сметам дека за проект што ги претставува македонските корени во едно поинакво светло од музички аспект се потребни доволно подготовки за убава промоција.
Кон ова само уште информацијата дека македонскиот пијанист до средината на јануари има исполнет календар на настапи од кои особено значајни се неговото повторно враќање во САД на фестивал во Сан Диего и турнејата во земјите од Западна Европа.