Ние денеска, и покрај тоа што сме во посиромашниот дел од Европа, ние се уште имаме повисоки пазарни цени на електрична енергија од тоа што го има Европа – струјаџиите
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев се обрати на отворањето на работилницата за „ Техничка поддршка за институционалната поставеност на организираниот ден-однапред пазар на електрична енергија“, во организација на Македонскиот електро преносен систем оператор.
Вицепремиерот истакна дека со новиот Закон за енергетика се овозможува зголемена конкурентност на пазарот на енергенси во сите сегменти, а дека механизмот „на пазар за ден однапред“, кој беше темата на работилницата, е еден дополнителен чекор кон зголемување на конкурентноста. Тој појасни дека воведување на ваков механизам не треба да се поистоветува со формирање на берза за електрична енергија, која е покомплексен процес.
„Со воведување на механизмот ќе се даде можност на сите оние кои имаат потреба да продадат или да купат електрична енергија од денес за утре. Овој механизам не е формирање на берза на електрична енергија, за берза е потребна поширока организација и структура. Формирањето на берза го започнавме со спојувањето на пазарите на електична енергија на Република Македонија и Република Бугарија и сметам дека во иднина сите земји од Југоисточна Европа ќе бидат еден пазар, со што бенефит ќе имаат сите граѓаните во регионот. Вакви системи веќе функционираат во цела Европа со успех“, потенцираше Анѓушев.
Анѓушев дополни дека со воведување на механизмот ќе се добие транспарентна цена на електрична енергија на ден однапред пазарот, којшто од друга страна е тесно поврзан со воведување на „премиум“ тарифите и зголемувањето на производството на електрична енергија, како и овозможување на сигурен откуп на произведената електрична енергија од обновливи извори.
Директорот на МЕПСО, Сашо Василевски истакна дека организираниот и технички поддржан пазар е особено важен за финансиска сигурност на производителите, трговците, снабдувачите и крајните потрошувачи на електрична енергија.
„Транспарентноста околу цените, конкурентноста на понудувачите и уште сет други карактеристики што го формираат финалниот производ, се неопходната иницијација, која води кон нови вложувања во енергетиката во регионот“, истакна Василевски.
На работилницата, од страна на претставници на Словенечкиот оператор со енергија Борзен, беше извршена презентација на „Извештај за техничка поддршка на Република Македонија за институционалната поставеност на организираниот ден-однапред пазар на електрична енергија“, пред претставници на електро-енергетски компании кои работат во Република Македонија.
Никој со сигурност не може да каже дали цената на електричната енергија во иднина ќе биде пониска, рече Анѓушев. Тоа е како прашањето да го поставите дали цената на нафтата или на некој метал ќе биде пониска, порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на завршната работилница за Техничката поддршка на Република Македонија институционална поставеност на организираниот „ден однапред“ пазар за електрична енергија, а во врска со цените на струјата согласно новиот Закон за енергетика.
„Сепак можам да гарантирам дека со новиот Закон, цената на електричната енергија за граѓаните секогаш ќе биде поповолна во споредба со тоа што го нудеше претходниот“, рече Анѓушев.
Единствен пазар на електрична енергија во земјите од регионот на Југоисточна Европа и негова интеграција во Пан-европскиот пазар на електрична енергија е заедничката цел на компаниите преносни систем-оператори од 9 држави учесници на Форумот под мотото „Границите да станат мостови“, што во организација на МЕПСО се одржa во средината на мај во Охрид.
„Собирот во Охрид беше од исклучителна важност ако се има предвид целта на форумот: креирање на единствен пазар на електрична енергија и негово вклучување во пан-европскиот пазар на електрична енергија. Toa е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот: производители, снабдувачи и трговци затоа што за сите важат истите услови односно правила “ – смета премиерот Заев. Вицепремиерот Анѓушев потенцира дека стремежот посебно на малите земји како што е Република Македонијае во регионално поврзување на пазарот на електрична енергија и инвестиции во енергетиката, а се со цел бенефитот да го почустваваат граѓаните преку пониски цени на електричната енергија.
Ние денеска, и покрај тоа што сме во посиромашниот дел од Европа, ние се уште имаме повисоки пазарни цени на електрична енергија од тоа што го има Европа. Причината за таа работата е заради тоа што развиениот дел од Европа има повеќеинвестирано и во производствени и во преносни капацитети, за разлика од нашиот регион каде електрична енергија во извесни делови е се уште дефицитарен и увозен производ.Само со градење на капацитети во делот на производството а посебно каде што вие управувате во делот на преносните линии, односно на далекуводите кои што се на високо напонско ниво, над 110 киловолти, можеме да гарантираме сигурност за нашите граѓани.
Василевски, генералниот директор на МЕПСО истакна:
-Единствениот пазар ги афирмира зголемувањето на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот и на тој начин ја создава толку посакуваната цел, а таа е конкурентност и во цените на електричната енергија како опција најповолна за потрошувачите.
Преносните систем-оператори се гаранти на функционалноста на единствен пазар на електрична енергија затоа што се надлежни и одговорни да овозможат стабилност и сигурност во управувањето со националните електропреносни системи што е клучен предуслов за да може да се воспостави и да профункционира единствен пазар на електрична енергија. Целта на овој форум е јакнењето и унапредувањето на меѓусебната соработка на преносните систем-оператори преку размена на искуства за тоа што досега е постигнато и што треба да усогласат во заедничкото работење за да ги спроведат европските регулативи и да ја постигнат заедничката цел. На форумот учествуваат највисоки претставници односно генерални директори, извршни директори, претседатели на управни одбори на операторите на електропреносните системи: МЕПСО од Македонија, ОСТ од Албанија, ЕМС од Србија, ЕСО од Бугарија, КОССТ од Косово, НОС од Босна и Херцеговина и високи претставници на управите на систем-операторите од АДМИЕ од Грција, ХОПС од Хрватска и ЕЛЕС од Словенија. Воедно тука се и првите луѓе на регионалниот Центар за сигурносна координација (СЦЦ) и на СЕЕ ЦАО зедничката компанија која организира аукции на расположливи прекугранични капацитети, како и претставник на ЕНТСО Е.