ГЛИГОР СТОИМЕНОВ
Во овој период гледам излегоа од дупките многу ситни души, разни новинари и новинарчиња, суетни и помалку суетни, разно разни адвокати и адвокатчиња, многу аналитичари кои како мршојадци се нафрлија сега врз СЈО да кажуваат како не требало тие да работат, каде грешеле, па како они ете предупредувале цело време ама ние не сме слушале и сме верувале во се што СЈО ни кажувале. За разлика од нив јас и тогаш и сега сметам дека СЈО е најуспешната институција или орган во историјата на македонското правосудство
Овие денови кога добиваме силни пофалби на меѓународен план како лидери на политичката зрелост во регионот, па еве и со оваа моќна и значајна поддршка од германскиот Бундестаг кога со огромно мнозинство ја верификуваа нашата амбиција за ЕУ, на добро тргнуваат работите, многу ситни души ни се изнаредија некако да ни кажуваат како ништо не чини. Сега почна да ми се мота низ глава една славна реплика што пред многу години еден наш политичар им ја плеснал таму на некои постари другари, на некој состанок, им кажал дека со ситни души држава не се прави. После тоа му тргнала по нагорна линија неговата политичка кариера. Јас не знам дали било тоа така ама така се зборуваше едно време, сум слушал. Но и да било така а и да не било, оваа реченица, оваа мисла, толку многу е релевантна за денешната ситуација во нашата Македонија, абе да се чудиш, ситни души колку сакаш.
Еден пријател што не сум го видел неколку месеци пред некој ден ми вели дека чита редовно што пишувам и некако заклучил самиот дека сум бил во дослух со владата, па некои работи или размислувања што сум ги напишал после тоа се реализирале за кратко време. Јас му објаснив дека тоа е коинциденција, така се погодило случајно и со никого и за ништо не се договарам што да пишувам. Имено, знам се работи за два до три текста кои сум ги објавил и потоа некако работите се реализирале во таа насока, но тоа било само едно мое размислување и согледување. Едниот текст е од минатата година кога сугерирав до владата и до министерот за надворешни работи да го напуштат моделот на преговарање за спорот со името преку посредник (медијаторство) и да влезат во директни преговори, да го тргнат малку настрана амбасадорот Васко Наумовски зошто ќе им прави проблеми, па не помина ниту една седмица работите почнаа да одат во таа насока и ете го епилогот, се реши прашањето околу името после неколку месеци. Другиот текст беше она кога пред некој месец упатив малку критики до владата дека не работат доволно на промоција на своите проекти кои веќе се реализираат, кои се добри и значајни за граѓаните, како и на својот пи-ар, ама ете и во тоа доста се поправија и сега е сосема друга ситуацијата. Но знаете не можам никако да го убедам пријателот дека сето ова е случајно, тој е убеден дека таму некаде постојат тајни координации и договори кои се спроведуваат. Тоа е, нашиот народ обично секогаш мисли дека ништо не е случајно, особено во политиката. Епа многу работи па дури и во политиката се случуваат сосема случајно и непланирано, ама оди сега докажи дека е така. Ако не верувате одете прашајте ги политичарите.
Но за оние кои никогаш не веруваат во случајности, а и за оние ситни души со кои држава не се прави, имам уште нешто да кажам.
Во периодот зад нас во летните месеци се случи експлозија на аферата ,,Рекет“. Не знам за другите, ама ние кои застанавме со силна поддршка зад СЈО во изминатиов период особено при неговото формирање, кои јавно ги поддржувавме преку медиумите, напишавме многу текстови за начинот на нивната работа, секако во позитивна насока, нас ни е најтешко. Како и сите наши граѓани се почувствувавме за момент предадени, со нож во грбот, токму од оние од кои не смееше да бидеме предадени. Жал ми е што сето тоа се одвиваше како во некој мафијашки филм кога оној кој е на страната на правдата преку ноќ преминува на другата страна, а ние тоа само го констатираме, немоќни да превземеме било што. Но во овој период гледам излегоа од дупките многу ситни души, разни новинари и новинарчиња, суетни и помалку суетни, разно разни адвокати и адвокатчиња, многу аналитичари кои како мршојадци се нафрлија сега врз СЈО да кажуваат како не требало тие да работат, каде грешеле, па како они ете предупредувале цело време ама ние не сме слушале и сме верувале во се што СЈО ни кажувале. За разлика од нив јас и тогаш и сега сметам дека СЈО е најуспешната институција или орган во историјата на македонското правосудство, од независна Македонија па до денес. И тогаш и сега сметам дека начинот на нивната работа и се она што го направија беше во голема мера професионален согласно законот и процедурите и тоа ќе претставува еден востановен стандард за понатамошното постапување по предметите од страна на оние кои ќе ги наследат. Немојте да заборавите дека половина од нивниот мандат работеа во време кога наспрам нив имаше силен отпор и спрега меѓу мафијата, државата и судот. Имаше многу Превари, Зврлевци и слични Ојлевци и Дојлевци кои силно и до крај се бореа правдата да остане недостижна. Но сепак она што не смееше да се случи е дело на поединец, индивидуална одговорност на првиот и најповиканиот меѓу нив. Да, тоа е сепак одговорност на една обична женичка од провинција, која имала добри намери на почетокот и стекнала голема моќ, но немала никаков капацитет, знаење и интелегенција да се носи со таква одговорност и моќ, тој товар кој го имала врз себе бил преголем за неа, тоа е тоа. За останатите обвинети и инволвирани ќе покаже истрагата понатаму кој бил крив а кој бил прав и верувајте дека ќе има завршница за ова, некој ќе сноси кривична друг политичка одговорност. Сепак многу значајно и клучно за сите нас е дека институциите функционираат и казната ќе го стигне секој оној за кого постојат докази, па кој сака нека биде, тоа е силна порака.
Е сега во цела оваа ситуација пак ќе ги спомнам оние ситни души кои гледаат нешто да ќарат па се служат со се и сешто. Знаете сето ова и донекаде ми е разбирливо за опозицијата која нема за што да се фати, немаат никаква понуда освен “ќорсокак“, па запнале со ,,Рекет“ да ја рушеле владата, абе мало сутра дека ќе ја срушат. Напротив, со ,,Рекет“ само ги зацврстија позициите на владата затоа што и овозможија да покаже како се постапува во вакви ситуации, мора да се признае дека таа го положи тестот што не беше случај порано и сега опозицијата остана со прстот во уста. Ова велам за опозицијата ми е разбирливо. Ама не можам да ги разберам оние професори кои своите лични фрустрации сакаат да ги продадат како експертски став и толкување на законите. Тоа што професорот на времето не станал специјален обвинител, а требало да стане, не е виновна ниту владата, ниту премиерот, ниту пак СДСМ. Професорот знае дека пресуден момент за изборот на Катица Јанева беше согласноста на ВМРО-ДПМНЕ. Катица Јанева беше сепак избор на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што сега некој го залажува дека има повторно шанса како предлог од другата страна да биде кандидат за обвинител е веќе друго прашање. Но не може на цел глас да се вреска дека Катица немала право да ги предаде предметите на државниот обвинител Јовевски кога пишува во законот дека имала право. Е сега се сложувам, точно е дека духот на законот оваа можност ја предвидува како исклучок а не како правило. Но професоре, кога задоволувањето на правдата ќе биде загрозено, исклучокот станува правило, крајната цел и смисла не сето ова е задоволување на правдата кое можеше да биде загрозено, друго нема. Тоа е суштински да се разбере, се друго некако е гола вода, обично политичко дневно надмудрување, но во основа се работи за тоа дали ние како општество сакаме да имаме правда или сакаме да се заебаваме. За жал не сум многу сигурен дека сите сакаме правда и тоа е разликата меѓу оние кои вистински сакаат нешто да помогнат и оние ситни души кои сакаат само нешто да ќарат во матно, така идат кај нас работите.
Опозицијата сега кога ја изгуби оваа битка со „Рекет“, видоа дека не идат работите, не се руши така влада иако им ги подигнаа очекувањата на своите гласачи дека само што не паднала владата, односно ги изманипулираа, па сега смислиле нова мантра, „Разговори за обнова на Македонија“ … пази молим те. Македонија била разрушена, била во хаос па сега они ќе ја спасувале. Се прашувам само колку треба да бидеш политички дрзок за до таа мера го потцениш сопствениот народ па да му кажуваш вакви приказни. Ова е невиден мајтап. Тоа се горе доле истите луѓе кои десет години ги рушеа институциите на Македонија, ја направија заробена држава без никаква перспектива и сега они ќе ја обновеле, абе да смислеа нешто поинтересен слоган, бар да можеа нивните да им веруваат. Да, тоа се истите оние кои десет години создавааа клиенти и ситни души на кило, кои го потценија и го испокрадоа македонецот, сега они ќе разговарале за враќање на довербата, срамота. Па македонците не се глупави, Ве молам.
Христијан Мицковски ако има доблест треба да им каже искрено на своите поддржувачи и соработници како стојат работите. Треба да им каже за да знаат а не да плачат после по изборите. Планот на кој работеа минатата година за пропаст на Преспанскиот договор и блокада за влезот во НАТО не им успеа. На нивна голема несреќа а на среќа на огромното мнозинство наши граѓани и овој план на кој работеа со “Рекет“, за недобивање датум за преговори со ЕУ им пропаѓа. Се повеќе станува извесно дека добиваме датум и одиме напред. Но станува исто така се повеќе извесно и дека добивањето на датум за преговори ќе претставува и нов мандат за оваа влада на следните избори. Да бидеме објективни, оваа влада и овој премиер имаат се уште поголем рејтинг и поддршка кај граѓаните од колку опозицијата иако носеа многу тешки одлуки. На следните избори кога и да се случат ќе бидат голем фаворит за победа. Христијан треба да им каже на неговите дека оној резултат кој го освои ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во првиот круг и за кој се удираат во гради е резултат на Гордана Силјановска како претседателски кандидат, а не е на ВМРО-ДПМНЕ. Они имаа можност како партија да покажат во исто време колку вредат на вонредните локални избори во Охрид и Ново село, па таму изгубија убедливо. Оваа влада и овој премиер имаат се уште голем рејтинг и огромен кредит и кај меѓународната заедница и ако некој мисли дека инвестицијата на меѓународната заедница во еден европски премиер кој ги решава проблемите ќе ја замени со инвестиција во некој кој нуди ќорсокак и проблеми, се зафркнал многу, тој филм нема да го гледаат. Јас Ве уверувам а тоа ќе го видите и во наредните месеци, особено по посетата на државниот секретар на САД Помпео, дека САД и ЕУ веќе работат на вториот мандат на Зоран Заев за следните избори, најверојатно октомври наредната година.
Во наредниот период владата треба да продолжи со ова темпо на работа па дури и посилно. Една работа се гледа и од авион. По претседателските избори владата почна да наметнува силно темпо на работа во повеќе сектори, да работи на многу проекти значајни за граѓаните и тој бенефит иако е се уште рано почна да се чувствува кај многу наши граѓани. Се прават сериозни работи кои се доста значајни за граѓаните, кои се во функција на подобрување и олеснување на секојдневниот живот, кои не се само стиропор проекти, туку нешто многу позначајно и посуштинско. Не треба воопшто да се брза со донесување на новиот Закон за Јавно Обвинителство по било која цена затоа што од другата страна имате преговарачи кои се лично засегнати никогаш да не се донесе квалитетен закон и постојано ќе нудат непристојни предлози, тоа треба да се одбива.
Па како вели нашиот народ, со господ напред очекуваме наредниот месец датум за преговори со ЕУ и силна и недвосмислена верификација од страна на Европскиот Совет за се она што го правевме изминатиов период. До крајот на годината или почетокот на новата година очекуваме и формализирање на нашето полноправно членство во НАТО. Овие работи ќе бидат еден силен ветер во грб за нашата економија, за нашите граѓани, за нашата верба дека сепак доаѓаат подобри денови за сите нас. Оставете ги оние ситни души и мрчатори, нека врескаат дека ништо не чини, освен тоа друго и ништо не им останува.