НИКИЦА КОРУБИН
Сега кога сите имаме очајна потреба од акција и насока, упатство и делување, гледаме колку е исклучително важно тоа да биде направено од добра власт, а не било каква власт. А, да и гледаме што значи синтагмата ,„прави луѓе на прави места“. Со интегритет и кредибилитет
Слабоста и апсурдот на политичкиот системот кај нас е постапката за (само)распуштање на Парламентот, но со тековен пратенички мандат, при распишување на избори, како највисоко тело во хиерархијата на трите власти, без можност за реална контрола над извршната власт. Имено, политичкиот систем кај нас го сочинуваат три власти: законодавна, извршна и судска. Теоретски, независни една од друга, но сепак законодавната има супремација, бидејќи реално е произлезена директно од граѓаните. Таа, прва власт, законодавната ја избира и контролира извршната власт, која ја извршува власта во име на граѓаните кои се директно претставени преку пратениците во законодавната власт. Оттаму, се наметнува прашањето, зошто е воопшто предвидено распуштање на парламентот при распишување на избори, а притоа извршната власт ја извршува својата функција? За апсурдот да е уште поголем, пратеничкиот мандат трае до избор на нови пратеници, што е логично, но нелогична е ситуацијата, парламентот да не функционира. Имено, правото на одлука е кај пратеникот, како индивудуално право, а не кај парламентот како колективно тело. Бидејќи, пленумот е всушност збир на поединечни одлуки. Затоа сега имаме пратеници без парламент, и власт без надзор, а притоа и вонредна ситуација за носење на одлуки. Токму, неизбежната можност за вонредна ситуација, по било која основа, ја открива и оваа слабост на системот, дека парламентот мора да може да заседава постојано, а тоа постојано да има правен и секаков друг континуитет. И, токму затоа дилемата дали парламентот може повторно да се состане и да носи одлуки, не би требало да биде воопшто дилема, бидејќи носител на одлуката е пратеникот, како индивидуално битие.
Од друга страна, во време на криза се гледа и потребата од доверба во системот и клучното значење за сигурноста на сите. Затоа што кризата е заедничка, но справувањето со неа е од страна на (не)организиран систем. И сега кога сите имаме очајна потреба од акција и насока, упатство и делување, гледаме колку е исклучително важно тоа да биде направено од добра власт, а не било каква власт. А, да и гледаме што значи синтагмата ,„прави луѓе на прави места“. Со интегритет и кредибилитет. И колку тоа е длабока содржина, а не празна форма. Колку е тоа битно за исходот на нештата и текот на ситуацијата. Колку тоа сите зависиме од одлуките на оние на позиција. И колку е очајно потребно тие баш сега и баш тука да бидат најдобрите, да бидат правите. Да не бидат по логиката на внатрепартиските (пре)сметки, да не бидат „мои“ и „тво“ луѓе, да не бидат таму затоа што нешто направиле за партијата, туку затоа што нешто знаат да направат и во животот, да не бидат поради слепа лојалност, да не бидат по наводна заслуга, да не бидат поради нечија уцена, да не бидат затоа што немаат каде на друго место; да бидат затоа што се избрани да работат тоа што се бара и тоа што мораат да го знаат однапред, да бидат таму каде што се компетентни, а не затоа што високата партиска функција го налага тоа (луѓе за се), да бидат затоа што се стручни и професионални, да бидат затоа што се чесни и морални, затоа што разликуваат одговорност пред држава и систем од одговорност пред партија. Да бидат секој од нас, кој мора да биде на вистинското место. И нема простор за гнев и омраза, завист и љубомора, подметнување и елиминирање, нема повеќе место за вака поставени партии. Тие конечно мора да се ослободат од самите себе, а секој индивидуалец директно или не вклучен во партијата, да си го постави за еден миг прашањето: а што ако некој друг, а не врвен професионалец во моментов ја водеше здравствената политика во државата? И секој од нас да си го постави прашањето, каков ќе беше овој систем, секаде во секоја област да имаше ваков човек, прав човек на право место?
Велат, во најголемите кризи, се случуваат најголемите промени. Се разбира, ако ги поминеме успешно, прво кризите, а потоа и промените. Оваа криза мора да не научи на основните премиси: солидарност, вредност, почит кон себе и кон туѓиот влог, систем како целина, ред и дисциплина, во делувањето и почитувањето на заеднчкото добро, дека од секој од нас зависи, како ќе се справиме сега и како ќе живееме утре.
Затоа, за да бидеме на висината на задачата, одговорни кон себе и кон општото добро, треба да ја добиеме прво оваа заедничка битка на светско ниво, за доброто на сите, мирно и одговорно, а потоа сите останати …
А, уште многу битки не чекаат. Но, секоја следна да ја водиме по нови правила. Правилата на вистинските вредности.