Во одреден момент претходните четириесет години, почнав да се прашувам дали Толстој ја почитувал својата сопруга. Секој може да се ожени погрешно, се разбира. Но, добивам впечаток дека Толстој, со кого и да се оженил, почитувал само некои аспекти на неговата сопруга
УРСУЛА К. ЛЕ ГИН
Порано имав преголема почит за да не се согласувам со Толстој, но откако влегов во шеесетите, мојот капацитет за почит атрофира.
Освен тоа, во одреден момент претходните четириесет години, почнав да се прашувам дали Толстој ја почитувал својата сопруга. Секој може да се ожени погрешно, се разбира. Но, добивам впечаток дека Толстој, со кого и да се оженил, почитувал само некои аспекти на неговата сопруга, иако секогаш очекувал таа да ги почитува сите негови аспекти. Гледано од тој агол, Толстој не ми се допадна па, прво, ми олесна да не се согласувам со него, а второ да го кажам тоа.
Имаше јаз меѓу првото и второто – поминаа години. Но, дури и пред првото, ми требаа многу години да стигнам до точката на несогласување, способноста да се спротивставам. Во текот на сите тие години, почнувајќи од четиринаесеттата, кога првпат го читав, па сè додека не навлегов во четириесеттите, бев, така да се каже, мажена за Толстој, му бев посветена сопруга. Иако, за среќа, не за шест пати да ги препишам неговите ракописи со пенкало, со радост и занес ги читав и препрочитував неговите книги. Го почитував. Никогаш не се прашував дали, да речеме, тој ме почитува мене. Кога Е. М. Фостер во својот есеј за Тојстој ми порача дека Толстој не ме почитува одговорив “Тој има право на тоа”.
Ако Е. М. Форстер ме прашаше „Што му го дава тоа право? Би одговорилa едноставно: генијалноста.
Но, Е. М. Форстер не ме праша; што е добро, бидејќи тогаш веројатно ќе ме прашаше и што значи генијалноста за мене. Мислам дека за мене тоа значеше дека Толстој навистина знаеше што зборува – за разлика од нас останатите.
Како и да е, некаде на околу четириесет години почнав да се прашувам дали тој навистина знае што зборува подобро од кој било друг, или можеби само знаеше да зборува подобро од кој било. Лесно е да се помешаат двете.
Потоа тивко, во мојата глава, опкружена со тивките, охрабрувачки мрморења на феминистките, почнав да си поставувам неучтиви прашања за Толстој. Во јавноста сè уште бев посветена сопруга, полна со љубов кон него и почит кон неговите мисли и неговата уметност. Но, неизговорените прашања беа таму, имаше тивко несогласување. А некажаното, како што знаеме, може да зајакне, созрева и да се подобрува со годините како старо вино. Се разбира, може и да се претвори во фројдовски оцет. Некои мисли и чувства многу брзо се претвораат во оцет и мора веднаш да се излеат. Во спротивно, тие ќе продолжат да ферментираат во шишето и на крајот ќе предизвикаат експлозија на парчињата од стаклото. Но, добрите, силни чувства, со добра тапа, стануваат подлабоки и посложени, долу во визбата. Треба да знаете кога е вистинското време да ја извадите тапата.
Подготвено е. Јас сум подготвена.
Славната прва реченица од првото поглавје на една голема книга – не најголемата, но веројатно веднаш зад неа – е, да, знам дека можеме да ја кажеме во дует: „Сите среќни семејства се исти, и секое несреќно семејство е несреќно на свој начин.“ Се разликуваат, но не значително. Луѓето често ја цитираат таа реченица, што секако значи дека се задоволни со неа; но јас не, таа никогаш не ме задоволи целосно. Пред околу дваесет години, почнав да си го признавам незадоволството. Тие среќни семејства за кои толку самоуверено би ги отпишал како „налик едно на друго”- каде се? Имаше ли многу повеќе од нив во деветнаесеттиот век отколку денес? Дали знаеше многу среќни семејства меѓу руското благородништво, или меѓу членовите на средната класа или меѓу селаните? И сите беа како налик едно на друго?
Ова ми изгледа толку неверојатно што се прашувам дали тој всушност не ни познавал неколку среќни семејства, што не е невозможно; но дека тие неколку семејства биле налик едно на друго, ми се чини многу многу неверојатно. Дали неговото семејство било среќно, она во кое пораснал или она што го создал? Дали познавал некое семејство, едно семејство кое, во долг временски период, како целина и секој поединечен член, искрено би можело да се опише како среќно? Ако е така, тогаш знаел едно повеќе од сите од нас.
Не се расфрлам со мојот шеесетгодишен цинизам, иако можеби се гордеам со него. Допуштам дека едно семејство може да биде среќно во смисла дека сите негови членови се во добро здравје, во добар дух и се однесуваат убаво еден со друг во прилично долг временски период – една недела, еден месец, дури и подолго. И ако веќе споредуваме, тогаш сигурно можеме да кажеме дека некои семејства се многу посреќни од другите, како целина и во текот на многу години – затоа што има многу екстремно несреќни семејства. Многу луѓе со кои сум разговарала биле несреќни на еден или друг начин во детството; и можеби повеќето луѓе, иако остануваат длабоко приврзани за членовите на своето семејство и се сеќаваат на пријатни денови поминати со нив, не би го опишале своето семејство како среќно. Имавме прекрасни моменти“, велат.
Пораснав во семејство кое, сè на сè, веројатно беше посреќно од повеќето семејства; а сепак мислам дека би било лага – или неприфатливо поевтинување на реалноста – ако едноставно го опишам како среќно. Огромната цена и сложеноста на таа „среќа“ што почиваше врз основа на жртвување, потиснување, избор или одбивање да се избере, искористени или пропуштени можности, мерења на поголеми и помали зла – солзи, стравови, мигрени, неправди, цензура, кавги, лаги, гневот и суровоста што сето тоа ја носи со себе – дали сето тоа треба да се исчисти, да се забие под тепих со енергичната метла на глупавата фраза „среќно семејство“?
И зошто? Да се наговести дека среќата е лесна, плитка, обична – нешто неинтересно што не заслужува да се опише во роман? Додека несреќата е сложена, богата, тешко достижна, необична, всушност единствена и со тоа достојна тема за еден голем, единствен романсиер? Таа идеја е очигледно глупава.
Но, колку и да е глупава, таа со децении е многу влијателна меѓу писателите и критичарите. Многу писатели би ги покриле ушите од срам доколку некој сценарист ги фати како пишуваат за среќни луѓе, за семејства како другите семејства, за луѓе како другите луѓе; точно е дека многу критичари ги отвораат очите за да ја забележат среќата во некој романот и да го отфелат како банален, сентиментална или (со други зборови) женски.
Не знам како и тука се вовлече родот таму, но се вовлече. Се претпоставува дека читателите се силни, издржливи и по својата природа копнеат да се соочат со реалноста, додека меките читателки постојано копнеат по утеха во форма на мали, топли грутки среќа – полнети зајачиња.
Ова важи и за некои жени. Некои жени целиот свој живот никогаш не доживеале ни трошка среќа повеќе од кадифени зајачиња, па затоа се опкружуваат со кадифени зајачиња, измислени или вистински. Во таа смисла тие имаат повеќе среќа од повеќето мажи, на кои не им се дозволени кадифени зајачиња туку само девојки облечени како зајачиња. Како и да е, кој може да им суди на овие жени или мажи? Јас не. Секој кој ја имал привилегијата да знае вистинска, цврста, недекорирана среќа, а потоа дозволил некој писател или критичар да го збуни и да го убеди дека не треба да чита за среќата затоа што таа е почеста од несреќата, помалку вредна од несреќата, помалку интересна од среќата каде ќе ме одведе синтаксата? Во осуда. Молкум се повлекувам.
Лажноста на познатата реченица на Толстој најдобро се гледа токму во романите на Толстој, дури и во оној што започнува со познатата реченица. Семејството на Ростов, од оние несреќните што ни го ветени според мене е умерено, односно реално среќно. Доли и нејзините деца се љубезни, задоволни, често весели заедно, а мажот и жената поминуваат убаво време заедно, и покрај неговото глупаво бркање здолниште. Кога ќе ги сретнеме Ростови во тој голем роман, можеме да ги опишеме како среќно семејство – богато, здраво, дарежливо, добро, полно со страст, полно со виталност, енергија и љубов.
Но, Ростови не се налик никого, тие се идиосинкратски, непредвидливи, неспоредливи. И како и повеќето човечки суштества, тие не можат да ја задржат својата среќа. Стариот гроф успева да го списка наследството на своите деца, а грофицата се разболува од грижа; Москва гори; Наташа се заљубува во човек со ладно срце, па за малку ќе побегне со кретен и на крајот се мажи и се претвора во досадна маторица; шеснаесетгодишниот Пеќ бесмислено гине во војната. Среќно до болка! Само кадифени зајачиња!
Толстој знаел што е среќа – знаел дека е ретка, загрозена, тешко стекната. Не само тоа; можеше да ја опише, што е ретка дарба и што на неговите романи им дава значаен дел од нивната извонредна убавина. Не знам зошто со својата фамозна реченица го негираше тоа сознание. Тој лажеше и негираше многу, веројатно повеќе од многу помали писатели. Имаше повеќе причини да лаже; а неговото сурово теоретско христијанство го навело на секакви негирањеќа на она што го гледал и покажувал како вистинито во неговите романи. Можеби само се занесувал. Таа реченица добро му звучела. Како одлична прва реченица.
Есеј од The Wave of the Mind, Shambhala, Boston,2012
извор: Fenomeni
Превод: Лени Фрчкоска
Објавено во libertas.mk