Колкава и каква е цената на Мицковски? Таа цена е изолација на државичето Македонија како во времето на неговиот шеф во сенка Груевски. Збогум со некои пари од ЕУ за пристап. Негодување на Албанците затоа што ќе посакаат со други во НАТО и ЕУ. Поттик за бегство на младите од црната дупка – горда и достоинствена Македонија итн. итн. Треба ли да се плати таа цена?
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Добро, не баш сите! Против НАТО и ЕУ, против Договорот со Грција е Јанко Бачев со неговите разјарени бранители на нашто „вековно име“. Ама, тој и тие се тука некаде: колку прстите на две раце. Според тоа, Бачев не е ни некој епизодист на политичката сцена чија улога е да носи кафе.
Барам засега, важен политички играч на таа сцена кој си ја дига цената со цензусот од сегашниот референдум е водачот на опозицијата Мицковски чиј потенцијал е, според некои, околу 300 000 гласа кои апстинирале, според едни, а бојкотирале според други.
А зошто апстинирале или бојкотирале? Затоа што и тие не сакаат НАТО, ЕУ и Договор со Грција? Повеќе не отколку – да. Повеќе не затоа што Мицковски со неговото ВМРО-ДПМНЕ сака НАТО и ЕУ исто толку колку и Заев со неговиот СДСМ, исто колку и Ахмети со неговата ДУИ, но затоа пак не сака еден срамен („капитулантски“ како што вели) Договор со Грција во кој Македонија дава сè, а не добива ништо. Впрочем, Грција има проблем со нас и нашето име. Не ние со себеси и со своето „вековно име.“
Ако Мицковски сака исто толку НАТО и ЕУ колку што сакаат Заев и Ахмети, (сега на власт), тоа не значи ништо друго освен дека нивната цел е идентична, а се разликуваат по средствата кои помагаат да се постигне таа цел. Оти, нели, за да постигнете некоја цел, вам ви требаат некои погодни средства кои ќе ве доведат до таа цел?
Заев и Ахмети велат дека сега располагаат со такво средство откако бил потпишан Договор со Ципрас за промена на името и некои членови на Уставот кој го одобрија над 600 000 луѓе на неодамнешниот референдум. Мицковски вели дека тој Договар е „капитулантски“, дека бил „мртов“ затоа што немало цензус за референдумот па, според тоа, оние над 600 000 „за“ Договорот со некои над 30.000 „против“ се едно големо ништо. Накусо, според Мицковски, сега Заев и Ахмети не само што не располагаат со некое погодно, туку располагаат со никакво средство за постигањето на целта НАТО и ЕУ. Токму како и тој кој, по обичај, не кажува кое и какво е неговото средство. Ако го – има.
Ако не кажува, тоа не значи дека не кажал на друг начин како мисли тој да се постигне целта ЕУ и НАТО. Тој кажал, нееднаш туку стопати како и неговиот претгходник дека до таа цел се доаѓа преку Атина или Договор со Грција за решение на деценискиот спор. По таа линија, Мицковски малку или воопшто не се разликува од Заев и Ахмети. Не се разликува „во глобала.“ Ама се разкликува „во детали“, а пак во тие детали се крие ѓаволот.
Мицковски не вели дека не треба Договор со Грција. Вели само дека не ни треба таков Договор каков што веќе потпишаа Заев и Ципрас затоа што бил „капитулантски“. А вели така затоа што тој Договор загрозувал име, идентитет и јазик (македонски). Иако не кажува на кој идентитет и на кој јазик мисли кога зборува за тие „загрозени“ работи. Уште појасно речено, тој би склучил некој Договор со Грција како средство за целта НАТО и ЕУ, ама тој би бил еден „достоинствен“ договор кој држи до националната гордост. Не „капитулантски“ како оној, веќе потпишан меѓу Заев и Ципрас. Со еден збор, средството на Мицковски би било далеку попогодно од она на Заев за кое побара одобрение на референдум и за кое доби над 600 000 гласа.
Дали е така? Или, нешто по изнијансирано: дали е сосема така како што јавно нè убедува Мицковски. Дали средството на Мицковски до кое допрва треба да дојде (гулаб на гранка) е подобро од она кое веќе го има Заев (врапче в рака) со потпишаниот Договор за кој сите во светот велат дека бил – добар?
Средството на Мицковски подразбира ништо да не им отстапи на Грците. Ништо од тоа што гиба во некоја национална гордост и достоинство. Оти, според него, таа гордост и тоа достоинство се неспоредливо поважни од некоја брза интеграција во НАТО и ЕУ. Вистина, Метју Нимиц вели: „ако не сега во НАТО и ЕУ, тогаш по две и повеќе децении или – никогаш.“ Дури и да е така, резонира Мицковски, таа цена е многу помала од онаа што веќе ја плати Заев со неговиот договор со Ципрас. Значи, за цената се работи.
А која, колкава и каква е цената на Мицковски? Таа цена е изолација на државичето Македонија како во времето на неговиот шеф во сенка Груевски. Збогум со некои пари од ЕУ за пристап. Негодување на Албанците затоа што ќе посакаат со други во НАТО и ЕУ. Поттик за бегство на младите од црната дупка – горда и достоинствена Македонија итн. итн. Треба ли да се плати таа цена? Треба, ќе ви одговори Мицковски, затоа што целта нацонална гордост и нема цена, а пак таа цел ги оправдува средствта. Тоа е par exelence језуитско начело? Па што дека, ќе ви одговори: „шашаво е, ама функционира“ (Иванов).
Добро, а кој ја плаќа таа цена? ВМРО ДПМНЕ, Мицковски или “грѓаните“ (сега вели „граѓани“, не “народ“) на Македонија? И ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски. Како? Така! Нели “народот е организацијата [ВМРО-ДПМНЕ со Мицковски] и организацијата е народот“? A кога ќе ја плати таа цена затоа што, нели, вие имате гулаб на гранка, не врапче в рака како Заев? По две децение или никогаш, како што, впрочем, рече и Нимиц. Важно, ќе ја – плати. Так нормальнаяа, ќе ви поентира Мицковски, оти ВМРО-ДПМНЕ држи до својот збор.