ДЕНКО МАЛЕСКИ
„…Британците, Данците,Белгијците, Норвежаните, Јапонците, Шпанците, Канаѓание, Швеѓаните или Холанѓаните, како и редици дуги народи, имаат уставни монархии како симбол на своето единство. Германците, Италијанците, Израелците, Грците, Естонците, Албанците, Ерменците, Унгарците, Косоварите, Латвијците или Швајцарците, тоа единство го остваруваат во, понекогаш, мачна и долга процедура на гласање на партиите во парламентот. Останатите европски држави со парламентарни системи како, Македонија, Австрија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Финска,Исланд, Молдова,Црна Гора,Србија, Словачка или Словенија, ги избираат своите претседатели на директи избори. На овој начин избраните претседатели, го симболизираат единството на државата во меѓународните односи, но колку се симболи на единство дома, зависи од демократската свест на оние кои гласале. На оние кои гласале – против. Значи, парламентаризмот е доминантаната форма на владеење во Европа,со претседатели избрани во парламентите од страна на претставниците на партиите или на општи избори од страна на граѓаните. Државите се определуваат за моделот кој мислат дека најмногу им одговара. Дали Македонија, со изборот на својот претседател на општи избори се определи за најсоодветниот модел? Поуките од нашето дваесет и седумгодишно искуство, кажуваат се.
Кажуваат дека моделот со избор на претседател од страна на граѓаните на Македонија, само ја зајакнува поларизацијата во македонското општество кое нема точка на обединување ниту во ликот на новоизбраниот претседател. Партиите кои загубиле, како и нивните следбеници,не го признаваат поразот. Всушност, претседателските избори се само една рунда во борбата на партиите за превласт. Тие се само продолжение на една иста битка во која „сите сретства се дозволени“,после која, избраниот претседател станува омразена личност за половина од народот и непризнаен од страна на опозициската партија. Тоа е правилото, без ниту еден исклучок.
Само во времето на претседателствувањето на Киро Глигоров во првиот мандат, кога тој беше избран од парламентот, забележав некаква мала почит од сите кон институцијата и личноста на шефот на државата. Но, кога, во вториот мандат, претседателот Глигоров отиде на директни избори, тој од нив излезе како преседател на СДСМ, непризнаен од ВМРО-ДПМНЕ. Аргументите на опозицијата дека изборите биле фалсификувани ги оставам по страна, се задржувам само на резултатот: државата доби оспоруван претседател во ликот на еден човек кој со многу знаење, такт и интелигенција, успешно ја изведе Македонија надвор од вртлозите на југословенските војни. Имам впечаток дека, дури ни атентатот не успеа да му го поврати делот од загубениот углед како партиски кандидат.
Потоа дојде Борис Трајковски, преставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не беше признаен од страна на СДСМ, а подоцна и од сопствената партија. Аргументите на новата опозиција дека изборите биле фалсификувани ги оставам по страна, се задржувам само на резултатот: непризнаен од опозицијата, во моментот кога ја загуби поддршката и на партијата која што го кандидираше, претседателот стана предмет на поткусурување и на потсмев од двете страни. После трагичната смрт, Европската унија и САД упатија изрази на длабоко сочувство до народот на Македонија и порака до закрвените партии да изберат претседател кој ќе ги обедини. Македонските политичари, изразувајќи целосна согласност со содржината на пораката, го сторија спротивното: за претседател на државата го избраа претседателот на владеачката партија.
Раководен од вечното начело на политиката дека треба да се контролира се што може да се контролира,Бранко Црвенковски, дотогашниот премиер, стана претседател, задржувајќи го, се разбира, и премиерското место за својата партија – СДСМ.Аргументите на опозицијата дека изборите биле фалсификувани го оставам по страна, се задржувам само на резултатот: Македонија доби оспоруван претседател погрдно ословуван со „лицето Б.Ц.“, кој губејќи контрола врз сопствената партија, подоцна се најде во позиција која по малку потсетуваше на онаа на својот претходник.
Потоа дојде Ѓорѓе Иванов… Аргументите на опозицијата дека изборите биле фалсификувани ги оставам по страна, се задржувам само на резултатот: Македонија доби жестоко оспоруван претседател, непризнаен од опозицијата и од партиите на втората по големина етничка заедница. Тој, пак, погрешно толкувајќи ја својата уставна позиција и обидувајќи се да го закочи отворениот демократски процес на смена на државните политики при смената на партиите на власт,се обиде суспензивното вето врз одлуките во парламентот да го прогласи за трајно…А, сега, кој е на ред?
… Имаме екстремно поларизирано општество, во кое претседателските избори создаваат дополнителна поларизација и неединство. Така, политичкиот систем на нашето општество е лишен макар и од една точка на обединување.Затоа, идејата за консенсуален претседател е доблесна. Но, таа лесно може биде отфрлена од „системот“ базиран врз жестоката политичка поларизација која ја произведуваат партии неспособни, низ дијалог, да произведат било каков консенсус, понајмалку за претседател. Оттаму, на претстојните избори, „системот“ кој ги поларизира партиите околу институција која во некои други држави обединува, гарантира дека исходот од дуелот меѓу „патриотите“ и „предавниците“ќе биде истиот како погоре: избор на уште еден несреќен претседател. Имено, веќе однапред се знае дека, ако не успее најавениот бојкот,изборниот резултат ќе биде оспорен, заради избирачките списоци или нешто трето.
Не чекаат нови жестоки партиски поделби, наспроти државниот интерес кој бара да се обединиме околу конечното остварување на дамна прокламираните стратешки цели: НАТО и ЕУ.. Затоа, можеби е последен момент сите парти да размислат за другиот модел: избор на претседателот во парламентот, со двотретинско мнозинство, со Бадинтер и со се друго што треба. Дури потоа да се зборува за кандидати.Зашто, нема смисла да се повторува старата игра која дава исти лоши резултати… Дали тој друг модел е перфектен? Не, се разбира. Сите политички модели се проекција на нас самите, на нашите маани и доблести како луѓе.Но, барем,таквиот избор на претседател можеби би можел да произведе нешто подобро. Имено, не само што ќе ги поштеди граѓаните од непотребни шокови, туку, нема до толку да го загрози моралниот интегритет на кандидатот и ќе произведе еден, макар и формален, центар на единство.Зашто, без тој морален интегритет, институцијата претседател во Македонија, која и онака нема власт – нема ништо“.
Пост скриптум
( 4.03.2024)
Завршува мандатот на петтиот претседател на Македонија, Стево Пендаровски. Прогнозата дека и неговиот избор ќе се оспорува од опозицијата не се оствари. Тоа е голем чекор напред за македонската демократија. Но, читателот ќе ги забележи, горе-долу, истите фалинки на изборот на претседател на општи избори во организација на партиите, како и кај неговите претходници. Тој не стана точка на обединување. Фактот дека секој претседател мора да биде свалкан во изборната битка на партиите што го поддржуваат не остава простор тој да остане макар и морален авторитет за противничкиот табор. Повторувам: за противничкиот табор. Зашто тоа е целта на кралот во монархиите и на претседателите во парламентарните републики. Кај нас, затегнати односи, навредливи и погрдни зборови за шефот на државата се неизбежен дел од комуникацијата во текот на целиот мандат. Во текот на изборите,пак, сето ова се засилува. И така влегуваме во еден маѓепсан круг. Тие жестоки поделби ги имаме во изобилие на парламентарните и на локалните избори. Она што ни фали е модел на избор кој ќе произведе малку пристојност, почит, дури и по цена на намалени уставни овластувања за функцијата претседател на државата.
Деновиве, во очи на изборите, партијата на Албанците ДУИ покрена иницијатива за избор на претседател во парламентот. Предоцна. Како што велат Англичаните, покривот се поправа кога грее сонце. Затоа, иницијативата не ја разбирам толку како грижата за отсуството на еден центар на обединување, колку како дел од националистичката реторика “кој е поголем Албанец“. Сепак, и оваа иницијатива треба да се сфати како предупредување дека на повидок е нова поделба во македонското општество: можно одбивање на некои албански партии да учествуваат во идни претседателски избори според модел во кој нивните кандидати немаат шанса да победат . Дали и овој факт ќе повлијае врз промена на моделот на избор на претседател во кој сите партии во парламентот ќе имаат влог, времето ќе каже.
На крајот, еден куриозитет. Денес, забележувам дека нешто не е во ред со мојот наслов од 2018, за „несреќните“ претседатели. Имено, ако се „несреќни“, зошто ниту еден претседател не пропуштил изгледна шанса да се кандидира за втор мандат? Се чини, системот на избор на претседател на општи избори и под патронат на партиите, го селектира типот на личноста која може „среќно“ да се носи со околностите.