Минаа три децении од спектакуларно изведениот атентат од убиството на судијата Фалконе, кој го посвети животот на борба со „октоподот“ на мафијата. Неговото убиство и потоа убиството на неговиот колега и пријател Борсалино, ја подигна Италија на нозе. Но, неодамна убиецот на судијата излезе од затвор!
Пред 30 години на денешен ден, сицилијанската мафија го уби судијата Џовани Фалконе со бомба која беше толку моќна што ја регистрираа и експертите кои ги набљудуваа вулкански активности на Етна.
Експлозијата, која одекна на автопатот во близина на Палермо во 17:56 часот на 23 мај 1992, ја потресе цела Италија, но го сигнализираше и почетокот на крајот на мафијата во земјата.
Анти-мафијашкиот обвинител Фалконе, неговата сопруга и тројца членови на полициската придружба беа убиени. Мафијата поставила 500 килограми ТНТ експлозив и амониум нитрат во тунел под автопатот, кој го поврзува аеродромот со центарот на Палермо. Фалконе, кој управувал со својата Фиат Крома, се враќал од Рим.
На набљудувачко место на ридот над патот, мафијаш познат под прекарот „Свињата“ го притиснал копчето на далечинскиот управувач додека минувал конвојот од три возила. Првиот автомобил од конвојот бил исфрлен неколку стотина метри од силината на експлозијата. Тројцата полицајци во него загинале на лице место.
Фалконе, чија сопруга била на совозачкото место, прикочил неколку секунди пред експлозијата и автомобилот удрил во бетонски ѕид. Неговиот возач, кој седел позади, го преживеа нападот, како и тројцата агенти во последниот автомобил. На местото на нападот денес се наоѓа „градина на сеќавањата“. Маслото од маслиновите дрвја кои растат на тоа место се користи од сицилијанските цркви за помазание на децата за време на крштевки.
ЗАКАНА ЗА МАФИЈАТА Фалконе беше голема опасноста за Коза Ностра, мафијашката структура која досегала до врвот на моќта во Италија. Токму Фалконе собра доказите од мафијашките информатори за првото големо судење во кое беа осудени стотици мафијаши во 1987 година. Во моментот кога се случи нападот, тој го предводеше одделот за кривични дела во Министерството за правда во Рим и работеше на новиот пакет анти-мафијашки закони.
Неговото убиство ја разбуди нацијата. Водечките дневни весници зборуваа за „мафијашки масакр“, а илјадници луѓе излегоа на протести во Палермо. Сите очи се свртеа кон неговиот колега и пријател, анти-мафијашкиот борец Паоло Борсалино, кој во едно интервју таа година веќе предупреди дека се соочува со огромни закани по неговиот живот.
На 19 јули, само 57 дена откако беше убиен неговиот пријател Фалконе, и Борсалино загина во напад со автомобил-бомба, со уште пет членови на придружбата. Преживеа само возачот.
Државата потоа фрли се’ во потрагата по шефот на Коза Ностра, Салваторе (Тото) Ријна, кој беше вмешан во десетици убиства во последните 20 години. Ријна беше уапсен на 15 јануари, 1993 година во Палермо.
ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ Убиствата на Фалконе и Борселино „на долг рок се покажаа како многу лоша одлука на Коза Ностра, чие раководство беше обезглавено со апсења и признанија на информанти“, вели Винченцо Черузо, автор на повеќе книги за мафијата. Десетици луѓе беа осудени за нивната улога во убиствата.
Но за дел од упатените, остануваат многу неразјаснети прашања околу убиствата на обвинителите.
НЕДОРАЗЈАСНАТ ДЕЛ Анти-мафијашкио судија во Катанија, Роберто ди Бела, вели дека иако „мнозинството сторители биле уапсени и осудени“ останал „недоразјаснет дел“. Преживеаните инсистираат дека недостасуваат коцки во мозаикот и упатуваат на тврдењето на Фалконе за „можни врски меѓу лидерите на Коза Ностра и прикриени центри на моќ“.
„Се’ уште не ја знаеме вистината за тоа кој навистина го нарача убиството на Џовани Фалконе, затоа што не верувам дека игнорантни ликови како Тото Риина можеле да организираат таков софистициран напад“, вели Анџело Корбо, еден од преживеаните телохранители. Тој вели дека не е единствениот кој верува дека меѓу мафијашите имало „луѓе во костуми и вратоврски“.
Сепак, отворањето истрага за можните „тајни налогодавци“ на нападот беше отфрлено во 2013 година.
„Нема докази за постоење на надворешни поддржувачи. Нема сомнение дека ова се дела на мафијата“, вели писателот Черузо.
Како мафијата можела да изведе толку прецизен напад? Градоначалникот на Палермо, Леолука Орландо, вели – мафијата имала помагачи: „Мафијата го спровела атентатот, но кога таа убива судија од рангот на Фалконе, тогаш знае дека има некој во државниот апарат што ќе ја заштити. Мафијата е против државата, но истовремено е и во самата држава. Таа е против банките, а работи внатре во банките. Таа е против црквата и во црквата, против општеството и во општеството. Откако мафијата го уби и судијата Паоло Борселино, се разви граѓанско движење, какво што дотогаш немаше. Поради тој гнев на граѓаните, јас бев избран за градоначалник на Палермо една година подоцна.“
МАФИЈАТА КАКО НАЦИОНАЛЕН ПРОБЛЕМ Двата атентати ја потресоа Италија и ја извлекоа од рамнодушноста. Коза Ностра стана национален проблем. Сестрата на Џовани Фалконе, Марија, вели – атентатите имаа ефект: „Тоа беше како бумеранг за мафијата, зашто со тоа почна се‘. Овој терористички атентат ги натера луѓето да речат – доста е! Под постојаниот притисок на се‘ поогорчените граѓани државата конечно мораше да реагира.“
И државата ја испрати армијата. Тоа беше најголемиот ангажман по Втората светска војна. На Сицилија во одредени моменти имаше по 12.000 војници кои и‘ беа засилување на полицијата, и тоа цели шест години. И истрагата напредуваше. Една година по атентатот е фатен човекот кој стоеше зад него – шефот на мафијата од Корлеоне, Тото Риина. Во годините по атентатите многу нешта се променија. Во училиштата одеднаш имаше нагледна политичка настава во училиштата. Младите учеа што значи да се соработува со мафијата.
Некои бизнисмени одеднаш почнаа да се противат да и‘ плаќаат пари на мафијата за „заштита“. Студентите го основаа движењето „Адиопицо“, што во превод значи „Збогум пари за заштита“.
Една од нив е и Кјара Капри, која како петгодишно дете ги преживувала последиците од бомбашките атентати.Таа во меѓувреме пишува книги за мафијата, речиси ги има завршено студиите по медицина и сака да се специјализира за форензична психијатрија, за да ги анализира профилите на извршителите. „Атентатите извршени во тие години го ставија градот во еден вид војна. Иако тогаш бев малечка, експлозијата на автопатот, подоцна убиството на Борселино, тој невиден удар, слушањето на експлозијата, тоа останува за вечни времиња“, вели Кјара.
СЕ’ СЕ ПРОМЕНИ Палермо во изминатите 30 години се промени. Водечките шефови на мафијата од тоа време се во затвор, прекинати се главните контакти, но сепак – мафија се‘ уште има. „Организираниот криминал се претвори од мафија која пука и извршува атентати во мафија во костум и вратоврска, која се крие во широчините на финансискиот свет. Денес да се бориш против мафијата е помалку опасно, но е потешко“, вели градоначалникот Орландо.
Борбата против мафијата за Марија Фалконе стана животна цел. Таа основаше фондација и ширум земјата организира предавања и средби со учениците на кои им зборува за мафијата и борбата против неа. Често се прашува што всушнст би се случило доколку брат и‘ не би бил убиен, доколку продолжел да работи и натаму: „Ако на своја страна ја имаше државата и имаше општество кое ќе му даваше поддршка, наместо да биде преплавен со завист, обвинувања, сомнежи… Што ќе се случеше во таков случај? Моето прашање е – каде би биле денеска? Можеби Коза Ностра навистина ќе беше поразена.“
Сицилијанскиот мафијаш Џовани Бруска (64), кој активираше бомба во 1992 година и го уби судијата Џовани Фалконе, лани беше ослободен од затвор по 25 години робија, предизвикувајќи тага и гнев кај роднините на луѓето што ги уби.
Бруска беше уапсен во 1996 година, четири години по нападот врз Фалконе, неговата сопруга и тројца полицајци.
Откако и се предаде на државата, тој му помогна на обвинителството да ги разбие клановите Коза ностра, пренесува „Ројтерс“.
Во времето кога беше убиен Фалконе, Италија го минуваше најлошиот период кога станува збор за борба против мафијата.
Бруска ја призна својата улога во повеќе од 100 убиства, вклучувајќи го и убиството на 14-годишниот Џузепе ди Матео, кој беше убиен бидејќи бил син на доушник од мафијата.
Марија Фалконе, сестра на убиениот судија, рече дека е тажна поради оваа вест.