Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СИТЕ БЕГААТ ОД БАЛКАНОТ, ПА И ВОЛЦИТЕ

March 18, 2025 Filed Under: Ревија

Како што се зголемува бројот на волци во Европа, така опаѓа нивната бројност на Балканот. Особено е забележано намалено присуство на волците во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора

ВОЛЦИ Имаа статус на строго заштитн вид а сега се само – заштитен вид

Најнова студија која се базира на мониторинг во 34 земји, покажува дека популацијата на волци во Европа пораснала на 21.500, што е за 58% повеќе во споредба со пред десет години

Европа е дом на над 21.500 волци (Canis lupus), кои во се поголем број ги има во повеќе европски земји. Но, како што се зголемува бројот на волци во Европа, така опаѓа нивната бројност на Балканот. Особено е забележано намалено присуство на волците во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека е непознато каква е ситуацијата во Косово. Ова се посочува во најновата студија објавена од тим истражувачи на 25 февруари 2025 година. Во неа се посочува дека некои земји, бројноста на волците расте со неверојатно темпо. На пример, во Германија, волците се зголемиле од една глутница во 2000 година на 184 глутници и 47 пара во 2022 година.

Тимот истражувачи ја заснова својата проценка на мониторинг извештаи и експертски проценки во 34 земји. Тие откриле дека до 2022 година најмалку 21.500 волци ја населиле Европа, од кои 19.000 биле пронајдени во Европската унија (ЕУ). Ова, според истражувачите, е зголемување за 58 отсто од 12.000 проценети пред 10 години.

„Во повеќето земји, популацијата на волци продолжи да се зголемува и сега се наоѓаат во сите, освен во најмалите земји на континентална Европа. Неколку земји – Бугарија, Грција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Романија – сега имаат повеќе од 1.000 единки. Поради различни причини, вклучувајќи ги целите на управување (т.е. ограничувања на популацијата) или релативно неодамнешната реколонизација на видот по долго отсуство, некои земји имаат помалку од 100 единки (Австрија, Белгија, Данска, Унгарија, Луксембург, Норвешка и Холандија). Трите микродржави Монако, Сан Марино и Ватикан остануваат единствените земји во континентална Европа кои не доживеале реколонизација на волци“, се наведува во студијата.

НЕМА ОВЦИ, НЕМА И ВОЛЦИ Во цела Европа волците годишно убиваат 56.000 домашни животни а кај нас нема доволно жртви

Во текот на последната деценија, бројот на волци се зголемил во 19 земји (Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Литванија, Холандија, Полска, Словачка, Словачка Република, Словенија, Шведска, Швајцарија и дел од Турција).

Во осум земји, присуството на волците останува стабилно – Албанија, Хрватска, Луксембург, Норвешка, Португалија, Романија, Шпанија, Украина,  флуктуација има во три земји (Естонија, Летонија, Србија). Мала, изолирана популација во јужна Шпанија е единствената европска популација на волци што изумрела во последниве години.

Во ЕУ, волците го делат пејзажот со милиони диви копитари, 279 милиони грла добиток и 449 милиони луѓе. Волкот е строго заштитен, но и претставува опасност за домашните животни. Тие годишно убиваат приближно 56.000 домашни животни во ЕУ. Надоместокот на штетата чини 17 милиони евра годишно за европските земји.

Волкот, според Бернската конвенција за заштита на европските диви видови и природни живеалишта, досега се сметаше за еден од дивите видови кој не смее да се вознемирува, зароби, убие или тргува. Во декември минатата година, земјите потписнички на Бернската конвенција го намалија статусот на заштита на волкот од „строго заштитен“ на „заштитен“.

 

 

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet